Фото: Маја Јаневска-Илиева

Воведувањеto систем за задолжителна најава за влез во ЕУ како повод

Како една од најголемите придобивки од напредокот на Македонија (и на другите земји кандидати од Западен Балкан) во процесот на евроинтеграциите, која можеби најконкретно како позитивна и олеснувачка мерка ја почувствуваа граѓаните, беше визната либерализација. Иако и понатаму патувањето во земјите од Европската Унија за граѓаните од Македонија не е на ист начин и со ист статус како за граѓаните од земјите членки, укинувањето на визите за влез и престој во Унијата во 2009 година имаше ефект на перцепција дека сепак сме некако поблиску и на некој начин – дел од Европа. Бидејќи во изминатите петнаесетина години немаше значителен напредок во евроинтеграциите на земјите кандидати од Западен Балкан, најавата за воведување на системот за влез/излез на ЕУ (ЕЕС), односно придружниот Европски систем за информации и овластување за патување (EТИАС), испраќа порака за повлекување или барем редуцирање на одлуката за визна либерализација. Иако спроведувањето на оваа одлука за ЕТИАС се одложува во неколку наврати, најновите информации се дека ќе почне да се применува од претстојната есен, најдоцна до почетокот на 2025 година. Во секој случај, и покрај одложувањата, примената на одлуката за ЕТИАС, односно најава за влез во ЕУ, 96 часа пред пристигнувањето на некој од граничните премини на Унијата, сепак, побрзо би стапила во сила отколку кога беше донесена одлуката за визна либерализација. Во услови кога евроинтегративните процеси на Македонија (и другите земји од Западен Балкан) практично се замрзнати и се одолжуваат со измислување нови апсурдни и непринципиелни уцени од разни земји членки, ограничувањето на слободата на движење во ЕУ за граѓаните од земјите кандидати секако не придонесува во овие држави да дојде до запирање на опаѓањето на популарноста и довербата во ЕУ. Н.М.


Детали за новите прописи за влез во ЕУ

Седум евра за пријава, формулар, задолжителна фотографија, како и отпечатоци од папиларните линии на прстите…

Во очекување имплементацијата на Европскиот информативен систем за патувања (EТИАС), која е предвидена за наредното лето, ги претставуваме деталите за новите прописи за влез во Европската Унија.

Како да го пополните формуларот?

ЕТИАС ќе бара од граѓаните од околу 60 земји да пополнат посебен формулар преку интернет или мобилна апликација пред да патуваат. При првото пополнување на апликацијата, патникот внесува лични податоци, електронска пошта и телефонски број, како и детали од патната исправа.
Патникот исто така ќе треба да внесе детали за образованието и тековното вработување, детали за планираното патување и престој во земја на ЕУ, детали за какви било кривични пресуди, минато патување во воени зони или зони на конфликт, како и информации за тоа дали лицето е протерано од која било земја.
Од патниците се бара да платат такса од седум евра, која се плаќа со платежна картичка, слично на секое купување преку интернет, а потребната сума пари мора да се претвори во валутата на вашата земја. Таксата нема да ја плаќаат лица под 18 и над 70-годишна возраст, сопружниците/регистрираните партнери и децата на државјаните на ЕУ и земјите од шенген-зоната, како и децата на сопружниците/партнерите што доаѓаат надвор од ЕУ. Во случај на семејно патување, секој член на семејството ќе мора да аплицира поединечно бидејќи не е можна групна апликација.
Пасошите во сите земји од Западен Балкан се биометриски, чиповите содржат отпечатоци од прсти и фотографии и целосно се усогласени со условите што ги бара ЕУ за земјите од Западен Балкан да добијат безвизен режим. Она што треба да се земе предвид е дека рокот на важност на патните исправи не е помал од три месеци од датумот кога планирате да се вратите во вашата земја, а пасошот не смее да биде постар од десет години. Како што е наведено на официјалната веб-страница на системот ЕТИАС, обработката треба да трае „неколку минути“, а најдоцна четири дена.
Од патниците може да бидат побарани дополнителни информации, како што се потврда за хотелска резервација, потврда за вработување или друг документ, за кој рокот за испорака е десет дена, а по проверката, барањето ќе биде обработено во рок од две недели.
Исто така, патникот може да биде поканет на интервју во амбасадата на земјата во која планира да патува. Во тој случај барањето треба да се обработи во рок од 30 дена, па затоа на патниците им се препорачува да го пополнат формуларот најмалку еден месец пред да купат билет или да направат резервација на сместување.
Доколку на патникот му биде одобрено да влезе во ЕУ, ќе добие известување по е-пошта и дозволата ќе трае три години или додека не се замени патниот документ со кој е извршено аплицирањето.
Откако ЕТИАС е платен и одобрен за патување, можете да патувате во која било земја на ЕУ онолку пати колку што сакате за време на периодот на важност на дозволата, но тоа не значи дека ќе можете да останете подолго од 90 дена во период од шест месеци.

