Илустрација: „Нова Македонија“

Финансиските предизвици наспроти амбициите на Алијансата, тежишна тема на самитот во Вашингтон

Се засилуваат апелите во НАТО за амбициозно зголемување на целите за вложување во одбраната, во однос на постојните два отсто од националниот БДП, и покрај тоа што одредени сојузнички значително заостануваат во исполнување на тековните обврски кон Северноатлантската алијанса. Се очекува 23 од 32 членки на НАТО годинава да ја постигнат целта од два отсто, во однос на 2021 година кога тоа го сторија само шест.

Но одредени членки во Алијансата се сѐ поригорозни во својот став и ја сметаат ваквата состојба за незадоволителна, тврдејќи дека сегашните вложувања не се доволни за финансирање на одбранбените инвестиции на Европа во поглед на актуелните геополитички предизвици во кои спаѓа и војната во Украина. НАТО-сојузничките ја земаат предвид и можноста за враќање на Доналд Трамп во Белата куќа, знаејќи дека тој во претходниот мандат како претседател на САД беше остар критичар на оние што не ги исполнуваат финансиските обврски кон воениот сојуз. Токму затоа тридневниот самит на НАТО во Вашингтон во голема мера беше искористен и за зголемување на притисокот врз државите што не вложуваат доволно во одбраната.

Македонскиот премиер го потврди придонесот на Македонија кон НАТО

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Вашингтон потврди дека Македонија продолжува со исполнување на обврските кон НАТО, односно оти минимум од два отсто од домашниот БДП ќе бидат инвестирани во модернизација на АРМ.
– Како држава сме подготвени да го дадеме својот придонес за сето она што претставува вредност. Тука сме заедно со нашите сојузници да ја потврдиме нашата посветеност, како и досега така и во иднина. Ќе ги промовираме мирот, стабилноста и владеењето на меѓународното право. Остануваме посветени на исполнување на обврските, односно минимум два проценти од БДП да бидат инвестирани во модернизација на нашата армија – истакна Мицкоски.

Македонија во државниот буџет за годинава, за потребите на одбраната има предвидено 263 милиони долари, што претставува 2,22 отсто од БДП на земјата, како што беше посочено во најновиот извештај на НАТО за одбранбените трошоци на членките. Македонија со издвоените пари за одбраната е на 11-то место според висината на стапката на средствата од БДП. Згора, Македонија за набавка на опрема за годинава предвидела 29,3 отсто од вкупните трошоци издвоени за одбраната, со што го надминува утврдениот праг на НАТО од 20 проценти.

Шпанија е на дното, Полска вложува најмногу

Шпанскиот премиер Педро Санчез важи за цврст поддржувач на Украина при нејзините напори во војната, но неговата реторика е во спротивност со оскудните вложувања за одбрана на Шпанија, кои се најниски меѓу членките на НАТО. Се проценува дека четвртата најголема економија во Европската Унија годинава ќе издвои 1,28 од БДП за воениот буџет. Санчез вети дека вложувањата ќе достигнат два отсто до 2029 година, но се соочува со тешкотии за реализација на ветувањето поради пацифистичката наклонетост на шпанскиот народ и двопартиската аверзија кон милитаризмот на домашната политичка сцена. Незначително подобри од Шпанија се Италија со вложувања 1,49 отсто и Португалија со 1,55 отсто, а надвор од „клубот на исполнителните трошаџии“ се Канада (1,37), Белгија и Луксембург (1,3 отсто и 1,29 отсто), заедно со Словенија (1,29 отсто) и со Хрватска (1,81 отсто).

Шпанија и Португалија останаа без основа за брзо засилување на воените капацитети поради недоволните вложувања, а нивно оправдание за слабото финансирање е дека Европа не се соочува со сериозна воена закана. Хрватска и Словенија, пак, бараат општа заштита од НАТО, но самите држави не гледаат никакви непосредни закани по нивната безбедност. Во Италија пречките се пред сѐ економски. Министерот за одбрана Гидо Кросето се пожали дека затегнатите финансии и строгите правила на ЕУ за финансиски дефицит ја спречуваат земјата да ја постигне целта за трошење на НАТО.
Белгија е домаќин на седиштето на НАТО, но тоа не придонесе за нејзините вложувања во одбраната.
– Безбедност, да! Но, не на сметка на социјалната заштита! – напиша неодамна белгиската министерката за одбрана Лудивин Дедондер, на социјалната мрежа Икс. Белгија има цел да го достигне прагот од два отсто до 2035 година, но приоритетите би можеле да се променат во зависност од тамошната власт.

Луксембург, пак, има БДП од околу 85 милијарди долари, но бројноста на тамошниот воен персонал е само 900. Меѓутоа, земјата сака да истакне дека по жител троши повеќе од голем дел од членките на НАТО.

Една од 12-те основачки членки на НАТО, Канада, во 2014 година се обврза дека ќе потроши два отсто од БДП за одбрана, но не успеа да ги исполни целите за домашни воени трошоци, ниту барањата за финансирање за нова опрема.

Според процените на НАТО за годинава, Полска втора година по ред ќе биде главен трошач, издвојувајќи 4,1 отсто од БДП, а потоа следуваат Естонија со 3,43 отсто и САД со 3,38 отсто.

Притисокот врз штедливите членки ќе расте

Кога лидерите на НАТО се собраа во Велс пред една деценија, тие се согласија да го подигнат нивото на воени трошоци на два отсто од националниот БДП до годинава. И за малку ќе успеаја во таа цел, пишува „Политико“. Реализацијата на зацртаниот план, тогаш, всушност и не беше очекувана, бидејќи целта не беше правно обврзувачка, а принудувањето на десетици земји да трошат повеќе обично не успева доколку нема санкции. НАТО сега врши дополнителен притисок врз оние сојузници што сè уште не издвојуваат два отсто од БДП, нагласувајќи ја потребата за фер споделување на товарот со САД, што беше особено јасно нагласено од Доналд Трамп, веројатниот републикански претседателски кандидат, кој во една пригода истакна дека дури ќе ја „охрабри“ Русија „да им прави што сака“ на земјите што се неисполнителни при целите на НАТО. Членките на НАТО, претходно, исто така ветија дека до годинава најмалку 20 отсто од нивните одбранбени трошоци треба да одат на набавка и развој на воена опрема.

Притисокот врз овие земји само ќе се зголемува, поттикнат од зголемените безбедносни закани, застојот во војната во Украина и можноста Трамп да се врати во Белата куќа. За време на самитот во Вашингтон, сојузниците се очекува да разговараат за ова прашање, но Европејците тврдат дека долгогодишните поплаки од Вашингтон дека не придонесуваат доволно за воената алијанса повеќе не ја одразуваат вистинската состојба.
– Американските експерти за надворешна политика секогаш го даваат истиот аргумент, дека Европејците не плаќаат за нивната одбрана, но ние трошиме за одбрана – вели Едвард Хантер Кристи, виш научен соработник во Финскиот институт за меѓународни прашања и поранешен функционер на НАТО. Н.М.