Постојаното инсистирање од страна на бугарскиот претседател Румен Радев и неговата заменичка Илијана Јотова земјава да го спроведе она што е договорено со ЕУ, всушност, значи дека официјална Софија ќе внимава на секоја точка и запирка во преговарачката рамка, каде што впрочем се вклучени сите бугарски барања утврдени во Декларацијата на бугарското Народно собрание. Тоа говори дека во овој момент, покрај сите најави од страна на челниците на ЕУ дека сега е моментумот за проширување, Македонија мора да одигра внимателно и без брзање, за да не се соочи со истото разочарување како со Преспанскиот договор
Чувствителен момент за уставни измени
Новата Европска комисија стапи и официјално на функција, притоа не заборавајќи уште еднаш да ја потсети Македонија за преземената обврска за уставни измени како услов за продолжување на евроинтегративниот процес.
Имено, новата еврокомесарка за проширување Марта Кос го повтори ставот кажан уште пред вкрстеното испрашување од страна на европските пратеници што ја оценуваа нејзината кандидатура, при што уште еднаш рече дека Македонија мора да ги направи уставните измени доколку сака да оди напред.
– Тоа е нешто на кое сметаме. Ништо помалку, ништо повеќе. Верувам дека тоа е можно, и по тоа навистина да го забрзаме процесот – порача Кос во изјава за медиумите по одобрувањето на новиот состав на Европската комисија.
Запрашана дали потоа може да се дадaт гаранции дека нема да има други блокади, Кос рече дека таа не е онаа којшто може да даде одговор на тоа прашање. Во однос на тоа како може да се реши проблемот со Бугарија, таа нагласи дека треба да се разговара што е можно повеќе.
– Да се зборува, што е можно повеќе, и со С. Македонија и со Бугарија. Мора да покажеме дека тоа е во наши раце, како да го решиме овој билатерален проблем. Без ова, а следејќи ги европските вредности, нема да можеме да го направиме она што е најдобро за ЕУ и секако што е најдобро за С. Македонија – истакна Кос.
Очигледно ниту новата еврокомесарка за проширување не е сигурна дали уставните измени се последното бугарско барање, а од нејзината изјава „ништо помалку, ништо повеќе“ не може да се насети каква било гаранција дека Бугарија утре нема да побара „нешто повеќе“ и дека ЕУ повторно ќе застане на бугарска страна.
Од друга страна, резултатите од активната дипломатска офанзива од македонска страна веќе се видливи така што повеќе европски претставници излегуваат со тези дека земјава не треба да брза со носењето уставни измени доколку не добие гаранции дека тоа ќе биде последното бугарско барање.
Новиот известувач на ЕП за Македонија, Томас Вајц, на брифинг со новинарите во зградата на Европскиот парламент рече дека е забележлива подготвеноста кај македонската влада да ги забрза евроинтеграциите ако има гаранции дека Бугарија нема да поставува нови барања и нови блокади.
– Треба да се обезбеди промена на Уставот, но и да се обезбеди дека нема да има дополнителни барања, тоа треба да биде обврзувачко и чувството е такво во Европската Унија. Владата тешко ќе може да им објасни на гласачите ако нема гаранции. Треба да работиме на тоа да се обезбедат гаранции и дека нема да има нови барања. Она што е легитимно е тоа што Владата бара јасност за барањата, но не верувам дека ќе помине барањето за уставни измени со одложено дејство – истакна австрискиот европратеник Вајц.
Според него, Македонија станала жртва на билатералното прашање со Бугарија, оти прегoворите не се лесни, но оти „новите геостратегиски околности по руската инвазија врз Украина покажаа дека Западен Балкан не е некаде надвор, туку во јадрото на Европа“.
Германскиот европратеник Михаел Гахлер и член на Комитетот за надворешни работи на Европарламентот посочи дека постојат иницијативи од ЕУ-членки да се одблокира процесот. Тој истакна дека во разговори со бугарски европратеници добил впечаток оти тие се ориентирани кон наоѓање решение и оти, како што кажа, не е ниту во интерес на Бугарија да го блокира процесот.
Во таа насока се и средбите на специјалниот претставник на Берлин за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој деновиве имаше разговори во двете земји. По средбата со потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, Сарацин во Скопје разговараше и со македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Сарацин од Јотова добил уверување дека Бугарија нема да има други барања за Македонија, додека македонскиот шеф на дипломатијата му рекол на германскиот пратеник дека очекува од новото раководство на европските институции да се засили политиката на проширување на ЕУ во претстојниот период.
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова неодамна на брифинг потврди дека значајни европски актери му пренеле на македонскиот државно-владин врв дека Македонија направила многу досега и дека сега е ред на Европската Унија да испорача.
– Има решение низ интерпретација на европската преговарачка рамка, се разбира, ако има добра волја. Тоа секаде го кажувам, за решение треба двајца и мислам дека е можен исчекор – рече претседателката.
Таа ги спомена земјите од Вишеградската група и Белгија, кои искажале поддршка и од кои потекнува оптимизмот дека е можен некаков пробив.
Од изјавите на европратениците, но и на македонскиот државен врв, може да се насети дека зад кулисите се одвиваат некакви разговори за да може Македонија да добие некакви гаранции бидејќи повеќе од извесно е дека Бугарија нема намера да се откаже од нови условувања. Постојаното инсистирање од страна на бугарскиот претседател Румен Радев и неговата заменичка Илијана Јотова, земјава да го спроведе она што е договорено со ЕУ, всушност, значи дека официјална Софија ќе внимава на секоја точка и запирка во преговарачката рамка, каде што впрочем се вклучени сите бугарски барања утврдени во декларацијата на бугарското Народно собрание.
Тоа говори дека во овој момент, покрај сите најави од страна на челниците на ЕУ дека сега е моментумот за проширување, Македонија мора да одигра внимателно и без брзање, за да не се соочи со истото разочарување како со Преспанскиот договор, кога беше убедувана дека тоа е последна пречка, за подоцна да се покажа дека на нејзиниот евроинтегративен пат постојат уште многу пречки, кои Бугарија има намера да ги поставува една по една.
Особено не треба да се брза кога во надминување на блокадата се вклучени и многу европски претставници, а не се исклучува свој придонес да дадат и САД откако таму заврши изборниот процес. Дотолку повеќе што некои од блиските луѓе на новиот американски претседател Доналд Трамп имаат добри конекции со владејачката партија во земјава, така што во следниот период се очекува и Американците да се вклучат малку поактивно во целиот процес на наоѓање решение за бугарската блокада.
Силјановска-Давкова: Изјавата на Кос звучи како директно мешање во внатрешните работи
Македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова завчера од Подгорица, каде што беше во официјална посета, ја коментираше изјавата на новоизбраната еврокомесарка за проширување Марта Кос, која се однесува на очекувањата за уставните измени во земјава.
– Имам забелешка на дикцијата на новата еврокомесарка, бидејќи кога рече – велите: ништо помалку и ништо повеќе, тоа ми личи на нешто како земи го или остави го. Тоа не е филозофија, тоа е софистицирано евромандаринство. Тоа ме плаши, бидејќи звучи како директно мешање во внатрешните работи – истакна Силјановска-Давкова на заедничката прес-конференција со нејзиниот црногорски колега Јаков Милатовиќ. С.Т.