Сеопфатна мудрост и етичност

Денес, повеќе од кога било од минатото, на светот му требаат лидери што поседуваат извонредност на карактерот и на умот. Такви лидери ѝ требаат и на Македонија. По периодот од 2017 до 2022 година, којшто треба да се именува со синтагмата „петолетка на понижување“ – период на дивеење на трговците на македонизмот, во Македонија треба да дојде период на поништување на договорите со Грција и со Бугарија и зачувување на македонскиот јазик, историја и култура

Во неколку продолженија ќе понудам размисли за предизвиците – глобални, регионални, државни, институционални…, со кои ќе се соочиме во и по 2025 година. Денешниов текст е петти од серијалот

Теориите за транзицијата на моќта, што ги развиваат поголем број истражувачи на меѓународните односи, користат европски историски примери – најчесто анализираните студии за транзицијата на моќта во научната литература се Пелопонеската војна (431–404 пр. н.е.), подемот на Германија под Бизмарк и англиско-германското ривалство во дваесеттиот век. Теориите, потоа, се користат за разбирање на Азија и предвидување на иднината на светот, па така, на пример, Сузан Ширк во книгата „Кина: кревка суперсила“ (англ. „China: fragile superpower“, 2007 г.) ќе напише: „Историјата нè учи дека растечките сили веројатно ќе предизвикаат војна“, додека, пак, Грем Алисон во книгата „Предодредени за војна“ (англ. „Destined for War“, 2017 г.) ќе потенцира: „Војна меѓу Соединетите Американски Држави и Кина во децениите што претстојат не е само возможна, туку многу поверојатна отколку што се препознава во моментот. Навистина, судејќи според историските податоци, војната е поверојатна отколку мирот“. Во „Предодредени за војна“, Алисон, еден од основачите на проектот за применета историја на „Харвард“ – проект што се обидува „да ги расветли тековните предизвици и избори преку анализа на историски преседани и аналогии“, го популаризира терминот „стапица на Тукидид“ за да се опише тенденцијата кон војна што се јавува кога некоја нова сила се заканува да ја смени постојната голема сила како регионален или меѓународен хегемон. Синтагмата „стапицата на Тукидид“ се користи за опишување на потенцијалниот конфликт помеѓу Соединетите Американски Држави и Кина, меѓутоа, Алисон воведува едноставни аналогии коишто можат да привлечат внимание, потврдувајќи дека, во литературата за меѓународни односи, класичниот трактат „Историјата на Пелопонеската војна“ на Тукидид често е предмет на пристрасно и некритичко толкување што доведува, особено по појавата на книгата на Алисон, до исцртување погрешни паралели меѓу Пелопонеската војна и актуелните кинеско-американски односи.
Теориите за транзиција на моќта често започнуваат со Тукидид, меѓутоа, современите пристапи, имајќи ја на ум традицијата „ex antiquis et novissimis optima“, треба, според моето мислење, да се потпираат на две аксиоми: прво, сеопфатно изучување на транзициите на моќта, избегнувајќи го евроцентризмот и второ, холистичко изучување на Тукидид, препознавајќи ја неговата стратегиска мудрост. Пристрасноста во изборот на примери доведува до избрзан заклучок дека транзицијата на моќта е главен фактор за војна, што детално се опишани, на пример, во трудовите на Дејвид Канг и неговите соработници, особено во книгата „Од другата страна на транзициите на моќта: лекциите од историјата на Источна Азија и иднината на односите меѓу САД и Кина“ (англ. „Beyond Power Transitions: The Lessons of East Asian History and the Future of U.S.-China Relations“, 2024 г.). Подемот и падот на кинеските династии, сепак, се потенцијални примери за транзиции на моќ, а да не ги спомнуваме оние во Виетнам, Кореја, Јапонија и на други места. Ако го прошириме изборот на историски примери, особено важните настани од историјата на Источна Азија, откриваме многу различни импликации за тоа колку пристапот на Алисон во книгата „Предодредени за војна“ е широко применлив и универзален и до кој степен ги објаснува безбедносните односи денес.

