Американски војници во воздухопловната база „Туле“ на островот Гренланд / Фото: ЕПА

Опсервации на сценаријата за преземање на Гренланд од страна на САД

Иако САД веќе имаат повеќе од сто војници трајно стационирани во базата Питуфик во северозападен Гренланд, претседателот на САД смета дека постојните договори за закуп не се доволни. Таквиот негов став извесно време открива можни сценарија од кои Трамп би направил избор за да дојде до Гренланд во обем што би ги задоволил неговите апетити. Сите сценарија претседателот на САД ги брани преку неговата доктрина, дека тоа е „заради национална безбедност“. Од повеќето сценарија предложени на претседателот на САД, во консултација со политички, економски и воени аналитичари, во продолжение ги претставуваме најинтересните, кои се движат од поведување политички процес што би завршил со референдум за независност до сценарија што вклучуваат воена интервенција на САД. Сепак соговорниците пред сѐ го нагласуваат фактот дека Гренланд е автономна територија во рамките на Кралството Данска и секое сценарио има сериозни правни, политички и безбедносни импликации.

Политичкоправно сценарио

Ова е најмекото, најреалистично сценарио и е на долг рок. Тоа во еден кус опис би значело независност на Гренланд, потпомогната од САД со еден „стратешки договор“, кој би бил операционализиран со пакет договори во различни општествени области. Имено, САД на тој начин би го поддржале економскиот развој на Гренланд, би ги зајакнале институциите и би ги зголемиле нивните капацитети, при што би се движеле кон зголемена автономија од Данска. На среднорочен план, институциите на Гренланд би организирале референдум за независност (во согласност со данскиот устав). По прогласувањето на независноста, Гренланд би влегол во потесни формалноправни односи со САД, па дури и некаков облик на „слободна асоцијација“ (слично на Микронезија). Ова сценарио му одговара на Вашингтон затоа што е целосно легално, не предизвикува никаков конфликт со и внатре во НАТО и нуди долгорочна воена и стратешка контрола не само на Гренланд туку и на поширокиот регион на Арктикот. Апроксимативниот процес на реализирање на ова сценарио би траел некаде околу 10-20 години.

Сценарио на проширување на военото присуство на САД, но без де јуре преземање на Гренланд

Ова сценарио, според соговорниците, е оценето со многу висок степен на веројатност. Згора на тоа, соговорниците сметаат дека „ваквото сценарио веќе се случува“, односно постои динамика на мерки и активности како дел од ова сценарио што веќе конкретно го операционализираат. Ова сценарио де факто значи класична „американска воена доминација, но без формална анексија“. Во овој случај, Данска останува суверена над територијата на Гренланд, но со ограничен реален контролен капацитет. На прашањето како би изгледало во целост ова сценарио, експертите кусо одговараат дека тоа содржи проширување на постојните американски воени бази (Питуфик / Thule) на Гренланд, потоа распоредување дополнителни сили, радари, противракетна одбрана, а сето тоа под плаштот и согласноста на НАТО и во функција на „заедничка арктичка безбедност“.

Сценарио во кое НАТО игра тежишна ролја

Сценарио за кое експертите оценуваат дека има ниска до средна веројатност е „освојување на Гренланд“ со помош на НАТО и притисок од страна на Алијансата. Иако помалку или повеќе политички ризично и контроверзно, тоа сценарио опфаќа едно веќе апсолвирано и прифатено становиште на западната алијанса, а тоа е дека „Гренланд е критичен за одбраната на НАТО“, односно дека тоа е една глобално-стратегиска позиција што мора да биде под западна (НАТО, американска) контрола и да има посебен статус во тој концепт. Во овој контекст, значаен аргумент на Вашингтон би бил дека „Данска не инвестира доволно во насока на контрола и зајакнување на таа стратегиска позиција (Гренланд)“. Затоа, САД бараат да добијат поголема американска улога и посебен статус на територијата. Според аналитичарите, ова сценарио има слаби точки во тој дел што всушност „НАТО нема мандат да менува суверенитет“, а инсистирањето на ова сценарио би довело до „отпор од европските сојузници и ослабување на кохезијата на НАТО“, па дури и потешки последици по Алијансата.

Воено сценарио, односно воена интервенција

Според соговорниците, ова е најекстремното, но не и невозможно сценарио. Хипотетички, САД, по успешната акција во Каракас (Венецуела), се исклучително охрабрени во своите можности и потенцијалот на своите воени капацитети и ресурси, па дури „фрлаат и чекор натаму за ова сценарио“, а тоа е Иран и Техеран. Гренланд е цел што, според експертите, многу лесно би можела да биде реализирана со ова сценарио, но, сепак, за веројатноста да се случи, соговорниците ценат дека е мала. Имено, со ова сценарио би се кренала „голема светска бура“. Тоа вклучува САД да искористат сурова воена сила за да воспостават контрола, со што тие флагрантно би ја прекршиле основната Повелба на ОН, би извршиле отворена агресија врз НАТО-сојузник (Данска), што би значело огромен геополитички шок. Згора на тоа, експертите тврдат дека самиот чин би бил политички самоубиствен за секој американски претседател.

Сценарио на „мека анексија“ – економска и технолошка зависност

Соговорниците презентираат уште едно сценарио со степен на веројатност што се движи од средна до повисока веројатност. Тоа е сценариото на т.н. мека анексија, која би се одвивала на долгорочен план, оценета како политички нетурбулентна, тивка, но ефективна. Начинот на кој би се одвивала таа е исклучително интересен и познат, а особено ни е препознатлив нам, во Македонија. Имено, странски инвеститори би вложувале во развој на значајни ресурси, а особено во користење природни ресурси, по сите економски и еколошки стандарди, при што БДП би имал незадржлива висок тренд на раст, а со тоа и стандардот на граѓаните. Имено, американски компании би инвестирале во рудници (ретки минерали). Натаму, инвестициите во инфраструктурата би биле колосални, вклучувајќи ја и дигитализацијата на просторот. Неодминливо, паралелно со тоа би било инвестирано во образованието, здравството, безбедноста, како и во логистиката што се поврзува со САД. Од формалноправен аспект, „меката анексија“ значи и дека Гренланд формално останува автономен, но стратешки ќе зависи повеќе од САД отколку од Данска.

Сценарио на т.н. „територијален договор“ (купување територија)

Ова е едно од помалку веројатните сценарија, во историјата познато, но денес, според соговорниците, речиси невозможно. Ова сценарио вклучува начин каде што САД ѝ нудат/даваат огромен финансиски пакет на Данска, при што таа формално им го „пренесува суверенитетот“ на Гренланд на САД.
На контото на ова сценарио е најновата информација лиферувана од „Ен-би-си“ (NBC), во која се наведува дека „државниот секретар на САД добил задолженија да подготви формален предлог до Вашингтон за купување на Гренланд“. Имено, договорот би можел да биде со вредност од околу 700 милијарди долари. За оваа информација, медиумот „Ен-би-си“ се повикува на три извори, длабоко инволвирани за подготовка на ова сценарио. Процената за цената на чинење, според медиумот, е направена од научници и поранешни американски функционери како дел од планирањето на сценариото за купување на Гренланд. Таа ја поврзува цената од повеќе од половина од годишниот буџет на Министерството за одбрана со приоритетот на Трамп за национална безбедност, што предизвика вознемиреност низ цела Европа и на Капитол Хил поради неговата реторика за преземање на Гренланд откако нареди воена операција на САД за заробување на претседателот на Венецуела.
Ова сценарио е оценето како исклучително проблематично и од страна на експертите по меѓународно право, кои се децидни дека „современото меѓународно право не признава некакви облици на т.н. продажба или какво било пренесување суверенитет без согласност на народот“. Гренланд има право на самоопределување, спречувањето на ова за Копенхаген би значело голем политички и правен преседан.
Интересно е тоа што сите соговорници, високи интелектуалци, професори, аналитичари и меѓународноправни експерти, истакнуваат дека прашањето веќе не е „дали“, туку „кога“ САД би активирале некое од горенаведените сценарија. Сепак, тие додаваат дека најреалните патеки/сценарија не вклучуваат формално „преземање“, туку долгорочна поддршка за независност и разговори/преговори/договори со САД, чиј резултат би била зголемена воена и економска доминација и без промена на границите. Тие додаваат дека изјавите на претседателот на САД повеќе служат за притисок и преговарачка позиција отколку како „реален план за анексија“. Р.С.


