Шредингеровата мачка и летото Господово 2025

  • Желбата да тагувам и плачам ме потсети на двете фрески „Оплакување Христово“ – првата насликана во 1164 година на внатрешните ѕидови на црквата „Св. Пантелејмон“ во Горно Нерези и втората насликана околу 1305 година од италијанскиот уметник Џото на внатрешните ѕидови на капелата Скровењи во Падова.
  • … ние сме во уште поголема кутија, покривот на куќата во која се наоѓам се отвора, исто како капакот на кутија, во куќата влегува светлина на ѕвездата од Кутлеш и конечно, препознавајќи ја музиката, читам за настанот: „Меѓународен ден за осуда и спречување на геноцидот врз Македонците“. Смирен сум, гледам го одбравме патот. Решив, ќе одам на настанот: ако сакаме сигурност, мора сами да ја создадеме!

Седумнаесетти јуни, лето Господово 2025 година. Светот во којшто живуркаме им пркоси на логиката и разумот, а кога се движам, што е ретко, тоа го правам бавно и безволно низ пејзажот во којшто доминира апсурдот. Светот не е само апсурден туку и неподносливо топол, а Македонија е навидум на работ на согорување. Секојдневните предмети, од компјутерите до клима-уредите, зрачат неподнослива топлина, па дури и човечките контакти жарат. И покрај напорите да го рационализирам овој феномен, изворот на угнетувачката топлина за мене останува недостижен, заканувајќи се да го раствори, разнебити, разложи мојот свет. Односите се распаѓаат во најбуквална смисла, паровите физички се распаѓаат на делови што се движат независно еден од друг, додека среде хаосот се борам со огромно чувство на загуба, креативна блокада, неискажана тага, колективна траума. Дома сум. Во скут галам мачка – чудно и неразбирливо, таа сепак можам да ја држам во скут. Тагувам. Не знам зошто. Непозната музика во заднина ме тера да посакам да плачам, мислам дека мачката знае зошто посакувам да плачам, но не може да ми каже. Желбата да тагувам и плачам ме потсети на двете фрески „Оплакување Христово“ – првата насликана во 1164 година на внатрешните ѕидови на црквата „Св. Пантелејмон“ во Горно Нерези и втората насликана околу 1305 година од италијанскиот уметник Џото на внатрешните ѕидови на капелата Скровењи во Падова.
Ѕвончето заѕвони и влегува Петар. Тој е физичар. Петар знае дека имам мачка, но тој мојата мачка ја поистоветува со Шредингеровата мачка – замислена мачка што учествуваше во еден мисловен експеримент предложен од Ервин Шредингер точно пред деведесет години – во летните месеци 1935 година. Петар, појаснувајќи го експериментот, инсистира на него: треба да ја ставиме мачката во кутија, што тој ја донесе. Кутијата содржи квантно-механички уред што или ќе пука (и ќе ја убие мачката) или нема да пука во мачката откако таа ќе влезе внатре и капакот ќе се затвори. Експериментот иницира сценарио што создава чудна двојност – мачката постои истовремено во состојби на живот и смрт сè додека кутијата не се отвори, по кревањето на капакот двете можности колабираат во една единствена реалност. Објаснува:

