Фото: „Нова Македонија“

На 25 мај 1945 година, грчка воена единица, стационирана во селото Смрдеш, Костурско, во Егејска Македонија, денес во Грција, претепала немилосрдно повеќе мажи и жени од истото село и му забранила на населението да зборува на македонски јазик. Извори за весникот „Нова Македонија“ (Македонци од Егејска Македонија, кои инсистираат да останат анонимни) тврдат дека „забрана за користење на македонскиот јазик се случила и овој мај, 80 години по немилиот настан во Смрдеш, Костурско. Со таа разлика што овој пат немало никакви физички инциденти“…

Скандалот токму на 25 мај, предизвикан од атински АЕК, и неодигрувањето на европското ракометно финале во Македонија не се осамен инцидент во историјата

Како и секоја година така и годинава, Македонците во малото гратче Соровичево, на грчки јазик преименувано како Аминтео, планирале да го одржат вообичаениот панаѓур на 21 мај, кога се празнува Денот на Светите Константин и Елена како слава на Соровичево. Панаѓурот и славата биле забранети. Иако во забраната, издадена од општината, не е наведено воопшто никакво прашање за јазик, сепак, Македонци жители од Соровичево велат дека токму користењето на македонскиот јазик, како и исполнувањето песни на славата, било причина да се спречи овој, како што нагласуваат тие, пред сѐ културен настан. Овие два настана, едниот од 1945 година, а другиот од 2025 година, го реактуализираат прашањето на третманот на македонскиот јазик во Егејска Македонија, во Грција. Дел на ова досие е и случајот кога грчките власти на 15 декември 1945 година во костурското село Нестрам, во Егејска Македонија, изведоа пред суд 61 Македонец со обвинение дека своите деца ги учеле да читаат и да пишуваат на својот мајчин македонски јазик.
Во врска со забранетиот панаѓур и слава по повод христијанскиот празник Светите Константин и Елена, кои требаше да се одржат на 21 мај 2025 година, но беа забранети, барем засега, соговорниците на „Нова Македонија“ посочуваат: „Членови на две грчки националистички партии најдоа некои бирократски изговори и преку општината го забранија овој настан, оваа слава, што е културен настан. Наводно, демек организаторите немале потребни дозволи и друго, а забраната беше издадена без да споменуваат ништо конкретно за јазикот. Но, сепак, причината за забраната беше токму говорењето и употребата на македонскиот јазик преку одбележувањето на славата тој ден, преку панаѓурот, преку пеењето песни. Тие воопшто не нѐ сакаат нас, Македонците овде во Егејска Македонија, ниту сакаат да правиме вакви манифестации и настани. Сепак, клубот и луѓето, кои го организираат настанот, пак ќе ги побараат конкретните дозволи од општината и ќе ги одржат панаѓурот и селската слава во Соровичево во наредните седмици. Инаку, панаѓури Македонците прават секогаш во деновите во текот на годината кога има селски слави насекаде низ Егејска Македонија“.
Во својата научна статија со наслов „Борбата на Македонците од Егејска Македонија за примена на македонскиот литературен јазик“, издадена од Здружението на историчари на Македонија, македонскиот револуционер, историчар и публицист Ристо Кирјазовски изнесува серија изворни научни факти за оваа проблематика.
– Борбата на Македонците од Егејска Македонија за свој мајчин македонски устен и писмен јазик продолжи и по нивното потпаѓање под грчката власт во 1912-1913 година, но во многу посложени и потешки услови.

Покрај присилните иселувања и други активности, кои имаа цел да го изменат националниот состав на Егејска Македонија, беа вршени масовни апсења и интернирања на островот Скопелос и на други острови на истакнати борци – Македонци и беа забранувани секаков вид културни активности и манифестации на македонски јазик. Меѓутоа, Македонците, верни наследници на своите предци, ja продолжија борбата. Една од причините што ja натера грчката влада во 1925 година да го испечати македонскиот буквар наречен „Абецедар“, наменет за македонските училишта, што требаше да бидат отворени, беше борбата на Македонците за свој јазик и училишта. Во септември 1925 година во Атина е составен и објавен букварот на македонски јазик „Абецедар“, печатен на латиница, на македонски јазик, на леринско-костурски дијалект. Букварот е составен на основа на одлуката на Министерството за просвета на Грција со цел да се спроведат одредбите на меѓународниот договор за заштита на малцинствата, а бил наменет за употреба во основните училишта за македонските деца во Егејска Македонија. Но, букварот не е пуштен во продажба. Toj бил запленет од страна на грчката полиција и запален. Поради острото реагирање на грчките реакционерни кругови букварот не беше искористен, ниту беа отворени училиштата. Покрај ова, беше оневозможувана и каква било манифестација врз македонска национална основа, или во прилог на македонскиот национален идентитет – истакнува Ристо Кирјазовски во својата статија, кој е, инаку по потекло од костурското село Граче, од Егејска Македонија.
Неговите пишувања се дотолку позначајни, бидејќи имаат и карактер на автентични лични сведоштва, бидејќи бил партизан во Народноослободителниот фронт на Македонците од Егејска Македонија и учесник во Граѓанската војна во Грција, покрај тоа по преминувањето во 1949 година во Република Македонија како историчар целиот живот го посветил на научната работа во Архивот на Македонија и Институтот за национална историја во Скопје.
Во својата книга со наслов „Македонците во Грција“, објавена во 2001 година, Донче Тасев со безбројни факти и историографски податоци ги има опишано сите напори за елиминирање на македонскиот јазик како столб на македонскиот идентитет во Грција. Тасев истакнува: „Во 1927 година бил донесен посебен декрет, врз основа на кој сите цркви биле педантно прегледани и прекрстени со грчки имиња, црковните натписи биле отстранети, а пронајдените црковни, или световни книги биле уништени.. и покрај сите мерки за потиснување на употребата на македонскиот јазик и уништување на македонската култура, во некои околии ефектот бил обратен. Во повеќе натписи во грчките весници било укажувано дека македонското население и покрај сите присилни мерки и забрани не го употребува грчкиот јазик. Разните повици по дневните весници и целата кампања против употребата на македонскиот јазик придонеле да се појават неколку грчки националистички организации, чија цел била да го заплашуваат и да го тероризираат македонското население, кое не го употребувало грчкиот јазик. Такви организации кои функционирале во овој период биле ‘Грчко-македонска тупаница’ и ЕЕЕ (Национално обединување на Грција). Организацијата ‘Грчко-македонска тупаница’ во 1926 година упатила предупредување до Македонците во еден циркулар, во кој строго ја забраниле употребата на ’бугарското јазично наречје’, во јавниот и приватниот живот. Диктатурата на Метаксас“.

