Во последните месеци трендот на дедоларизација е видлив на светските пазари, особено во светлината на царинските закани што ги спроведе американскиот претседател Доналд Трамп. Забележливо е дека Азија сè повеќе се одвраќа од доларот. Неговата вредност годинава падна за десет проценти во споредба со кошничката валути, па доларот видливо ја губи својата моќ. Ваква фактичка состојба констатираат низа економски аналитичари…
Економски аналитичари препознаваат финансиски феномени во светлината на воведувањето на американските царински стапки
Ако ги погледнеме само поединечните валути (не го вклучуваме златото во пресметката), доларот, со удел од 58 проценти, сè уште е убедлива светска резервна валута број еден, додека еврото е на второ место, со удел од 20 проценти, што значи дека значително заостанува. Сепак, да се потсетиме, уделот на доларот беше 65 проценти пред десет години, а повеќе од 70 проценти на почетокот на овој век.
Долгорочниот пад на вредноста на американскиот долар најдобро се илустрира со фактот дека доларот изгубил повеќе од 86,5 проценти од својата вредност од 1971 година, поради што токму сега многу земји што ја поддржуваат дедоларизацијата се жалат дека добиваат долари за нивната нафта, кои со текот на времето сè повеќе се претвораат во „безвредна хартија“.
Од друга страна, златото стана предмет на размена на пазарот на скапоцени метали во 70-тите години од минатиот век и оттогаш неговата цена постојано расте. Ако погледнеме кумулативно, тоа е дури 4.900 проценти повисоко отколку пред 50 години.
Една од главните причини за зголемувањето на побарувачката и цената на златото е тоа што се смета за традиционална заштита од висока и хиперинфлација. Златото историски се покажа како една од најбезбедните и најефикасните форми на долгорочна заштита на вредноста на средствата.
БРИКС во повеќе сегменти ја надмина групата на седумте најбогати на светот (Г7)
Пет области во кои БРИКС е пред Г7
Според анализите во повеќе економски специјализирани (западни) списанија, ова се петте области во кои БРИКС, кој беше формиран во 2009 година од Бразил, Кина, Индија и Русија, веќе ја надминува Г7.
1. Куповна моќ
БРИКС во моментов се смета за најголема економска група во светот.
Според прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), бруто-домашниот производ на земјите од БРИКС, изразен во паритет на куповна моќ, ќе надмине 86 милијарди долари годинава, што е за 53,1 отсто повеќе отколку во земјите од Г7.
Исто така, според прогнозите, во 2025 година БДП на земјите од БРИКС ќе порасне за 3,4 проценти, во споредба со растот од 2,8 проценти во просек во светот и 1,2 проценти во Г7.
2. Глобална покриеност
Со претставници во Африка, Америка, Азија и во Европа, земјите од БРИКС зафаќаат 38,3 проценти од копнената површина на планетата, додека Г7 сочинува 16,1 процент. Освен водечката позиција во територијалната површина, земјите од оваа група сочинуваат 48,5 проценти од населението на планетата, односно повеќе од 3,8 милијарди луѓе, додека 783 милиони луѓе живеат во земјите од Г7.
3. Земјоделско производство
Истражувањето на Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) од 2023 година покажа дека 11 земји од БРИКС се водечки во светот во земјоделското производство на најмалку 12 производи: ориз, компири, говедско месо, козјо месо, пилешко, јагнешко, свинско месо, портокали, кравјо млеко, пченка, соја и пченица.
Покрај фактот дека економиите на земјите од групата се движечка сила на извозот, агроиндустрискиот комплекс им обезбедува и прехранбена безбедност на членовите на групата.
4. Минерални ресурси
Според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), 36 проценти од светското производство на природен гас, 43,6 проценти од светското производство на нафта и 78,2 проценти од производството на јаглен се концентрирани во земјите на БРИКС. За споредба, земјите од Г7 учествуваат со 28,8 проценти во производството на гас, 26 проценти во производството на нафта и 11 проценти во производството на јаглен.
Покрај тоа, според Трговската комора на МЕРКОСУР, земјите од БРИКС сочинуваат 72 проценти од светските резерви на ретки земни метали.
5. Научно производство
И покрај тоа што се лидери во агробизнисот и богати со природни ресурси, земјите од БРИКС ги надминаа земјите од Г7 и по бројот на меѓународни патенти.
Според Глеб Кузнецов, истражувач во Институтот за социјални истражувања (EISI), земјите од БРИКС регистрирале 893.000 патенти во 2023 година, што е за околу 300.000 повеќе од земјите од Г7. Р.С.