Во 1600 година во време на династијата Минг (1368–1644), последната династија во Кина предводена од етнички Хан Кинези, по која доаѓа манџурската династија ‘Чинг (1644–1911), последната кинеска царска династија, Кина беше најмоќната и најсофистицирана земја на планетата. Во тоа време, сите други политички ентитети во Азија и во Европа во споредба со Кина беа џуџиња: во 1600 година Кина имаше 160 милиони жители и БДП од 96 милијарди долари, додека, пак, за споредба Јапонија имаше население од 18,5 милиони и БДП од 9,6 милијарди долари, Франција имаше население од 18,5 милиони, Италија 13,1 милиони, а Шпанија 8,2 милиони со соодветно мали економии во споредба со Кина. На периферијата на Кина се наоѓаа помали политички единици, како што се обединетата корејска династија Чосон (1392–1910), Виетнам, Тибет, Сијам, Бурма и разни племиња, кланови и политички единици на огромната централноазиска степа што се протега од Тихи Океан преку Русија до Турција. Во 1592 година, јапонскиот генерал Хидејоши ја нападна Чосон Кореја со намера да ја освои Кина откако прво ќе ја покори Кореја. Јапонските инвазии на Кореја, попознати како Имџинска војна (англ. Imjin War), вклучуваат две посебни, но поврзани инвазии: почетна инвазија во 1592 година, кратко примирје во 1596 година и втора инвазија во 1597 година, што заврши во 1598 година со повлекување на јапонските сили од Корејскиот Полуостров. Династијата Минг ги толкуваше јапонските инвазии како предизвик и закана за Кина, оттука нејзините активности беа насочени кон задржување на војната на Корејскиот Полуостров – надвор од сопствената територија. Тука, сепак, треба да се подвлече, што е особено важно за проучувањето на меѓународните односи, дека Имџинската војна (1592–1598) е единствениот воен конфликти меѓу Јапонија, Кореја и Кина повеќе од три века пред или по војната, всушност, иако војната имаше огромно и трајно влијание врз Кореја и Јапонија, за Кина таа се вбројува само како една од многуте организирани дејства за одржување на нејзините граници.

Иако во првата половина на 17 век Кина беше најмоќната и најсофистицирана земја на планетата, сепак, династијата Минг се распадна. Јапонија не можеше да ја собори династијата Минг, не можеше ниту да ја освои Кореја, меѓутоа, во средината на 17 век, династијата Минг беше соборена, при што со Кина загосподарија Манџурците (жителите на Манџурија) преку династијата ‘Чинг. Подетални истражувања на Имџинската војна и транзицијата Минг-‘Чинг, всушност, водат до нови сознанија за транзициите на моќта.
Од поголемиот број истражувања, коишто се обидуваат да го деконструираат толкувањето на стапицата на Тукидид и да ја опишат транзицијата на моќта, којашто, всушност, е објаснета од Тукидид, во денешниов есеј ќе набележам само два труда: статијата „Откривање на стапицата на Тукидид: ненамерна ескалација или избор на војна“ (англ. „Unravelling the Thucydides Trap: Inadvertent Escalation or War of Choice“, 2021) и книгата „Стравот од кинеската моќ: меѓународна историја“ (англ. „The Fear of Chinese Power: an International History“, 2024) на Џефри Крин. Така, на пример, според Џефри Крин, Алисон погрешно ја разбира основната лекција на Тукидид: најголемата закана за моќникот (хегемонот) доаѓа однатре, па така, обидот на Атина да ја освои Сиракуза е пример за демократија што се претвори во психологија на толпата и неуспех што на крајот ѝ овозможи на Спарта да победи. Теоријата на Тукидид за транзицијата на моќта се однесува на процена на стратегиските одлуки донесени во жестоките политички дебати, осврнувајќи се на перцепцијата за организирано општество како политички субјект и политиката како клучни елементи, кои динамично се преплетуваат за да овозможат постигање стратегиски избор. Пелопонеската војна, според Тукидид, не е резултат на ненамерна ескалација, туку на однапред смислени стратегиски избори направени од противниците коишто имаат спротивставени политичките цели. Оттука, Тукидид дава предност на лидерството и на стратегијата, укажувајќи дека концептот „единство на сеопфатна мудрост и морална чистота“, или софросине (σωφροσύνη), што подразбира мудрост, етичност, воздржаност, умереност, претпазливост, пристојност и самоконтрола, е најпосакуваната доблест на државниците.

Осврнувањето на темата: Дали луѓето имаат капацитет да живеат заедно во мир, во својот прв роман „Господарот на мувите“ од 1954 година, го вброи Голдинг во песимисти. Дали денес можеме да бидеме оптимисти? Дали современиот Колос, слично на Полифем, којшто заслепен од Одисеј ги убива оние што му „приоѓаат“ – неговите стратегиски сојузници, е предодреден да реагира со непромислен бес? По кој пат ќе зачекори светот во и по 2025 година? Првиот, мултиполарен свет и градење соживот, благосостојба и мир и вториот, продолжување на глобалната хегемонија и неприфаќање неминовен пад, предизвикувајќи несразмерни реакции, што можат да завршат со апокалипса. Оттука, денес, повеќе од кога било од минатото, на светот му требаат лидери што поседуваат извонредност на карактерот и на умот. Такви лидери ѝ требаат и на Македонија. По периодот од 2017 до 2022 година, којшто треба да се именува со синтагмата „петолетка на понижување“ – период на дивеење на трговците на македонизмот, во Македонија треба да дојде период на поништување на договорите со Грција и со Бугарија и зачувување на македонскиот јазик, историја и култура.