Фото: ЕПА

По разговорите во Ријад, Саудиска Арабија, договорните страни не излегоа со заедничко соопштение. Но неофицијалните информации на одредени американски медиуми брифирани од американскиот преговарачки тим звучеа оптимистички. Ден потоа, во недостиг од заедничко соопштение, и Кремљ и Вашингтон, а и Киев дадоа изјави, секој со свој дискурс, но генерално се поклопуваат со темите на дискусија и со рамковните заклучоци, кои може да се препознаат во соопштенијата. Во таков контекст, за читателите на „Нова Македонија“ пренесуваме клучни делови од сите три соопштенија

Што договорија САД, Русија и Украина во Ријад, Саудиска Арабија

1. Соопштение на Белата куќа, Вашингтон, САД

Во соопштението на Белата куќа за разговорите меѓу американската и украинската делегација во Ријад се вели дека „САД и Украина ќе продолжат да работат кон траен мир“ и ќе ги поздрават третите земји да го поддржат спроведувањето на поморските и енергетските договори. Се додава дека САД им повториле на двете страни во војната дека „убиствата мора да престанат“ и дека „САД ќе продолжи да ги олеснува преговорите“. Во соопштението на Белата куќа се напоменува и дека е усвоено да има „престанок на нападите во Црно Море и забрана за напади врз енергетската инфраструктура“, како и дека двете завојувани страни „остануваат посветени на помошта во размената на воени заробеници, ослободувањето на цивилните затвореници и враќањето на раселените деца од Украина“.
Според Белата куќа, договорено е:
– САД и Русија да обезбедат безбедна пловидба, да ја елиминираат употребата на сила и да спречат употреба на комерцијални бродови за воени цели во Црно Море;
– Русија се согласила да развие мерки за спроведување забрана за напади врз енергетски објекти во Украина и Русија;
– Украина се согласила со двете точки наведени погоре.
Во соопштението на Белата куќа се додава дека „САД ќе помогнат во обновувањето на рускиот пристап до извозот на земјоделски и вештачки ѓубрива и ќе го подобри пристапот до пристаништата“.

2. Соопштение од Кремљ, Москва

И Кремљ објави соопштение за преговорите на Саудиска Арабија со САД. Во соопштението се тврди дека „има низа услови што доаѓаат во пакет со Црноморскиот договор“. Во соопштението на Кремљ се вели дека „договорот ќе стапи во сила дури откако ќе се укинат санкциите за руските банки вклучени во меѓународната трговија со храна и вештачки ѓубрива, и тие целосно ќе се поврзат со Свифт–мрежата, која ги контролира повеќето светски банкарски трансакции и овозможува сигурна размена на финансиски пораки меѓу банките“.
Тоа значи дека Москва, според соопштението, е на становиште дека „санкциите мора да бидат укинати за нејзините банки, производителите и извозниците на храна, како и осигурителите вклучени во извозот на храна, пред да стапи во сила примирјето во Црно Море“.
За потсетување, претходниот договор за извоз преку Црно Море (со посредство на ОН и Турција) беше сериозно ограничен за руската страна. Иако руските трговски бродови (би) пловеле слободно, некои пристаништа не сакале да примаат руски земјоделски производи поради заканата од американските санкции и исклучувањето од банкарскиот систем Свифт.
Официјална Москва, исто така, во овој контекст изјави дека „не може да му верува на украинскиот претседател Володимир Зеленски и затоа може да го потпише договорот за Црно Море само ако Вашингтон му даде ’наредба‘ да се придржува до него“, додавајќи дека само тогаш со Вашингтон ќе има „јасни гаранции“ дека Киев ќе се придржува на договорот.

3. Соопштение од Киев, од украинското Министерство за одбрана

Украинското Министерство за одбрана објави свое соопштение за договорот, кое во голема мера го следи истиот текст како соопштението од Белата куќа.
Но, исто така, се додава дека движењето на руските воени бродови надвор од „источниот дел на Црно Море“ ќе се третира како прекршување на договорот и „закана за националната безбедност на Украина“.
„Во овој случај, Украина ќе има целосно право да го искористи правото на самоодбрана“, се вели во соопштението на украинското Министерство за одбрана. Официјален Киев додаде дека ќе бидат потребни „дополнителни технички консултации“ за „ефикасно спроведување“ на договореното. Р.С.


