Според објава во медиумите, засега никаде не е наведено во какво својство (сведок, обвинет итн.) е повикан Шукри Буја пред Специјалниот суд во Хаг. Но, според Буја, тој во Хаг отпатувал против своја волја. За потсетување, Шукри Буја беше испрашуван во Хаг во 2019 година, а за приштинските медиуми тогаш тој самиот изјави дека бил повикан како осомничен
Специјалниот суд во Хаг повика еден од поранешните воени лидери на ОВК, Шукри Буја
Еден од поранешните лидери на т.н. ОВК на подрачјето на Неродимље и поранешен градоначалник на Липљан, Шукри Буја, е повикан да се јави пред Специјалниот суд во Хаг. Според објава во медиумите, засега никаде не е наведено во какво својство (сведок, обвинет итн.) е повикан Шукри Буја пред Специјалниот суд во Хаг. Но, според Буја, тој во Хаг отпатувал против своја волја. За потсетување, Шукри Буја беше испрашуван во Хаг во 2019 година, а за приштинските медиуми тогаш тој самиот изјави дека бил повикан како осомничен.
Во Хаг е во тек судењето на поранешните лидери на т.н. ОВК: Хашим Тачи, Кадриј Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Сељими, кои се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото. Тие се обвинети дека во текот на 1998 и 1999 година, додека биле лидери на ОВК, наредиле или извршиле голем број злосторства, убиства и киднапирања врз припадници на армијата и полицијата на тогашна СР Југославија, Срби и други неалбанци, како и Албанци што не прифатиле да бидат помагачи или членови на ОВК.
Хаг размислува за повторно разгледување на „македонските хашки случаи“
За издвојување е дека Специјалниот суд во процедурата на докажување планира да повикува и лица на рочиштата да дадат изјави, па дури и во различни својства (да бидат обвинети), а мандатот на судот да не се ограничи на сторени кривични дела на територијата на Косово. Доколку во текот на процедурата се пронајдат докази за кривични дела што не застаруваат (воени злосторства и злосторства против човештвото), извршени и на териториите надвор од административните граници на Косово (на пример, во Македонија), тогаш истите тие ќе бидат процесирани на начин како што ќе предложи Специјалниот суд. Според извори од Хаг, во Специјалниот суд поради испреплетеност на многу лица и настани чиј заеднички именител е ОВК и извршени „воени злосторства и злосторства против човештвото“, во скоро истиот период и малку потоа (2001 година) и на територија многу блиска до Косово, се размислува за давање иницијатива за формирање уште едно тело (суд), со ингеренции слични на судечкиот суд за воени злосторства за Косово, или пак по трансформациите во македонското правосудство повторно да се извадат предметите на „македонските хашки случаи“ и истите тие да се процесираат во домашното правосудство, бидејќи тие не застаруваат, а се ставени ад акта со политичко-партиски договор и спротивно на меѓународното право. Н.М.
Кој е Шукри Буја, командант Сокољ
Шукри Буја е поранешен командант на ОВК за зоната Неродимље и поранешен градоначалник на Липљан. Тој бил командант одговорен за над сто наредби за воени напади во споменатата оперативна зона на ОВК. Во „белата книга“ на тероризмот и организираниот криминал, објавена од Владата на Србија, има опширен запис за Буја – командантот од Неродимље. Во тој документ се содржани опис и документи на сите операции раководени од него.
Како што се наведува во тој документ, Буја (кој е познат и по прекарите Сокољ и Газетар) е роден на 27 август 1966 година во селото Бујанце, општина Липљан. Бил управител на логорот во селото Ланиште кај Урошевац, а потоа функцијата командант на штабот на ОВК во селото Језерце (општина Урошевац) ја извршувал до септември 1999 година. Во текот на 2000 година организирал и командувал со милитантни активности во општините Урошевац, Качаник и Витина.
За време на војната, од 1998 година до крајот на војната, штабот на ОВК за зоната Неродимље се наоѓал во селото Малопољци, општина Штимље. Буја бил водач на три т.н. бригади – 161, 162 и 163, во кои Буја бил од почетокот, во фазата на формирање. Потоа, 161. бригада оперирала во областа Штимље, Неродимље, Урошевац и Језерац; односно на подрачјето на општината Качаник дејствувала 162. бригада, а за подрачјето на Штрпце се формираш 163. бригада. Но, последнава не профункционирала до крајот на војната. Сепак, токму оваа оперативна зона на ОВК граничи со Република Македонија и таа беше искористена за исклучително активна логистичка поддршка во подоцнежниот воен судир на паравоените формации на ОВК (ОНА) на територијата на Македонија (качанички коридор).
Додека Буја беше командант, во неговата оперативна зона биле регистрирани напади врз полицијата, киднапирања на Срби, Албанци и Роми. Во „белата книга“ на Владата на Србија има документи со сведоштва дека „киднапираните лица најмногу завршувале во затворот во Ликошан во 1998 година, а потоа биле транспортирани во Албанија, во Језерац и Буково“. Понатаму во врска со командант Сокољ постојат сведоштва дека „припадниците на ОВК по наредба на Буја поставувале чести заседи на патиштата во таа област, запирале возила и доколку не се почитувале нивните наредби, тие отворале оган врз возилата“. Во тие напади, пишува во „белата книга“ на сведоштва, имало и жртви Албанци. Н.М.