Илустрација: „Нова Македонија“

Кирил и Методиј се клучни личности во словенската историја. Родени се во 9 век во градот Солун, станаа мисионери и го ширеа христијанството меѓу Словените. Нивниот најтраен придонес е создавањето на глаголицата, првото писмо што се користеше за пишување на старословенски јазик, писмо што ги постави темелите за кирилицата што се користи денес. Нивната работа не само што ја унапреди писменоста меѓу словенските народи туку и го обликуваше нивниот културен и религиозен идентитет. Признаени како апостоли на Словените, тие се почитувани во Источната православна црква и беа прогласени за козаштитници на Европа од папата Јован Павле Втори во 1980 година. Нивното наследство продолжува да влијае врз словенските народи, правејќи ги клучни личности во европската историја

Во чест на сесловенските просветители и учители Св. Кирил и Св. Методиј

Денот на сесловенските просветители и учители е празник во чест на Св. Кирил и Св. Методиј, творци на првата словенска азбука – глаголицата. Христијанската црква го прогласи 24 мај (11 мај по стариот календар) за ден на светите просветители Кирил и Методиј уште во 11 век, а во Македонија за првпат беше одбележан во 1860 година во црквата „Света Богородица“ во Скопје. Денот е избран бидејќи го означува датумот кога започна Моравската мисија, кога браќата Кирил и Методиј преку своите проповеднички активности успеаја да ја прошират словенската азбука меѓу западните Словени, со што беше поставен почетокот на словенската азбука, која во следните векови се прошири кај другите словенски народи. Во Македонија низ вековите постојано се величаше споменот кон Свети Методиј и неговиот помал брат Свети Кирил. Двајцата солунски браќа беа тежиштето на македонската преродба од 19 век, тогаш беше изразен жив интерес за нивното дело, нешто што продолжува и денес. Македонските преродбеници и други дејци, организираа прослави, ги празнуваа нивните јубилеи и денови, именуваа нови училишта и цркви според нив. Припадниците на македонскиот народ отсекогаш со особен пиетет и почит се однесувале кон ликот и делото на Свети Методиј и неговиот брат Свети Кирил, не случајно денес 24 Мај е државен празник во Македонија.

Биле солунчани, a сите солунчани чисто словенски говореле

Градот Солун е родното место на Кирил (родно име Константин) и неговиот брат Методиј. Во епохата кога тие живееле, градот бил словенизиран под влијание на неговата чиста словенска околина. Тоа го нагласил и византискиот император Михаил Трети (842-867), кога пред да ги испрати Константин и Методиј во Велика Моравија, нагласил: „Вие сте солунчани, a сите солунчани чисто словенски зборуваат“. Константин и Методиј потекнувале и по таткова и по мајчина страна од богати благороднички семејства. Нивниот „чесен род“ бил познат „на царот и на целата Солунска област“. Татко им Лав, поп Дукљанин во својот летопис го означил како „патрициј Леон“. Дека браќата Константин и Методиј потекнувале од богати родители и дека тие ce викале Лав и Марија ce вели и во Методиевото проложно житие. Семејството на Лав и Марија ce состоело од седум деца од кои најмал бил Константин.
Богатите и угледни родители на Константин и Методиј им овозможиле на своите деца уште од мали да стекнат висока наобразба и да отворат пат за искачување високо во византиската државна хиерархија. Константин уште од детски и ученички години својот животен пат го насочил кон совладувањето на научните дисциплини што подоцна му овозможиле да ce нареди до најучените луѓе на својата епоха – да стане професор на Цариградскиот универзитет (Магнаурската школа) и заслужено да биде наречен филозоф. Како најмало, седмо дете по ред на семејството на Лав и Марија, Константин бил удостоен со привилегијата да ce школува во солунските училишта во кои учеле само синовите на богатите. Но за разлика од повеќето од нив, кои имале обичај да ce забавуваат со лов и слично, младиот Константин целосно ce оддал на учењето и затоа, како што вели неговиот житие, напредувал „подобро од сите ученици, така што сите му ce чудеа на сфаќањето и на големиот успех во вештините“. Самиот Константин во една пригода, кога ce наоѓал на школување во Цариград, му изјавил на логотетот Теоктист „за мене нема ништо поголемо од науката, преку која ќе ce здобијам со мудрост и ќе jа побарам прародителската чест и богатство“.

