Ниеден јазик, дури и оној неофицијален, дури и оној што нема држава во кој се зборува (влашкиот), дури и оној што е само говорен (ромскиот, освен во Македонија) и без свое писмо – НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ПРИЗНАЕН. Кој е тој авторитет што ќе го признае? Едноставно секој јазик, и официјален и неофицијален, може само да ПОСТОИ или да НЕ ПОСТОИ. Во нашиот случај, пак, македонскиот јазик е признаен со самиот акт за кодификација и официјализирање на македонскиот јазик во новосоздадената Народна Република Македонија во рамките на СФРЈ
Прилог кон едностраната изјава за македонскиот јазик од македонска страна
Во унилатералната изјава за македонскиот јазик од наша страна фигурира и следново: „Македонскиот јазик беше признаен од Третата Конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година“. Еднаш веќе сум пишувала овде на оваа тема, и сега пак ќе повторам: ниеден јазик, дури и оној неофицијален, дури и оној што нема држава во кој се зборува (влашкиот), дури и оној што е само говорен (ромскиот, освен во Македонија) и без свое писмо – НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ПРИЗНАЕН. Кој е тој авторитет што ќе го признае? Едноставно секој јазик, и официјален и неофицијален, може само да ПОСТОИ или да НЕ ПОСТОИ. Во нашиот случај, пак, македонскиот јазик е признаен со самиот акт за кодификација и официјализирање на македонскиот јазик во новосоздадената Народна Република Македонија во рамките на СФРЈ.
Она што е официјализирано во Атина во 1977 година е, всушност, следново: на Третата конференција на УНГЕГН (United Nation Group of Experts for Geogrphical Names) во Атина е донесена Резолуција за тоа како македонската (заедно со тогашната српскохрватска) кирилица ќе се предава со латиница, или поконкретно како македонските топоними ќе се предаваат на географските карти со латиница. Толку! Со вакви произволни и паушални формулации сами си правиме штета. Па кај имаме доцна кодификација на македонскиот јазик во однос на другите словенски јазици на Балканот, таму – и како да сме немале јазик додека во 1977 година не ни го признале!
И уште нешто: треба да се има предвид дека поткомисија при меѓународна организација, како што е УНГЕГН при ООН, НЕМА право, ни надлежност ни ингеренции да признава јазик! Овој документ, кој се спомнува во нашата еднострана изјава, своевремено, пред да се потпише Преспанскиот договор, тогашниот грчки премиер, Ципрас, го извади од нафталин, само зашто конференцијата на УНГЕГН се одиграла во Атина, за да се оправда тој пред својата јавност зошто се согласил да потпише постоење на македонски јазик, кој, патем речено, има многу подолга вековна историја и писмена и усна, од онаа Резолуција од 1977!
Д-р Елка Јачева-Улчар е научна советничка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје