СЕЌАВАЊЕ ЗА ЈОЦО ПОП-ЈОРДАНОВ (1925-2024)
На денешен ден, 12 март 2024 година, замина во вечноста нашиот сопруг и татко Јордан Поп-Јорданов.
Замина тивко, без жалби, достоинствено – како што живееше. Многумина ни замерија зашто не соопштивме по ТВ, весници, зошто не правевме „театар“. Тој така сакаше – договорот беше да го погребаме само најблиските и без никакви церемонии.
Над гробот, мојата ќерка зборуваше вака:
„ Што значи да се биде добар татко?
– Татко кој додека неговата ќерка била мала ја држел во раце, ја носел на раменици, ја фрлал во воздухот, за веднаш потоа да ја фати во своите прегратки. Така ја научил да не се плаши од височини и дека тој секогаш ќе биде тука за неа.
– Татко кој нема да покаже дека е нервозен и да гo изгуби трпението без разлика колку денот му бил стресен. Кој ќе се труди недоразбирањата со другите да ги реши на мирен, мудар и дипломатски начин.
– Татко за кој најдобрата едукација била секогаш од голема важност и кој преку континуирано учење и работа давал пример за љубопитност и упорност.
– Татко кој давал пример за здрав и активен живот. Внимавал на својата исхрана и се занимавал со спорт – тенисот, за кој сите знаевме дека му е омилен. „Прв првак во Македонија“!
– Татко кој знае внимателно да критикува, но и да дели пофалби.
– Татко кој се однесува добро со сите и е неверојатно дарежлив, на начин што дава пример дека секому треба да му се помогне и дека сите луѓе се добри.
– Татко кој знае без никаква причина да ја прегрне ќерка си и не се плаши да покаже дека ја сака, иако таа е веќе голема девојка.
– Мојот татко ги исполнуваше сите овие точки и многу повеќе… Верувам дека ќе беше и татко кој ќе посветеше исто толку љубов за своето внучe“.
Во оваа пригода ќе кажам некои вистини што јавноста не ги знае, а кои се битни за сознание за една ваква личност.
Роден е во Велико Градиште, Србија, зашто неговиот татко, адвокат, таму добил служба. Инаку, татко му Петар завршил право на Сорбона уште пред Првата светска војна и најверојатно бил најучениот Македонец за тоа време. Зборувал француски, свирел виолина и бил извонредно начитан. Така, Јордан заедно со сестрите и братот растеле во интелектуална средина. Се зборувале странски јазици, се свирело на инструменти, се читале книги… Иако од богато семејство, идеологијата ги однела на сосема друг пат.
Задоени со идеите на социјализмот, сите три деца биле организирани во средношколската комунистичка партија во Србија и поради нивните активности биле протерани од школото. Тоа било и добро за Македонија, зашто по доаѓањето во Штип, тој и сестра му Викторија ги организирале младинците во овој град. Поради тоа Јоцо бил трипати затворан од страна на бугарските власти (не биле само администратори!). Бил толку тепан и мачен, што сите штипјани не верувале дека ќе остане жив?!
Сестра му Викторија како партизанка во Шарпланинскиот одред е убиена од заседа на 6 ноември 1943 на Карадак, Косово, од страна на балистите. И покрај оваа страшна загуба, другите деца останале докрај во редовите на борците за слобода. Брат му Владо по војната стана голем хирург со неколку специјалности, додека сестра му Лилјана стана архитектка.
Поради учеството во партизанските борби и храброто држење за време на војната, Јоцо беше одликуван со Партизанска споменица 1941 година. Никогаш не се фалеше за тоа, ниту пак признанието го користеше за лична полза и привилегии. Имаше и други медали – сите добиени од југословенските институции.
Тој во срцето беше вистински научник. Ги одбил сите понудени функции и како обичен студент, во студентски дом, завршил Електротехнички факултет во Белград, а паралелно и Филозофски факултет во Скопје. На Филозофскиот факултет беше прогласен за најдобар студент досега.
Не сакам да пишувам за деновите поминати во Винча, на Електротехничкиот факултет во Белград, каде што ја градел својата кариера како научник! Инаку, во Москва под раководство на проф. Галанин ја изработил докторската дисертација во која била вградена методата во атомската физика која потоа во светската наука се цитира како Поп-Јорданова метода!
Само ќе спомнам дека ги предводел студентските протести во 1968 година, водејќи ги студентите и професорите од техничките факултети, борејќи се за идеалите на правдата, социјализмот, еднаквоста помеѓу луѓето. Велеше дека сите барања поставени во тогашните револуционерни дни остануваат актуелни до денешен ден!
Во Македонија доаѓа како претседател на МАНУ. Јас во тој период станав негова сопруга и соработничка во науката. Заедно бевме цели 37 години.
Посветен на научниот прогрес раководеше со десетици меѓународни проекти и, како велат, ја донесе меѓународната наука кај нас. Тој велеше: „Или е наука секаде во светот или не е, нема македонска наука!“
Тој живееше за Академијата. Ние, семејството, бевме на второ место. Им помагаше на младите да зачекорат по вистинскиот пат, материјално им обезбедуваше школувања, контакти со светски имиња, ги контролираше нивните трудови. Му помагаше и на персоналот во Академијата секогаш кога беше потребно. За жал, во последните десет години откако се повлече од активната истражувачка работа никој не го посети ниту пак му се јави телефонски. Живеевме речиси во изолација, но тој остана научник до крајот. Беше мојот најстрог рецензент на сите објавени трудови и книги, особено кога беа на англиски јазик.
Со наша помош, сепак доживеа длабока старост, им се радуваше на двете ќерки, синот, внуците и правнуците…
Замина тивко, како што живееше. Остави огромна празнина во нас – најблиските, која никогаш нема да се пополни.
Нека му е вечна слава!
Нада и Софија Поп-Јорданови