Би требало да се воведат семејни едукативни содржини од најмала возраст низ целиот тек на образованието. Образовните институции играат клучна улога во едукацијата на младите за важноста на семејството и семејните вредности. Ние како институт се залагаме за воведување на семејната едукација во основно и во средно образование а задолжително воведување предбрачна едукација пред склучување брак, вели проф. д-р Македонка Радуловиќ за „Нова Македонија“

РАЗГОВОР СО МАКЕДОНКА РАДУЛОВИЌ, ПРОФЕСОРКА НА ИНСТИТУТОТ ЗА СЕМЕЈНИ СТУДИИ ПРИ ФИЛОЗОФСКИОТ ФАКУЛТЕТ

Многупати сме чуле дека семејството е пред сè. Семејните собирања се особено значајни во периодите пред, за време на и по новогодишните и божиќните празници. На неколку теми поврзани со семејството разговараме со проф. д-р Македонка Радуловиќ, редовна професорка на Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет на УКИМ. Таа предава и истражува на теми поврзани со семејството, промени и предизвици на семејствата, семејна и брачна едукација итн. Има објавено голем број научноистражувачки трудови на овие теми, како и неколку книги посветени на семејството. Исто така е и национална координаторка на европската мрежа за семејна поддршка.

Дали сметате дека семејството е столбот на едно општество и е основа за здрава нација?

– Да, семејството игра клучна улога во обликувањето на општеството и нацијата. Тоа е првата средина каде што индивидуите учат за вредностите, моралните норми и општествените правила. Општеството и семејството се меѓусебно поврзани. Она што се случува во семејството, се одразува во општеството и обратно. Силните и здрави семејства создаваат стабилни и продуктивни општества. Од друга страна, стабилните општества создаваат услови за развој на здрави семејства.

Дали може да се дефинираат семејството и неговите функции?

– Семејството денес потешко се дефинира. Можеме да кажеме дека има толку дефиниции за семејството колку што има модели на семејства. Генерално, семејството во нашата земја можеме да го дефинираме како заедница на индивидуи поврзани со крвно сродство, брак или посвојување, кои заедно живеат и се поддржуваат едни со други. Функциите на семејството вклучуваат репродукција, емоционална поддршка, социјализација на децата, економска поддршка и нега. Голем дел од функциите го губат своето значење, сепак функцијата на социјализација и воспитување останува фундамент на семејството како заедница.

Колку е важно да се практикува верата за да има семејството поголема благосостојба?

– Практикувањето на верата може да игра значајна улога во зајакнувањето на семејните врски и благосостојбата. Верата често ги учи членовите на семејството за љубовта, почитта и разбирањето, што може да доведе до подобра комуникација и заедништво. Но, не значи дека помалку религиозните луѓе не можат да создадат среќно и функционално семејство.

Дали имате сознанија за тоа дали постои, како се имплементира и какви се ефектите од програмата за семејна и брачна едукација, особено на младите во Македонија?

– Семејна и брачна едукација речиси не постои како концепт во нашата земја. Содржини поврзани со овие теми се многу малку застапени во образовниот процес. Денеска значително е променет брачниот и семејниот живот, и знаењето што се пренесува од генерација на генерација повеќе не е доволно. Младите луѓе неподготвено влегуваат во брак и, како последица на тоа, сѐ почесто се разведуваат. Истражувањата покажуваат дека младите луѓе што посетувале таква едукација се позадоволни и посреќни во бракот. Семејната едукација, пак, е поширок концепт, кој опфаќа теми како врски, комуникација, односи и улоги во семејството, родителство, животни циклуси, семејно насилство итн.
И според тоа би требало да се воведат семејни едукативни содржини од најмала возраст низ целиот тек на образование. Образовните институции играат клучна улога во едукацијата на младите за важноста на семејството и семејните вредности. Тие треба да понудат програми и активности што ги подготвуваат младите за улогата на партнери и родители. Ние како институт се залагаме за воведување на семејната едукација во основното и во средното образование, а задолжително воведување предбрачна едукација пред склучување брак.

Што е, според вас, најважно во едукацијата (обучувањето) на младите луѓе што треба да склучуваат брак и да оформуваат семејства?

– Најважно е да се научат младите на значењето на бракот и семејството, одговорностите и предизвиците што произлегуваат од брачниот живот и родителството, на комуникациски и емоционални вештини, како и на практични аспекти и вештини за заеднички живот. Преку учење за компромис, ефективна комуникација, решавање конфликт, почитување и поддршка, младите можат да изградат здрави и стабилни семејства.

Дали има и кои се сличностите и разликите помеѓу европските и македонските семејства?

– Разликите можат да се манифестираат во традициите, културните норми и пристапот кон воспитувањето на децата, кои може да варираат од една земја до друга. Меѓутоа, европските земји генерално се соочуваат со опаѓање на бројот на бракови, зголемување на бројот на разводи, намалување на раѓањето и стареење на населението. Глобализацијата си го прави своето и во нашата земја, иако со побавно темпо, се случуваат истите промени. Семејствата стануваат сè помали и поранливи, соочувајќи се со слични економски, социјални предизвици, борба помеѓу половите, промена на улогите, родителски предизвици итн.

ЖИВКО ЗДРАВКОСКИ