Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, соопшти дека пожарите предизвикале голема опасност по селата и населението, како и дека едно лице починало. Згора, тој укажа дека неколку пожари се намерно подметнати, а за таквата појава алармираа и од ТППЕ-Прилеп
Сѐ повисоко ниво на опасност од шумските пожари низ земјава
Изгорени куќи, загрозен манастирски комплекс и евакуација се забележани низ различни предели на земјава при справувањето со вкупно 46-те пожари што биле забележани во текот на завчерашниот ден, според информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, соопшти дека пожарите предизвикале голема опасност по селата и населението, како и дека едно лице починало. Згора, тој укажа дека неколку пожари се намерно подметнати, а за таквата појава алармираа и од ТППЕ-Прилеп.
Бил загрозен манастирски комплекс под Маркови Кули
Постоела опасност пожарот во околината на Прилеп да го загрози и манастирскиот комплекс „Свети Архангел Михаил“ под Маркови Кули, но со брза интервенција и максимално залагање на прилепските пожарникари, кои не дозволиле префрлање на огнот, пламените јазици се ставени под контрола. Од ТППЕ-Прилеп велат дека огнот завчера попладне избувнал откај селото Дабница, по што се проширил во два крака, при што била зафатена површина од околу 150 хектари.
– Најпрво пожарот избувна откај Дабница, потоа се прошири во уште еден крак, кој откај Зеленик отиде до Заград. Првиот крак го изгаснавме, сѐ уште тлее и чади во другиот дел. Затоа имаме поставено пожарникари да ја следат состојбата – велат од ТППЕ-Прилеп.
Постоела опасност од пожарот да биде загрозен и манастирскиот комплекс „Свети Архангел Михаил“ под Маркови Кули, но пожарникарите не дозволиле да се префрли огнот, од кој биле зафатени трева, грмушки и малку смрека, бидејќи теренот е карпест. А во интервенцијата на пожарникарите им помагало и месното население.
Од ТППЕ потенцираат дека ветрот што дува прави големи проблеми и затоа екипите се на терен и додаваат дека летово во просек дневно имаат по десетина повици за пожари. Оттаму сметаат дека некои се намерно предизвикани, некои ненамерно, а од Општина Прилеп апелираат до граѓаните за поголемо внимание.
– Неконтролираните пожари се сериозна закана за нашите отворени простори, а уште полошо, можат да загрозат населени места, објекти и манастирски храмови – потенцираат во апелот од Општината.
Изгорени куќи во Светиниколско и во Стар Дојран
Околу 40 куќи на жителите во светиниколските села Малино, Немањици и Орел биле пеплосани од огнот што брзо се ширел поради ветрот, проценија локалните власти. Градоначалникот на општината Свети Николе, Дејан Владев, информира дека нема опасност огнот да влезе во населени места, но истакна оти горат површини со земјоделски култури.
Три куќи биле зафатени и во голем пожар што избувнал во Стар Дојран кај депонијата во месноста Карач, по што се евакуираат жителите, додека нема повредени. Покрај овој пожар, на територијата на општината Дојран избил уште еден, кај селото Николиќ, кој се префрлил на грчката страна од Дојранско Езеро.
Во текот на завчерашниот ден во Кумановско беа активни пожари кај Кокошиње, Кшање, Мургаш и во Малотино и Жегљане, општина Старо Нагоричане.
И на територијата на општината Македонски Брод имаше активен пожар кај селата Тажево и Брезница, кракот кон НП Јасен.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, упати апел до граѓаните што поседуваат викендички или куќи во напуштени села да изработат таканаречен мек појас околу своите имоти, а до земјоделците и сточарите да прекинат со палење стрништа и пасиштата.
До завчера 27 од забележаните пожари беа целосно изгаснати, пет тешки пожари беа ставени под контрола, а активни беа 14. На справувањето со огнената стихија работеле пожарникари со поддршка од јавните комунални претпријатија, механизација и од локалното население. Н.М.;Ка.М.