УТРЕ ЗАПОЧНУВА ТРИДНЕВНИОТ НАТО-САМИТ ВО ВАШИНГТОН, САД

На тридневниот самит на НАТО во Вашингтон е предвидено главни теми да бидат засилувањето на одбранбените и механизмите за одвраќање, зајакнувањето на трансатлантската одбранбена, индустриската соработка, како и зголемувањето на одбранбеното производство и зацврстувањето на глобалните партнерства со земјите од Индопацифичкиот Регион

Сепак, според агендата, нишката што ќе биде вплетена во сите гореспоменати теми на самитот ќе се идентификува со „напорите на Алијансата за поддршката на Украина“. Тоа би бил и „најитен приоритет на НАТО “ и се очекува да биде постигнат договор за значителен пакет за помош на Киев…
Лидерите на НАТО ќе ја одбележат 75-годишнината од постоењето на воената алијанса за време на тридневниот самит во Вашингтон што почнува утре, но не се очекува еуфорична, славеничка атмосфера. Воениот сојуз се наоѓа во деликатна ситуација, наспроти пристапувањето на Финска и Шведска кон Алијансата како две високоспособни воени сили, надградувањето на регионалните одбранбени планови и зголемувањето на инвестициите на членките во одбраната по децении недоволно вложување, пишуваат светските медиуми.

Поддршката за Украина е најитен приоритет, но остануваат „две црвени линии“

Поддршката за Украина ќе биде најитен приоритет на Алијансата и се очекува да биде постигнат договор за значителен пакет за помош на Киев, како што најави и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тоа би значело финансиска помош и понепосредна воена поддршка за Украина, преку склучување повеќе билатерални безбедносни договори меѓу членките на НАТО и властите во Киев. Доставувањето на помошта за Украина ќе се спроведува преку Команда во седиштето на НАТО во Германија и преку логистички центри во источното крило на Алијансата, во согласност со договорите постигнати на последниот состанок на министрите за одбрана одржан минатиот месец во Брисел. На самитот во Вашингтон треба да биде усогласено и името за системот за координација на воената помош за Киев.

Покрај состојбата во Украина, предвидено е главни теми на самитот да бидат засилувањето на одбранбените и механизмите за одвраќање, зајакнувањето на трансатлантската одбранбена, индустриска соработка, како и зголемувањето на одбранбеното производство и зацврстувањето на глобалните партнерства со земјите од Индопацифичкиот Регион. Упатените во состојбите во НАТО сметаат дека остануваат „две црвени линии“ – нема членство за Киев до крајот на војната и нема трупи од западните земји на теренот во Украина, како што пренесува „Еурактив“.

Недвосмислена и многу цврста порака за зголемување на трошоците за одбрана за земјите членки

На прв поглед, едно прашање од агендата изгледа многу едноставно и со „технички“ карактеристики, но претставува една многу симпатична метафора на неусогласеноста, внатре во Алијансата, а тоа е прашањето за „строга стандардизација на муницијата“!
Во тој контекст, НАТО во Вашингтон за првпат ќе побара од членките и построга стандардизација на артилериската муниција за да се олесни нејзината употреба на бојното поле. Алијансата претходно спроведе стандардизација на муницијата за малокалибарски оружја, но предизвик претставува истиот процес за артилериската муниција. Моментно постои НАТО-стандард за артилериска муниција, но неговата примена е доброволна и доволен број земји членки не се придржуваат до него, што влијае за нарушување на снабдувањето со оружје. Преку стандардизацијата треба да се овозможи полесна размена на муниција од страна на НАТО-сојузниците. Северноатлантската алијанса би можела во однос на ова прашање да се соочи и со противење од производителите на муниција, бидејќи стандардизацијата на артилериската муниција може да доведе до зголемување на конкуренцијата и намалување на цените на пазарот.

Фото: ЕПА

Се очекува зголемувањето на трошоците за одбрана да биде силно прикажано во Вашингтон како предупредување кон надворешните непријатели и кон скептичарите во однос на капацитетите на НАТО. Една деценија откако беше поставена целта за вложување на два отсто од БДП во одбрана, нешто повеќе од две третини од 32-те членки на НАТО сега се очекува да го достигнат или надминат тој праг до крајот на оваа година. Водечки се балтичките држави и Полска, при што втората веројатно наскоро ќе достигне над четири отсто. Дури и водечките европски сили Германија и Франција се очекува да ја постигнат оваа цел во текот на годинава. Од друга страна, Канада, Италија и Шпанија сè уште заостануваат зад целта на НАТО.


Мицкоски ја предводи македонската делегација

Делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски отпатува за САД, каде што ќе учествува на самитот на НАТО во Вашингтон, на кој се одбележуваат 75 години од формирањето на Алијансата. Заедно со премиерот во делегацијата се и министрите за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, за одбрана Владо Мисајловски и за внатрешни работи Панче Тошковски.

– Настанот е одлична можност да го демонстрираме единството на сите сојузници и заемни заложби за понатамошно унапредување на трансатлантската соработка – порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во видеоснимка објавена на неговиот фејсбук-профил.

– Делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски ќе учествува на НАТО-самитот во Вашингтон. Во оваа пригода упатувам благодарност до нашите стратегиски партнери за организацијата на овој историски самит, на кој Алијансата одбележува 75 години постоење. Настанот е одлична можност да го демонстрираме единството на сите сојузници и заемни заложби за понатамошно унапредување на трансатлантската соработка. Ние и понатаму продолжуваме да бидеме кредибилен НАТО-сојузник, со повеќе од два отсто од БДП за инвестиции во одбраната, како и со поддршката што ѝ ја даваме на Украина – истакна Муцунски во видеообраќањето.

Се очекува на самитот да дојде до средба на Мицкоски со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис.

П.Р.