Со оглед на концизноста и сеопфатноста на третманот на прашањето за македонскиот јазик во Грција во оваа книга на Донче Тасев, „Нова Македонија“ се задржува уште на два сегмента од книгата, во која натаму со конкретни примери се укажува на тешките страдања што ги доживувале Македонците во Егејска Македонија само затоа што го говореле својот мајчин македонски јазик: „Диктатурата на Јоанис Метаксас траела од август 1936 година сѐ до неговата смрт во април 1941 год. Со воведувањето на Метаксасовата диктатура за македонскиот народ од Егејска Македонија започнал еден од најтешките периоди. Генералот Метаксас строго ја забранил употребата на македонскиот јазик, не само во секојдневниот живот туку и во рамките на семејството. За секој македонски збор искажан јавно, надвор или во кругот на семејството, следувале тешки казни. Своите цели спрема Македонците режимот почнал да ги остварува со забраната за употреба на македонскиот јазик, јавно и приватно. Во таа насока е и доверливата директива од 1936 година, испратена од Генералниот гувернер на Северна Грција до сите локални совети да се придржуваат до мерките за забрана за употреба на македонскиот јазик. Оние, кои биле забележувани како зборуваат на македонски јазик, биле казнувани со пиење рициново масло, затвор, или внатрешен прогон. Се смета дека во периодот 1936-1940 година, поради употребата на македонскиот јазик, биле казнети, затворени, или прогонети околу 5.250 Македонци. Македонците, кои биле затворани, биле испраќани во специјалните затвори на Пилос, Акронавплија, Хиос и Гавдос, додека оние, кои биле прогонувани, биле испратени на островите Крит, Хиос или Крф. Режимот на Метаксас организирал ноќни училишта за Македонците, каде тие биле обврзани да учат, да читаат и пишуваат на грчки јазик, а едновремено ја изучувале и грчката историја. Меморандумот за преименување на македонскиот јазик од 1948 година“.
– Од посебно значење за Македонците во Грција е Меморандумот за преименување на македонскиот јазик од 1948 година на Филипос Драгумис од 1948 година, доставен до Генералштабот на војската на Грција, насловен како „За пограничното бугарофонско население“. Меморандумот претставувал одговор на прашањето од воениот врв до Драгумис за „карактерот на словенскиот јазичен дијалект, употребуван во селата во Северна Грција“. Во тој документ се предложени конкретни мерки до грчките власти за да исчезне конечно потребата од споменување на проблемот со македонското малцинство и името македонски јазик – има напишано Донче Тасев во својата историографска книга.

– Сепак, и покрај сите остри мерки на притисок, како што беше отворањето вечерни училишта за возрасни за учење на грчкиот јазик, затворањето и интернирањето поголем број Македонци и др., со што се целеше на целосна асимилација на Македонците, тие не ги дадоа очекуваните резултати. Македонците го издржаа притисокот и го зачуваа македонскиот национален бит – заклучува Ристо Кирјазовски во својата спомената научна статија.
Да се вратиме на сегашноста и да завршиме со неа. Македонците од Егејска Македонија – соговорници на весникот „Нова Македонија“, велат дека во Грција денес не функционира Центарот за македонски јазик, кој грчки суд го легализира, но потоа истиот суд и го забрани.
– Функционира само невладината организација што се вика „Крсте Мисирков“ и тие слободно одржуваат одреден фонд на часови на македонски јазик, ама преку интернет. Инаку, денес македонскиот јазик го говорат Македонци главно во Леринско, Костурско, Воденско, Негушко, Соботско. Борбата за нашиот македонски мајчин јазик продолжува, таа никогаш и не престанала. Ние сме Македонци, со свој македонски идентитет и овде во Грција, во Егејска Македонија, тие не успеаја никогаш да ни го уништат, ниту успеаја да ни го одземат правото да го зборуваме јазикот на своите македонски предци – заклучуваат соговорниците на „Нова Македонија.

Свето Тоевски