Какви се изгледите за прекин на огнот по состанокот во Ријад?

Прв важен чекор кон постигнување посеопфатен прекин на огнот во војната во Украина

Договорите беа постигнати по паралелните разговори во Саудиска Арабија што следуваа по одделните телефонски разговори минатата недела меѓу Трамп и двајцата претседатели Зеленски и Владимир Путин. Доколку се спроведат, договорите би можеле да бидат прв важен чекор (и за реализацијата на целите на Трамп) за постигнување посеопфатен прекин на огнот во војната во Украина. За одбележување е дека Путин не се согласи со предлогот на Трамп за целосен прекин на огнот во траење од 30 дена, кој Украина претходно го прифати.
– Ние направивме голем напредок – им рече Трамп на новинарите во вторникот, додавајќи дека имало „огромно непријателство“ во разговорите. „Има многу омраза, како што веројатно можете да забележите и ова им овозможува на луѓето да се соберат, да посредуваат, да арбитрираат и да видат дали можеме да го спречиме тоа. И мислам дека ќе успее“. Вашингтон ја омекна својата реторика кон Русија во последниве денови, при што пратеникот на Трамп, Стив Виткоф, рече дека „не го смета Путин за лошо момче“, алармирајќи ги европските претставници, кои го гледаат рускиот лидер како опасен непријател. Лавров, ветеран на руската дипломатија, кој го предводеше Министерството за надворешни работи од 2004 година, рече дека оптимизмот на Виткоф дека наскоро може да дојде до прекин на огнот не ги зема предвид европските сојузници на Киев.
– Тој (Виткоф) значително ги преценува елитите на европските земји, кои сакаат „да му висат како камен околу вратот на Зеленски“ за да не му дозволат „да попушти“ – рече Лавров. Украина и нејзините европски сојузници стравуваат дека Трамп би можел да постигне избрзан договор со Путин што ќе ја поткопа нивната безбедност и ќе се поклони на руските барања, вклучително и Киев да се откаже од амбициите за НАТО и да се откаже од земјиштето за кое има право на Москва.


Русија би добила многу повеќе од Украина и со прекин на огнот на море и со забрана за напади врз енергетски објекти, пишува „Тајмс“

Реакции на британски „Тајмс“ по преговорите во Ријад: Русија би добила многу повеќе од Украина

Во анализата на „Тајмс“ се наведува дека советникот на украинскиот претседател Сергеј Лешченко „ја обвинил Белата куќа дека не добила никакви отстапки од Русија во замена, а ѝ се помогнало на Москва да го врати извозот на земјоделски производи и ѓубрива“.
– Ова ќе се смета за голема победа за претседателот Путин и може да биде преседан за последователно укинување на натамошните санкции – анализира британскиот медиум, пишувајќи за условите на Руската Федерација за укинување на санкциите против руските земјоделски производи. Медиумот ја наведува и огорченоста на украинскиот претседател Лешченко поради фактот што „договорот не ѝ забранува на Русија да ги напаѓа украинските пристаништа“.
– Не се воведуваат никакви ограничувања (на ударите) против Русија – рече Лешченко.
– Прелиминарниот и делумниот договор за прекин на огнот што го постигнаа американските преговарачи со Русија и Украина во Ријад вчера сугерира дека Владимир Путин најдобро ги игра картите. Во замена за прекин на борбите во Црно Море и нападите врз енергетските капацитети, чии детали сè уште не се договорени, Русија инсистира на олеснување од некои од најтешките санкции за храна и ќе се обиде да го врати пристапот на банките до СВИФТ – меѓународен систем за финансиски пораки од кој господинот Путин мора да биде воодушевен – пишува „Тајмс“.