Зошто Министерството за војна на САД ги поништи акредитациите на водечките американски медиуми
- Новите прописи во САД бараат од новинарите да објавуваат само „официјални информации обезбедени од Министерството за војна и да се воздржат од користење анонимни извори во известувањето за воени прашања“. Повеќето новински редакции го оценија тоа како „напад врз новинарските слободи“ и одбија да го прифатат. Кои се аргументите на Пентагон и на официјален Вашингтон за воведените нови правила за новинарите и медиумите?
Министерството за војна на САД ги поништи безбедносните дозволи од повеќето водечки медиуми во Америка откако одбија да потпишат согласност за нови правила за соработка со Пентагон. Според весникот, новите прописи бараат од новинарите да објавуваат само официјални информации обезбедени од Министерството за војна и да се воздржат од користење анонимни извори во известувањето за воени прашања. Повеќето редакции ги оценија овие правила како „напад врз новинарските слободи“ и одбија да ги прифатат.
Безбедносните дозволи наводно се поништени за новинарите што биле акредитирани во Пентагон, по што некои медиуми соопштија дека нема да дозволат ограничувањата да влијаат на нивната работа, дури најавија и „поагресивен пристап“ во следењето на активностите на военото раководство на САД.
Десетици новински агенции одбиваат да се согласат и да работат според новите прописи
Најмалку 30 новински организации одбија да ги потпишат новите правила на Пентагон за новинарите, предупредувајќи на можноста за помалку сеопфатно известување за најмоќната војска во светот пред крајниот рок за прифаќање на новите ограничувања.
Новата политика на Пентагон бара од новинарите „да ги прифатат новите правила за пристап до медиумите, вклучително и дека би можеле да бидат етикетирани како безбедносни ризици и да им бидат одземени нивните акредитации за печат во Пентагон, доколку побараат од вработените во одделот да откријат класифицирани и одредени видови некласифицирани информации“.
Од друга страна, редакциите тврдат дека „новата политика претставува закана за слободата на печатот и дека новинарите би можеле да бидат казнети затоа што си ја вршат својата работа, која е заштитена со првиот амандман на Уставот на САД“.
Меѓу оние што јавно одбија да ги прифатат новите правила се: „Ројтерс“, „Асошиејтед прес“, „Блумберг“, „Њујорк тајмс“, „Волстрит џурнал“, „Вашингтон пост“, „Си-ен-ен“, „Фокс њуз“, „Си-би-ес“, „Ен-би-си“, „Ен-пи-ар“, „Политико“, „Атлантик“, „Њузмакс“ „Гардијан“…
Пентагон: Новинарите се преправаат дека се жртви на интернет
Главниот портпарол на Пентагон, Шон Парнел, изјави дека „новите прописи не бараат од медиумите да се согласат, туку само да признаат дека разбираат каква е нашата политика“.
– Поради ова, новинарите доживеаја целосен колапс, преправајќи се дека се жртви на интернет. Ние стоиме зад нашата политика затоа што тоа е најдобро за нашите вооружени сили и националната безбедност на оваа земја – рече Парнел.
Пентагон им даде и неколкудневен рок на медиумите да ги прифатат новите правила или да ги вратат своите акредитации и да ги напуштат своите канцеларии во зградата на Пентагон. Р.С.
Новинарите повеќе не можат слободно да шетаат низ Пентагон и мора да носат видливи новинарски легитимации и акредитации…
Пентагон сега со исти правила како и секоја американска воена база
Според новите правила, на новинарите им е забрането слободно да се движат низ поголемиот дел од Пентагон без официјална придружба. Покрај тоа, Хегсет има овластување да го прекине пристапот за оние што се обидуваат да добијат какви било доверливи информации, кои не ги одобриле за објавување.
Министерот за одбрана Пит Хегсет ги нарече барањата „здраворазумски“, додавајќи дека тие „се обидуваат да обезбедат почитување на националната безбедност“.
Тој објави на социјалната мрежа Икс дека новинарите повеќе не можат слободно да се движат низ Пентагон, дека мора да носат видливи новинарски пропусници, дека акредитираните медиуми повеќе не смеат да повикуваат на кривични дела и дека Пентагон сега има исти правила како и секоја американска воена база.
Само „Уан Америка њуз“ (ОАН) потпиша согласност
Петте големи телевизиски мрежи издадоа заедничка изјава во која се вели:
„Денес се придружуваме на речиси секоја друга новинска организација во одбивањето да се согласиме со новите барања од Пентагон, што би ја ограничило можноста на новинарите да ги информираат нацијата и светот за важни прашања од националната безбедност. Политиката е без преседан и ги загрозува основните заштити на новинарите. Ќе продолжиме да известуваме за американската војска како што секоја од нашите организации го правеше тоа со децении, почитувајќи ги принципите на слободен и независен печат“.