Доколку образецот е пополнет од трето лице

Родителите пополнуваат формулар за нивните малолетни деца, кои се ослободени од плаќање такса од седум евра. Секој може да овласти трето лице да аплицира во негово име или во име на своите малолетни деца. Со посредник, на пример туристичка агенција, мора да се потпише изјава за застапување за секое лице поединечно, а истото тоа важи и во случај кога за некое лице аплицира пријател, сосед, ќерка или син.

Кој е ослободен од аплицирање за ЕТИАС?

Формуларот ЕТИАС нема да мора да го пополнуваат лица што имаат валидна виза – студентска, работна или слично – или дозвола за престој во земја на ЕУ. Образецот исто така не го пополнуваат лица што живеат покрај граница и поседуваат гранични пропусници, со кои поминуваат за, на пример, да ги обработат своите ниви од другата страна на границата.
На членовите на екипажот на бродови и авиони за некои земји од ЕУ ќе им треба формулар ЕТИАС, на други не, што треба да го проверат пред да се симнат. Исклучоци се и лекување, во случај да е загрозен животот на барателот или роднина, одење на погреб на член на семејството, обврска за појавување пред суд или некоја друга „важна обврска“.
Исклучоци се предвидени и за плаќање на данокот. А носителите на дипломатски или специјални пасоши чии земји имаат потпишано договори со ЕУ, вработените во НАТО не мора да аплицираат за дозволи за ЕТИАС, исто како и оние што транзитираат низ европски аеродром. Не мора да аплицираат ниту лица со двојно државјанство на земја членка на ЕУ, под услов да патуваат со пасош или лична карта на таа земја.

Ако влезот е одбиен

На лицата без овластување за ЕТИАС ќе им биде одбиен влез на граница. Дури и добивањето на тој сертификат не значи дека на патникот автоматски му се дозволува влез во земјата на ЕУ. Сите патници сепак ќе бидат проверени и граничен службеник може да одбие влез на лице што не ги исполнува условите. Некои од условите за влез се важечка патна исправа најмалку три месеци од датумот на планираното враќање, пасошот да не е постар од десет години, престојот да е оправдан и лицето да има доволно пари до планираното враќање. Вообичаената сума е околу 100 евра дневно и зависи од земјата членка на ЕУ. Доколку барањето за овластување за ЕТИАС биде одбиено, отповикано или откажано, барателот ќе добие е-пошта во која ќе бидат наведени причините за одбивањето и името на телото што ја донело одлуката.
Постои можност за жалба, а е-поштата ќе содржи информации до која земја или земји да се жали ,со опис на соодветната жалбена постапка. Жалбите се решаваат во согласност со законите на тие земји. Лицето чие барање е одбиено може повторно да аплицира за ЕТИАС-дозвола. Надоместокот не се враќа доколку пријавата е одбиена. Н.М.