– Не можеме да ја предвидиме состојбата на системот. Не можеме! Бог се коцка со светот! Значи, ако сакате сигурност, каква било сигурност, мора сами да ја создадете!
– Како? – го прашав.
– Со кревање на капакот на кутијата, се разбира – рече Петар.
Петар продолжува да објаснува. Атомските честички, електроните на пример, не се опишуваат како мали, самостојни објекти што се движат низ вселената. Тие се опишуваат со квантни бранови функции, кои доловуваат еден сосема чуден аспект од нивното однесување. Под одредени околности, овие честички може да се однесуваат и како бранови. Честичките имаат маса. По својата природа, тие се „тука“: тие се локализирани во просторот и остануваат локализирани додека се движат од тука до таму. Многу честички во мал простор се однесуваат како топчиња – се судираат, движејќи се во различни насоки. Брановите, од друга страна, се шират низ просторот – тие се „нелокални“. Според принципот на суперпозиција, ако два или повеќе брана од ист тип се сретнат во истата точка, резултантната амплитуда во таа точка е еднаква на (векторски) збир од амплитудите на поединечните бранови – тоа е интерференција. Шредингер го предложи терминот „преплетување“ за да го опише мисловниот експеримент. Ако објаснувањето го прошириме на уредот и мачката, тогаш, како што објаснува Шредингер, брановата функција е суперпозиција на квантно-механичкиот уред што се активира и мртвата мачката, од една страна, и квантно-механичкиот уредот што не се активира и живата мачка, од друга страна. Живата мачка и мртвата мачка така изгледаат „измешани или размачкани во еднакви делови“. Не се слагам со неговото објаснување, се прашувам: Зошто човечкото набљудување го менува исходот? Петар, копнеејќи по дефинитивни одговори, инсистира на својата потреба да верува дека космичката случајност го регулира постоењето.
Дали можеме барем да ја предвидиме судбината на мачката пред да го кренеме капакот? Квантната теорија вели: не, не можеме. Според прифатеното толкување, суперпозицијата на двете можности ги одразува релативните веројатности за добивање на едната или другата. Но овие веројатности се претвораат во реални исходи само кога се претпоставува дека брановата функција се урива, кога суперпозицијата на едната и другата можност се трансформира во едната или другата реалност.
Се чини дека чинот на гледање буквално ја убива мачката, или не? Ова не е исто како фрлање „фер“ паричка и добивање писмо или глава со еднаква веројатност. Се разбира, додека паричката се врти низ воздухот, таа не се опишува како суперпозиција на писмо и на глава, иако во принцип ништо не нè спречува да го правиме тоа. Не го правиме, затоа што знаеме дека обете страни на паричката продолжуваат да постојат непроменети додека ја фрламе во воздух, додека се врти и паѓа на земја.
Но, ова не е начинот на кој функционира квантната механика. Привлечноста на овој експеримент лежи во прашањата „што ако“ што експериментот ги предизвикува, охрабрувајќи нè да размислиме за последиците од нашите избори. Што ако избереме да не гледаме? Нашата одлука да го кренеме капакот е многу слична на средба со раскрсница на патот. Избираме патека. Американскиот поет Роберт Фрост ја избира патеката по која помалку се оди. Но, што ако го избереме другиот пат? Филмот „Лизгачки врати“ („Sliding Doors“, 1998 г.) раскажува две паралелни приказни, едната што се одвива кога хероината го пропушта својот воз во лондонското метро, а втората што се одвива кога таа успева да се качи во него. Нејзиниот живот се одвива многу поинаку, во зависност од тоа дали таа ќе се качи на возот.

Тоа што еден таков момент може длабоко да го промени текот на нашата иднина е длабоко вознемирувачко.
На прв поглед се чини дека нема ништо посебно во чинот на кревање на капакот. Но дали е така? Дали кога се крева капакот, всушност, ние не стануваме дел од поголем систем, заробени во многу поголема кутија што ја нарекуваме реалност? Ако е така, кој гледа? И што ќе се случи кога ќе се крене капакот? Бидејќи никој досега не го доживеал морничавото чувство на коегзистирање со повеќе верзии од себе, дали можеме понатаму да претпоставиме дека чинот на кревање на капакот го „дели“ универзумот на две паралелни верзии? Тогаш, во еден универзум, една верзија од вас набљудува мртва мачка, но во друг универзум, друга верзија од вас набљудува жива мачка. Тогаш, нема морничаво чувство бидејќи овие различни универзуми се разделени, а вие сте целосно несвесни за другите паралелни верзии од себе.
Продолжуваме да дебатираме за етичноста на експериментот. Мачката, слушајќи ги бесмислените дебати, ја сфаќа сериозноста на ситуацијата, скока во кутијата и ја затвора. Со Петар го чекаме исходот на експериментот со задржан здив. Времето поминува… се разденува… пристига осумнаесетти јуни лето Господово 2025.
По кревање на капакот – кутијата е празна, мачката е мистериозно отсутна, превртувајќи ги очекувањата. Во тој момент, нели ние сме во уште поголема кутија, покривот на куќата во која се наоѓам се отвора, исто како капакот на кутија, во куќата влегува светлина на ѕвездата од Кутлеш и конечно, препознавајќи ја музиката, читам за настанот: „Меѓународен ден за осуда и спречување на геноцидот врз Македонците“. Смирен сум, гледам го одбравме патот. Решив, ќе одам на настанот: ако сакаме сигурност, мора сами да ја создадеме!