Дописникот на „Њујорк тајмс“ од Вашингтон, Ричард Стивенсон, наведе: „Откако новите прописи првпат беа објавени, изразивме загриженост дека тие го ограничуваат начинот на кој новинарите можат да известуваат за американската војска, која е финансирана од речиси трилион долари пари од даночните обврзници годишно. Јавноста има право да знае како функционираат владата и војската“.
Еден од условите е новинарите да признаат дека откривањето чувствителни информации може да ѝ наштети на националната безбедност на САД. Адвокатите тврдат дека според Законот за шпионажа, тоа би можело да им помогне на обвинителите ако се обидат да поднесат обвинение против новинар за откривање информации поврзани со војската.
Од друга страна, пак, конзервативниот кабелски медиум „Уан Америка њуз“ (ОАН) ги прифати новите правила.
– По темелен преглед на ревидираната медиумска политика од страна на нашиот адвокат, персоналот на ОАН го потпиша документот – изјави Чарлс Херинг, претседател на матичната компанија на ОАН, „Херинг нетворкс“. Засега нема дополнителни информации дали и други организации го потпишале документот за согласност. Р.С.
Дали и клеветите и навредите се слобода на говор и израз?!
Уште на помалку од два месеца до враќањето на претседателската функција во САД, тогаш новоизбраниот претседател Доналд Трамп ги интензивираше правните битки против медиумските куќи и издавачите што неосновано го критикуваа и импутираа. Сепак, тужбите што ги поднесе Трамп предизвикаа загриженост кај некои неолиберални кругови за „иднината на слободата на медиумите во неговиот втор мандат, особено откако тој ги нарече некои од новинарите ’непријатели на народот‘ во победничкиот говор по изборот“.
За потсетување, адвокатот на Трамп испрати писмо до „Њујорк тајмс“ и „Пингвин рендом хаус“, барајќи 10 милијарди долари отштета за наводна клевета. Писмото ги обвинува авторите на статии и книги што ја истражуваа деловната и политичката кариера на Трамп за „лажни и клеветнички изјави“. Книгата „Среќен губитник: Како Доналд Трамп го потроши богатството на таткото и ја создаде илузијата за успех“ е исто така цел на критики. Правниот тим на Трамп тврди дека медиумите со умисла го оцрниле неговиот углед и ги искривиле фактите за да ја ослабнат неговата политичка кампања.
Покрај „Њујорк тајмс“ и „Пингвин рендом хаус“, тужби од страна на правните застапници на претседателот на САД имаат и други медиуми.
Имено, „Дејли бист“ е тужена за „неточно известување за финансиските активности на Крис Ласивит“, клучен член на кампањата на Трамп. За издвојување е дека „Дејли бист“ подоцна ги коригираше информациите, но тимот на Трамп процени дека „корекцијата не била доволна“ и дека „објавените информации предизвикале сериозна штета“.
Натаму, во друг случај, претседателот на САД го тужеше „Си-би-ес њуз“, обвинувајќи ја познатата емисија „60 минути“ за манипулирање на интервјуто со неговата противкандидатка на претседателските избори Камала Харис. Во тужбата на Трамп се бара отштета од 10 милијарди долари, со образложување дека „монтираното интервју било обид за влијание врз претседателските избори“. „Си-би-ес“ ги негираше обвинувањата, нарекувајќи ги неосновани.
Исто така, Трамп поднесе тужба до Федералната изборна комисија против „Вашингтон пост“, обвинувајќи го весникот за нелегални политички придонеси кон Камала Харис.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, најави дека ќе поднесе тужба и против „Њујорк тајмс“, со која ќе бара надомест до 15 милијарди долари за клевета и навреда. Тој наведува дека „Њујорк тајмс“ е „еден од најлошите и најперверзни весници во историјата на земјата“ и дека практично станал „гласноговорник на радикално левичарската Демократска партија“. Трамп го обвини весникот дека изнесува лажни тврдења за него, неговото семејство и за неговите бизниси, но не прецизираше за какви обвинувања станува збор.
Организациите за слобода на медиумите, како што се Комитетот за заштита на новинарите (ЦПЏ) и „Репортери без граници“, изразија загриженост во врска со тужбите на претседателот на САД кон медиумите. „Репортери без граници“ толкува дека „нападите врз новинарите претставуваат напад врз правото на јавноста на информации“ и ја повикаа новата администрација „да го преиспита својот однос со медиумите“. Р.С.