Со пуштање во работа на првите три потопни пумпи од хидросистемот Ѓавато, кој се смета за витален проект за заштита на Дојранско Езеро, симболично се означи и почетокот на целосната реконструкција на системот, кој последниве три години не функционираше и се закануваше да предизвика еколошка катастрофа од несогледливи последици. „Нова Македонија“ во повеќе наврати пишуваше за овој проблем и за состојбата со езерото, па оттаму го поздравува овој чин за ревитализација на системот со уште едно укажување на важноста за зачувување и одржување на водните ресурси, како проблем што се наметнува и на глобално ниво
Започна процесот за ревитализација на хидросистемот Ѓавато, клучен за водоснабдувањето на Дојранско Езеро
Охрабрувачки вести за Дојран и дојранци, но и за сите што го сакаат и го почитуваат Дојранско Езеро. Проблемите за кои и „Нова Македонија“ пишуваше во неколку наврати, се чини дека полека се решаваат. По предлог од Министерството за животна средина и просторно планирање, неодамна Владата ја усвои информацијата за ставање на овој хидросистем во функција.
Со тоа, по тригодишна агонија и престанок на работата на хидросистемот Ѓавато, кај Богданци, кој е од клучно значење за водоснабдувањето на Дојранско Езеро, тој конечно се активира. Конкретно, во саботата, овој систем се врати во функција, со тоа што беа активирани дел од пумпите, кои беа згаснати поради неплатени сметки за електрична енергија. Според најавите, се очекува со новиот план да се изврши целосна реконструкција, за да се обезбеди долгорочна и стабилна функционалност на овој систем, што ќе помогне во заштитата на езерото од потенцијални еколошки последици и ќе осигури одржливо управување со водните ресурси.
Реконструкцијата на хидросистемот Ѓавато е витален проект за заштита на Дојранско Езеро. Со тоа се очекува дека ќе се овозможи долгорочна стабилност на водоснабдувањето и заштита на националното богатство од понатамошна еколошка деградација.
За потсетување, хидросистемот Ѓавато е изграден во 2002 година заради полнење на Дојранско Езеро и за да се спречи еколошка катастрофа. Системот изминативе години се користеше и за дотур на вода во браната Паљурци кај Богданци при намален водостој. На системот се приклучени и повеќе правни и физички лица, кои ги наводнуваат своите плантажи и ниви.
Хидросистемот за спас на Дојранско Езеро беше исклучен во февруари 2022 поради високите сметки за струја, кои месечно достигнуваа и до 330.000 евра. Со овој систем и понатаму стопанисува Министерството за животна средина откако пред десетина години Владата го укина тогашното јавно претпријатие. Инспекциските служби при контролите изминативе години констатираа низа неправилности во работата на овој систем во поглед на самоодржливоста бидејќи министерството не може да управува со системот и да наплаќа од субјектите што користат вода од системот.
На бунарското подрачје Ѓавато моментално има технички исправни три потопни пумпи: пумпите 3, 7 и 8, кои се ставени во функција, а за другите е потребна реконструкција. Во оваа фаза беа ставени во функција трите потопни пумпи со капацитет од 200 литри во секунда.
Во саботата, на самиот чин на почнување со работа, беа присутни вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити и раководителот на системот Јован Попов, кои укажаа дека ова е само почеток на решавањето на проблемот, бидејќи на повеќе позиции цевководот е оштетен, а паралелно има и многу диви приклучоци од страна на земјоделците. Сепак, тие се оптимисти дека овие почетни 200 литри во секунда ќе завршат во езерото по 22-километарскиот цевковод од Ѓавато до езерото и покрај воочените проблеми.
Министерот, со пуштањето во употреба на трите пумпи, ја истакна потребата од сеопфатно решение што ќе го врати системот во целосна функционалност, заедно со дополнителни мерки за стабилност на водоснабдувањето. За таа цел, тој најави дека следната година ќе се најдат средства за реконструкција на системот и цевководот, за да има најмалку 700 литри во секунда, од кои би имало ефект и за езерото.
– Треба да се обноват системот и главниот цевковод за да стасаме до 500, односно 700 литри во секунда, бидејќи од главниот цевковод вода користат и земјоделците. Двесте литри се премалку за да се види ефектот по езерото. Следната недела ќе седнеме и ќе знаеме на што сме. Тоа што го слушам не е голем паричен товар за министерството, за да се најде корисно решение и за земјоделците и за езерото – кажа Меџити.
Поради лошите временски услови, нивото на водата во Дојранско Езеро последните две години полека се намалува. Тоа во моментов е околу 80 сантиметри под дозволеното ниво. Жителите на Дојран и сопствениците на викендички се плашат од можна нова еколошка катастрофа, со оглед на тоа што значително е опаднато нивото на водата.
– Пумпите ќе ги вклучиме и ќе ја следиме состојбата за да знаеме колку вода ќе стигне до езерото. Тоа е реалноста. Јас не можам да кажам колку ќе стаса. Пумпите ќе функционираат, јас ќе контролирам и ќе знам дали и колку вода ќе стаса, каде и колку ќе има загуби. Тоа ќе го простудираме и потоа дополнително ќе седнеме со министерот за да видиме што понатаму – додаде Попов.
Се огласи и градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, кој во повеќе наврати укажуваше на критичната состојба во која се наоѓа хидросистемот, особено на локацијата кај Ѓавато, каде што две дупчења се веќе дотраени и со потреба од итна интервенција. Според него, овој систем е во многу лоша состојба и за негово успешно функционирање неопходна е брза и целосна реконструкција.
– Се надевам дека ќе се најдат пари за санација на хидросистемот и напролет ќе има солиден дотур на вода во езерото за да се стопира ова повлекување на водата поради сушата. Упатувам благодарност до сите што сакаат да се реши овој проблем бидејќи само сплотени можеме да придонесеме за нашиот бисер Дојранско Езеро – кажа Ангов. М.В.