Проценките за жртвите на двете страни се многу тешки за да се справиме со нив и сите аналитички куќи или независни аналитичари ги анализираат загубите врз основа на принципот на апроксимација, додека податоците за украинските и за руските загуби честопати варираат во зависност од идеолошката определба и интересите на изворите. Сепак, мора да се издвои дека скорешното излегување во јавноста на застрашувачка бројка на жртви предизвика тежок шок и стрес за целата светска јавност, особено во нашата земја. Тоа беше и повод редакцијата на „Нова Македонија“ да направи едно компаративно истражување на оваа тема и за читателите на својот медиум да пронајде што пообјективни информации, вкрстувајќи што повеќе отворени (медиумски) извори за да се доближи до објективната вистина за страшните загуби на млади животи, ударот за нивните семејства, а и за заедницата (држава), како и материјалните штети итн., без разлика на чија страна од фронтовска линија припаѓаат војниците и цивилите… и војната што побрзо да се затвори…
Опсервација на некои експертски проценки за загубите во руско-украинската војна
Деновиве светската и домашната јавност беше фрапирана од информацијата што беше лиферувана во јавноста од страна на повеќе реномирани светски медиуми во врска со човечките жртви на украинската армија во руско-украинската војна.
Имено, според споменатата информација, добиена од руски хакери, украинската армија изгубила 1,7 милион војници. Во истата информација се тврди дека таа е добиена како последица на „упад на хакерите во базата на податоци на украинската армија“. Но, со оглед на тоа што хакерите излегоа со штури информации, а и не ги објаснија дополнително „извлечените податоци“ од ИТ-базата на украинската армија, многумина аналитичари изразија сомневање во нивната веродостојност. Од друга страна, ваквите проценки се многу тешки за да се справиме со нив и сите аналитички куќи или независни аналитичари ги анализираат загубите врз основа на принципот на апроксимација. Истото тоа се однесува и на руските загуби во војната, а податоците за двете страни честопати варираат во зависност од идеолошката определба и интересите на изворите.
Сепак, мора да се издвои дека излегувањето во јавноста на ваквата застрашувачка бројка на жртви предизвика шок и стрес за целата светска јавност, особено во нашата земја. Тоа беше и повод редакцијата на „Нова Македонија“ да направи едно компаративно истражување на оваа тема и за своите читатели да пронајде што пообјективни информации, вкрстувајќи што повеќе отворени (медиумски) извори за да се доближи до објективната вистина за страшните загуби на млади животи, ударот за нивните семејства, а и за заедницата (држава), како и материјалните штети итн., без разлика на чија страна од фронтовската линија припаѓаат војниците и цивилите…
Украински загуби
Она што го пронајдовме во повеќе текстови, од повеќе извори, се совпаѓа со констатацијата дека „проценките на експертите што се занимаваат со загубите тврдат дека загинале меѓу 160 и 200 илјади украински војници“.
– Страницата за загуби на украинската армија служи како основа за проценка на загубите, каде што се идентификувани речиси 160 илјади убиени, исчезнати и заробени. Грубата проценка, базирана на сооднос од четири спрема еден (ранети, исчезнати итн. спрема убиени), дава податок за вкупно меѓу 800 илјади и еден милион лица елиминирани од војната (убиени, ранети, заробени, исчезнати…).
Оваа бројка ги вклучува загубите во сите гранки на украинската армија, полицијата, граничната полиција, националната гарда, персоналот на СБУ и странските платеници. Клучниот недостаток на оваа проценка е што се базира исклучиво или речиси исклучиво на некролози и јавно достапни податоци. На пример, не вклучува податоци за гробиштата и други податоци што не се јавно достапни.
Руски загуби
За проценка на руските загуби постои порталот „Медиазона“, кој изброја над 120 илјади мртви по име, а бидејќи списокот е исто така нецелосен, проценката на порталот се искачува на 165 илјади мртви. Овие загуби ги вклучуваат руската војска, Националната гарда, персоналот на ФСБ и платениците и регрутираните затвореници од страна на групацијата „Вагнер“. Оваа бројка ги вклучува силите на ЛНР и ДНР, но само по формалната руска анексија. Она што не е вклучено во таа проценка се загубите на силите на ЛНР/ДНР во првите месеци од војната.
Користејќи многу груба апроксимација врз основа на проценетите загуби на силите на ЛНР/ДНР откако формално ѝ се приклучија на руската армија, се доаѓа до бројка од околу пет-шест илјади убиени припадници на сепаратистичките сили на Донбас во првите месеци од војната. Така доаѓаме до бројката од 170.000 мртви во руската армија. Треба да се напомене дека оваа бројка не ги вклучува загубите на севернокорејските сили во Курскиот Регион.
Применувајќи го истиот начин на проценка на вкупните загуби како и за украинската армија (сооднос четири спрема еден), приближно се доаѓа до бројка меѓу 800 и 900 илјади вкупни загуби. Тоа значи дека приближно руската и украинската страна имаат донекаде слични загуби.
Мобилизација
Исто така, гледајќи го текот на мобилизацијата: Русија и Украина регрутираа, мобилизираа меѓу 30 и 40 илјади луѓе месечно за време на војната. Русија неодамна го зголеми овој број на 60 илјади месечно. Како груба проценка, ова е помеѓу 1,2 и 1,6 милион мобилизирани луѓе за три и пол години. Иако обете армии доживеаја зголемување на бројот на персоналот, регрутирањето/мобилизацијата на персоналот главно се користеше за дополнување на постојните единици.
Загубите се должат и на начинот на војување
Целосниот приказ на загубите, исто така, го поставува прашањето како загубите на обете страни се приближно еднакви, а при размена на телата на загинатите војници, руската страна испорача значително повеќе тела на украински војници отколку украинската страна на руски. Еден дел од објаснувањето лежи во фактот дека украинската армија во последните две години главно се бранеше и се повлекуваше. Руските сили напредуваат, па дури и кога нема значителен напредок, руските сили влегуваат во области што претходно беа „ничија земја“. Многу војници умираат на таа линија, а никој не може да ги собере мртвите (дури ни ранетите) додека не се постигне напредок, а тоа најчесто го правеше руската армија во последните две години.
Поинаква перспектива понудија одредени аналитичари, кои тврдат дека украинските сили претрпеле поголеми загуби во последните две години отколку порано. За ова постојат неколку причини. Првата е што руската армија има многу поголема артилериска моќ, многу повеќе ракети, што значи многу повеќе жртви од другата страна. Друга причина е промената во тактиката на руската армија. Цели единици повеќе не се испраќаат за пробив, туку одат извиднички групи (од двајца до четворица мажи). Често се случува извидничката група да се најде во отворена размена со стациониран тим (осум до десет луѓе) од другата страна. Во овој случај, поверојатно е дека поголемите загуби ќе бидат на страната на оние што се повеќебројни. И трето, и клучно, Киев продолжува да инсистира на распоредување дополнителни сили на позиции што се веќе опколени, полуопколени или во други тешки околности. Со ова, Киев го забавува напредокот на руските сили, но цената е човечка сила.
Без оглед на точноста на проценките и анализите, вистинскиот број на жртвите ќе се знае дури во годините по војната. Врз основа на анализа на јавно достапните податоци и динамиката на конфликтот, вистинскиот процент на жртви во војната е посложен од едноставно пребројување на собраните тела или пребројување на јавно достапни некролози. Исто така, многу е тешко да се очекува објективност од страните во конфликтот, кои сакаат, па дури и мораат, заради одржување на моралот, свесно да ги минимизираат сопствените загуби и да ги истакнат загубите на другата страна. Р.С.