Предизвикот за стабилно воспоставување на правната држава и стриктно почитување на владеењето на правото во Македонија не е актуелен само во периоди на транзиција на власта. Отстапувањето од овие принципи секогаш е предмет на забелешки во извештаите на Европската комисија (ЕК) за напредокот со реформите на институциите и државата, како принципиелен услов за напредување на патот кон ЕУ
За владеењето на правото – заради профункционирањето на државата
Наликува на низа несмасни коинциденции, но кога не би биле доведени во прашање интересот, благосостојбата и функционалноста на граѓаните, можеби случувањата, кои во речиси сите општествени нивоа практично го дерогираат системот на функционирање на државата, би можеле да се „оправдаат“ како кус меѓупериод на транзиција на власта по парламентарни и претседателски избори. Секако дека една демократски организирана држава не смее да си дозволи никаков „меѓупериод“ што макар и наликува на „црв на дерогирање на владеењето на правото“, но состојбите со кои се соочуваат македонските граѓани и државата во рамките на законските рокови за конституирање на власта имаат сериозна тенденција да создадат перцепција за одредено ниво на „системски неред“.
Спонтан, наметнат или однапред планиран и политички генериран хаос во системот?
1. Повеќе од две седмици се блокирани 12 оддели на Клиниката за хирургија во Клиничкиот центар во Скопје, што практично предизвикува хаос и во целиот здравствен систем. За цело ова време нема услови за изведување операции на оваа клиника, а итните пациенти се препраќаат во другите болници… И понатаму трае неизвесноста до кога ќе продолжи ваквата состојба, а никој не дава ни одговори на обичните прашања – колку операции се откажуваат, како ќе се надомести листата на чекање… и како сето ова се одразува врз здравјето на пациентите. Министерот за здравство Илир Демири (кој и самиот е во законски спорна ситуација со кумулација на неспојливите функции – министер и пратеник) само кусо вели дека е во исчекување на резултатите од испитувањата во Германија, но без да прецизира повеќе детали. Нема информации ниту од Јавното обвинителство, кое треба да соопшти дали утврдило елементи на кривично дело во случајот и дали ќе се поведе кривична постапка против некого… Всушност, синдромот на нефункционалниот здравствен систем, сега е најдрастично видлив преку нефункционалните сали за операција.
2. Кризата во Уставниот суд со повеќекратните неуспешни кругови на гласање за избор на претседател на оваа правна институција, која треба да претставува врвен и неприкосновен авторитет за почитување на уставноста и законитоста во државата, на мошне контроверзен начин укажува на слабостите со владеење на правото.
Но ваквиот период, во кој се чини дека се кумулираат ситуации и состојби на неодговорно однесување на носителите на власта, го наметнува прашањето: Што треба да се направи во Македонија за да функционира државниот систем, односно тој да биде функционален, без оглед на стресот на системот со секоја промена во власта?
3. Препишувањето на учениците на матурскиот испит по македонски јазик (и поништувањето на испитот) е уште една „кулминација“ на сите потфрлања со реформите во образованието во изминативе шест-седум години. „Снаодливоста“ на матурантите за мамење со помош на современите комуникациски технологии е своевиден ироничен „успех“ на онлајн образованието на кое беа насочени генерациите ученици што сега матурираат и тенденцијата за електронски учебници што се настојува да се наметне. Очигледно учениците ги совладале новите технолошки алатки, но не и знаењето и етиката што би требало да ги стекнат во текот на образовниот процес (?!)
4. Во овој постизборен меѓупериод со техничка влада до избор на политичка, политичарите Талат Џафери и Илир Демири направија сериозен предизвик за владеењето на правото. Антикорупциската комисија (ДКСК) реагираше дека избраните функционери мора да го почитуваат Уставот и законите и потсетија дека пратеничката функција е неспојлива со која било друга јавна функција. Од друга страна, Талат Џафери како технички премиер и Илир Демири како министер за здравство, чии мандати беа верификувани на конститутивната седница, не се повлекоа од ниту една од функциите…
Периодот на транзиција на власта – предизвик за (идната) правна држава
За волја на вистината, предизвикот за стабилно воспоставување на правната држава и стриктно почитување на владеењето на правото, во Македонија не е актуелен само во периоди на транзиција на власта. Отстапувањето од овие принципи секогаш е предмет на забелешки во извештаите на Европската комисија (ЕК или т.н. европска влада), за напредокот со реформите на институциите и државата, како принципиелен услов за напредување на патот кон ЕУ. Но ваквиот период, во кој се чини дека се кумулираат ситуации и состојби на неодговорно однесување на носителите на власта, поакутно го наметнува прашањето: Што треба да се направи во Македонија за да функционира државниот систем без оглед на промените во власта?
– Во голема мера, сите наведени ситуации во општеството што ја загрозуваат функционалноста на граѓаните и на системот се резултат на неодговорноста на претставниците на власта во заминување. Неприфатлив е тој деструктивен манир на однесување при транзиција на власта и настојување да се создадат повеќе предизвици и проблеми на оние што треба да ја преземат власта. Уште понеприфатливо е што цената за таквата неодговорност, поставување одредени политичари над системот и законите, всушност е секогаш на штета на граѓаните. „Лекот“ за ваквите состојби е само стриктно почитување на системот и владеење на правото. Законите се направени за системот да функционира непречено, без оглед на политичките движења и промени во државата. Тоа што одредени политичари при заминување од позициите се наметнуваат над системот на владеење на правото, само ги покажува карактерот и начинот на функционирање на политичките субјекти на кои им припаѓаат. На тој начин тие не ги почитуваат Уставот и законите на Македонија, а тоа апсолутно треба да се санкционира! Никој не смее да биде над принципите на правната држава – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.