Размислувања во ЕУ во врска со сценаријата на САД за преземање на Гренланд

Опција и за директна конфронтација на Брисел со Вашингтон поради Гренланд?!

  • „Мора да бидеме подготвени за директен судир со Трамп. Тој дејствува агресивно и ние мора да бидеме подготвени на тоа“, изјавил (според извори на „Политико“) европски дипломат, нагласувајќи дека во Брисел сè почесто се расправа за сценарија што до неодамна се сметаа за незамисливи во рамките на сојузничките односи

Европските земји разгледуваат сценарија за одвраќање на Соединетите Американски Држави во случај на евентуален обид за преземање контрола врз Гренланд, објави „Политико“, повикувајќи се на официјални лица од ЕУ, дипломати и извори од НАТО. Според наводите на овој медиум, во одредени европски престолнини отворено се зборува за потребата Европа да биде подготвена и за „директна конфронтација“ со администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп.
– Мора да бидеме подготвени за директен судир со Трамп. Тој дејствува агресивно и ние мора да бидеме подготвени на тоа – изјавил еден европски дипломат, нагласувајќи дека во Брисел сè почесто се расправа за сценарија што до неодамна се сметаа за незамисливи во рамките на сојузничките односи.
Како што наведува „Политико“, клучна улога во подготовката на можните европски мерки има Германија. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул и неговите колеги работат на план за потенцијални мерки за одвраќање во случај на американска инвазија врз Гренланд, потврдил еден неименуван германски функционер. Истовремено, се разгледува и можноста за засилување на присуството на НАТО-пактот во поширокиот регион околу островот.

Можни три правци за европскиот одговор

„Политико“ издвојува три главни правци на можниот европски одговор.
1. Првиот е дипломатски компромис, во кој НАТО би можел да ја преземе улогата на посредник меѓу Данска, Гренланд и Соединетите Американски Држави.
– Сè што може да го засили присуството на Алијансата во близината на Гренланд и истовремено да ги исполни барањата на Трамп мора да се искористи до максимум – навел еден дипломат.
2. Втората опција е засилено европско финансирање на Гренланд. Соочени со тврдењата на Трамп дека приклучувањето кон САД би донело значајни инвестиции, Европската Унија и Данска се обидуваат да ги убедат властите на Гренланд дека Европа може да понуди „поволна и постабилна алтернатива“. Во тој контекст, во Брисел се разгледува план европската финансиска поддршка за Гренланд да се удвои од 2028 година, иако таа одлука сè уште не е формално усвоена.
3. Третото, најостро сценарио подразбира економски одговор кон Вашингтон. Томас Крозби, експерт за американската армија на Кралскиот дански одбранбен колеџ, потсетил дека ЕУ уште за време на првиот мандат на Трамп разгледувала планови за обезбедување европска и арктичка безбедност без потпирање на САД.
– Тешко е, но можно. Сепак, идејата Европа да се брани од Америка звучи речиси лудо – оценил Крозби.

Европејците имаат многу ограничени можности да го спречат Вашингтон
во врска со Гренланд

Еден од инструментите што се споменуваат е таканаречениот инструмент против присила, познат и како „економска базука“, кој би подразбирал воведување царини и даноци за американските компании, како и ограничувања за нивните инвестиции во европската економија.
Сепак, како што предупредува „Политико“, ако САД одлучат со сила да ја преземат контролата врз Гренланд, Европејците би имале многу ограничени можности да го спречат тоа. Крозби наведува дека во случај на испраќање помали американски сили, теоретски би постоела можност за обид за апсење, додека еден европски дипломат додава дека, по барање на Данска, Франција и Германија би можеле да испратат трупи како средство за одвраќање.
Самиот американски претседател Доналд Трамп не ја исклучил употребата на воена сила за воспоставување контрола врз Гренланд, истакнувајќи дека таа територија им е „очајно потребна“ на Соединетите Американски Држави поради меѓународната безбедност. Од друга страна, неговиот специјален претставник за Гренланд, Џеф Лендри, тврди дека Вашингтон нема намера да „освојува кого било “, туку дека на Гренланд му нуди „економска сила и заштита“.
Сепак, самата фактичка состојба дека во Европа сериозно се разгледуваат сценарија за конфронтација со најблискиот сојузник покажува колку прашањето за Гренланд прераснало во еден од најосетливите геополитички предизвици за ЕУ и НАТО. Р.С.