Кирил престојувал во градот Равен на реката Брегалница

За да се сфати суштината на Брегалничката мисија на Константин Филозоф, потребно е истата таа да се поврзе со управничката дејност на брат му Методија меѓу Словените во Македонија, зашто временски тие не само што се совпаѓаат туку имаат и заедничка цел – придобивање на македонските Словени за Византија, во борбата против бугарските завладувања во Македонија. За да ги запре бугарските пробиви кон Солун, Византија почнала да води една поинаква политика спрема македонските Словени. Преку назначување на нивно чело словенски управници воспитани во византиски дух и давање разни привилегии на словенските предводници, сега таа се обидувала да ги придобие македонските Словени да дејствуваат и тие во заштита на нејзините погранични области од Бугарите. Таквата византиска политика нашла одраз и во дејноста на браќата Константин – Кирил и Методија меѓу Словените во Македонија.
Брегалница ce совпаѓа со управничката дејност на брат му Методија, а тука на мисионерска работа бил испратен Константин Филозоф. Податоците од „Солунската легенда“ говорат дека Константин Филозоф престојувал „во градот Равен на реката Брегалница“ и дека за тукашните Словени создал букви. Црноризец Храбар, во делото „За буквите“, известува дека Константин Филозоф, викан уште Кирил, азбуката ја создал и книгите ги превел заедно со братот си Методија. Дека Методија како словенски управник го помагал својот помал брат во составувањето на словенската азбука и преведувањето на словенските книги, се вели и во Теофилактовото Пространо житие на Климент Охридски. Во него се вели дека Кирил и Методија „ја изнашле словенската азбука“ и превеле книги од грчки на словенски јазик и се погрижиле да им ги предадат божјите знаења на поспособните свои ученици. Подоцна азбуката била поусовршена и приспособена за потребите на Словените во Моравија, каде што делото на Кирил и Методија добило општословенски карактер.

Кирил велел дека секој народ има право на свој јазик

Повод за Моравската мисија на Кирил и Методиј било писмото на моравскиот кнез Ростислав до византискиот цар Михаило Трети. Ростислав настојувал да ја осамостои и да ја зацврсти својата држава, Моравија, на која ѝ се заканувала опасност од германското свештенство. За да ја отстрани опасноста, тој побарал проповедници што ќе го шират Христовото учење на словенски јазик. Византија ќе ја прифати неговата порака зашто германско-бугарскиот сојуз бил опасност и за Моравија и за безбедноста на Византија. Кирил и Методиј ја прифатиле оваа задача, но наишле на многу проблеми, а еден од нив е немањето азбука на која би ги превеле најпотребните книги за богослужба. Константин помогнат од Методиј ја создал првата словенска азбука (855 година), глаголица, која содржи 38 букви. Во глаголицата 24 букви биле по образец на грчката брзописна деловна азбука, а другите 14 според гласовниот систем на словенскиот јазик.
Во 863 година пристигнале во Моравија каде што отвориле голем број училишта и цркви во кои се ширела просветата на словенски јазик, а биле оспособени голем број нови учители. Латино-германското свештенство почнало да ги обвинува за ширење ерес, па затоа папата ги повикал во неговиот двор во Рим. На пат за Рим, Константин, Методиј и нивните ученици се задржале во Панонија, каде што ги удриле темелите на словенската писменост и во оваа земја. Пред да пристигнат во Рим кратко се задржале во Венеција каде што Константин, кој бил познат како добар филозоф и оратор, спорел со тријазичниците т.е. оние што се застапувале за ширење на Христовото учење само на грчки, еврејски и латински јазик. Константин ги разбил обвинувањата велејќи дека секој народ има право на свој јазик.
Кога пристигнале во Рим, Константин ги донел моштите на римскиот папа Климент, кој бил маченички удавен во 100 година н.е., кого подоцна Римската црква го прогласила за светец. Во Рим во 869 година, папата Адријан ги посветил словенските книги, што значи дека Римската црква официјално ја признала словенската писменост.
Набргу по официјалното признание, Кирил се разболел и умрел. По неговата смрт Методиј ја продолжил започнатата дејност, но бил постојано напаѓан и клеветен од германското свештенство и исцрпен од борбите со нив, од затворите и прогонствата умрел во 885 година. Д.Ст.


Пригодна реч на министерот за култура и туризам Зоран Љутков, пред Генералната асамблеја на Европската рута на Светите Кирил и Методиј

Ние не го чуваме само делото на светите браќа – ние го живееме нивното наследство


Македонската претседателка на поклонение на светите браќа и на прва средба со новиот папа

Претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, ја предводи државно-црковната делегација на чествувањето на големото дело на светите браќа Кирил и Методиј, во Ватикан. Тоа ќе биде првата аудиенција по востоличувањето на папата по смртта на неговиот претходник Франциск, на чиј погреб беше и македонскиот шеф на државата.
Во рамките на чествувањето на големото дело на македонските светители Кирил и Методиј годинава, македонската делегација ќе положи цвеќе пред плочата поставена во базиликата „Санта Марија Маџоре“ каде што е и почивалиштето на папата Франциск. Во рамките на протоколот е предвидено и традиционалното положување цвеќе на гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ каде што ќе се одржи и молебен.
Манифестациите во Ватикан и во Рим се во чест на ширењето на христијанството и писменоста од солунските браќа, Светите Кирил и Методиј, што се смета за едно од најголемите мисионерски дела во Европа. П.Р.