
Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, кој се празнува на 24 Мај, беше одбележан во текот на изминатиот викенд на настан со богата културна програма во македонската амбасада во Пекинг. А неколку дена претходно македонскиот амбасадор во главниот град на Кина, Сашко Насев, одржа предавање на Универзитетот за странски студии во Пекинг, за чествување на 80-годишнината од стандардизацијата на македонскиот јазик. Овие активности се во рамките на културната дипломатија што служи за зближување на кинескиот и македонскиот народ, преку меѓусебно запознавање со нивните култури
Богатото културно наследство создава мост помеѓу Македонија и Кина
Стиховите на „Везилка“ од Блаже Конески слушнати деновиве во Пекинг, во одреден миг, се чинеше дека ја скратија далечината од илјадници километри помеѓу Кина и Македонија. Македонска песна побуди емоции и интерес меѓу Македонците и Кинезите, како и меѓу другите гости присутни при нејзината рецитација во Амбасадата на Македонија во Пекинг, истовремено покажувајќи ја моќта на културата за поврзување на народите. Изведбата на „Везилка“ беше во рамките на настан одржан изминатиот викенд во македонската амбасада во Пекинг, по повод одбележување на Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, кој се празнува на 24 Мај. А неколку дена претходно македонскиот амбасадор во Кина, Сашко Насев, одржа предавање на Универзитетот за странски студии во Пекинг, за чествување на 80-годишнината од кодификацијата на стандардниот македонски јазик.
– Сега е време за интеграција меѓу цивилизациите. Се отвора врата за богатото културно наследство да создаде мост помеѓу Македонија и Кина – истакна амбасадорот Насев при обраќањето на Универзитет за странски студии во Пекинг на темата „Македонската современа драма и поезија“.
По предавањето на македонскиот дипломат од кариера, присутните изразија интерес да дознаат повеќе за делата и за дејноста на Војдан Чернодрински, Васил Иљоски, Антон Панов, Ристо Крле, Блаже Конески, Горан Стефановски, Венко Андоновски…, со чија содржина тој накратко ги запозна. Внимание привлече и моментот кога амбасадорот Насев заедно со неколкумина кинески студенти, прикажа како изгледа орото „Тешкото“.
Желбата на Кинезите да осознаат странски култури се забележува секојдневно во Пекинг, каде што веројатно се присутни сите светски нации, во што се уверив и самиот во повеќе наврати, кога ме прашуваат за македонскиот јазик при неговото слушање, како и за државата од која доаѓам. Таквата љубопитност беше особено изразена на настаните посветени на македонскиот јазик и култура во Пекинг.
– Ми се допаѓа начинот на кој културата тече низ комуникацијата меѓу луѓето – кажа кинеска студентка меѓу присутните во македонската амбасада.
Во таа пригода студенти по македонски јазик од Универзитетот за странски студии во Пекинг ги рецитираа стиховите на „Букви“ од Гане Тодоровски, „Глаголица“ од Анте Поповски, додека ученици и професори од меѓународното училиште „Цингхуа“ и Британското училиште во Пекинг ги кажуваа стиховите на „Т’га за југ“ од Константин Миладинов, „Ветрот носи убаво време“ од Ацо Шопов и „Тешкото“ од Конески. Некои од песните беа рецитирани на повеќе светски јазици, меѓу кои и на кинески, англиски и на шпански.
Настанот беше збогатен со музичка изведба на „Македонско девојче“ на труба, од страна на Адам Матејек од САД, како и со традиционален кинески танц. А гостите, меѓу кои беа претставници на дипломатскиот кор, на бизнис и на научната заедница, имаа можност да пробаат и традиционални специјалитети од македонската кујна, како и македонско вино. Модераторка на двата настана посветени на македонскиот јазик и литература беше Рената Пенчова, лекторка што предава на Универзитетот за странски студии во Пекинг, каде што се изучува и македонскиот јазик.
Како што конците испарани од срцето везат песна во стиховите на Конески, така можат да создадат и невидлива нишка што дополнително ќе ги поврзе кинескиот и македонскиот народ, преку културната дипломатија што се одвива и во рамките на активностите на македонската амбасада во Пекинг.

прикажа како изгледа орото „Тешкото“
Професор Ма Шишу: Ќе продолжам со напорите за продлабочување на пријателството помеѓу Македонија и Кина
Внимание привлече и обраќањето на универзитетскиот професор и научник на Кинеската академија за општествени науки Ма Шишу (88), кој важи за најпознат кинески балканист и македонист, а кој докторирал на Институтот за историја при УКИМ во Скопје во 1985 година.
– Многу сум среќен што сум тука. И пред околу 20 години присуствував на активности на Амбасадата на Македонија во Пекинг. Се надевам дека со поддршка на македонската амбасада ќе имаме уште многу пригоди да дознаеме повеќе за Македонија. Многу сум среќен што сум првиот Кинез што се стекнал со титулата доктор на науки на универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Работев на докторската дисертација од 1982 до 1985 година и навистина сум благодарен за тогашната поддршка на Македонија и на македонскиот народ. Имам 88 години, но ќе продолжам со напорите за продлабочување на пријателството помеѓу Македонија и Кина – порача професорот Ма Шишу. М.Ж.