Се наоѓаме во период на многу топло време со исклучително високи температури на воздухот, и тоа поради многу топлиот бран со потекло од Африка, кој зафаќа најголем дел од Европа. Со оглед на тоа што овие високи температури се особено опасни за нашето здравје, побаравме мислење од здравствен експерт, кој советува како да се однесуваме во вакви ситуации
Метеоаларм: Активирана фазата три заради превенирање на последиците од топлотниот бран
Министерството за здравство објави дека во согласност со прогнозите од УХМР, од вчера се активира фазата три заради превенирање на последиците од топлотниот бран врз здравјето на населението. Оваа фаза ќе трае до 8 јули. Истовремено, по предлог на министерството, Владата донесе неколку соодветни препораки.
– Мерките имаат цел да обезбедат континуирана и ефикасна заштита на здравјето на населението преку превентивно дејствување и соодветна институционална подготвеност – соопштија од Министерството за здравство
Според најавите на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), топлотниот бран ќе трае до средината на наредната недела. Се очекува многу топло време, каде што температурите ќе надминуваат и над 40 степени. В недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Освежување се очекува од среда, кога ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневната температура.
Во такви ситуации топлотниот удар е сериозна состојба, која најчесто настанува при изложеност на висока температура во комбинација со висока влажност на воздухот. Топлотниот удар е резултат на продолжената изложеност на високи температури, обично во комбинација со дехидратација што доведува до нарушување на системот за контрола на температурата на телото како резултат на инсуфициенција на терморегулациониот механизам на организмот.
Примарните оштетувања кај топлотниот удар се во централниот нервен систем, а се состојат од мозочен едем, дифузни точкести крвавења и некротични жаришта Се карактеризира со нарушена функција на нервниот систем, со генерализирана анхидроза, односно нарушен е одбранбениот механизам на потење, со што ќе се јави пораст на температура на телото над 40,6 Целзиусови степени.
Други клинички симптоми се: забрзан пулс, пад на крвниот притисок, задушување, повраќање, губење свест, напади, нејасен говор, промени во бојата на кожата – или зацрвенета или побледа од вообичаеното.
Предупредувачки рани знаци за појава на топлотен удар се појава на исип по кожата и мускулни грчеви, кои настануваат како резултат на недостиг од електролити. Најголем ризик за појава на топлотен удар постои при извршување физичка активност на висока надворешна температура, недоволно внесување течности со појава на дехидратација и несоодветна облека, која оневозможува изладување на телото. Топлотниот удар може да резултира со сериозни компликации врз виталните органи мозокот и срцето, како и појава на смртен исход.
Топлотниот удар е опасен по живот и бара итен медицински третман. Првата помош при појава на топлотен удар се состои во изладување на телото со ладна вода или ладни облоги, да се овозможи соодветно ладење на телото, внесување течности и соодветна стручна медицинска помош со цел да се спречи настанување компликации, односно оштетување на виталните органи, односно срцето и мозокот.
Кои мерки да се преземат за да се превенира појава на негативни здравствени ефекти при изложеност на високи температури?
Во услови на високи надворешни температури потребно е:
– да се носи тенка и светла облека;
– да се внесуваат доволно течности, со што ќе се овозможи соодветен процес на перспирација (потење) и ќе се одржува нормална телесна температура;
– да се избегнува консумирање алкохол и кофеин;
– да се избегнуваат престој и вршење физичка активност во најтоплиот период од денот;
– особено треба да бидат внимателни лицата со хронични заболувања, кои треба редовно да ја земаат соодветната терапија.
Д-р ЕмилијаХристовска,
специјалист по медицина на труд во „Прима-мед“, дел од
првата приватна општа болница „Ре-медика“