БИТОЛА

Битола конечно влегува на мапата на велоградови. Иницијативата за велосипедски патеки започната во 2014 како упорен глас и визија под мотото „Битола на точак“ добива свој епилог по цели 11 години.
– Еден од првите посериозни состаноци кога започнавме ни беше во СВР, каде што ни го презентираа баш овој проект, уште тогаш, дека е одобрен и потпишан, но ете колку години требаше застапување за да го видиме реализиран – вели Виктор Илиев од иницијативата „Битола на точак“.
Граѓаните со задоволство го коментираат она што се случува во нивниот град, со зборовите дека Битола со забрзан чекор се движи кон визијата за уреден, еколошки и одржлив град. Градоначалникот Тони Коњановски започна симболично да се вклучува во новата ситуација и да доаѓа со велосипед до работа, како дел од заложбата за промоција на урбаната мобилност и активен начин на живот.
– Битола станува велоград. Со над пет километри изградени велосипедски патеки и нови планови што следуваат, го трасираме патот за поеколошка, побезбедна, подостапна и поатрактивна урбана средина – вели градоначалникот Коњановски.
Во наредниот период ќе следува доуредување на постојните патеки – расчистување на теренот, поставување соодветна вертикална и хоризонтална сигнализација, со што безбедноста и функционалноста ќе бидат значително унапредени. Паралелно ќе започне и изградба на нови велосипедски маршрути во делот на поранешната касарна на АРМ и други локации низ градот.
Реконструкцијата на тротоарите на улиците Васко Карангелевски и Партизанска со нови велосипедски патеки се реализира со средства од буџетот на Општина Битола и претставува проектна активност на проектот „Смарт4ју2“, поддржан од европските фондови. Новите велопатеки се дел од пошироката стратегија на општината за подобрување на пешачките зони и за воведување велосипедски патеки во клучни делови од градот. Со ова, Битола не само што инвестира во подобра инфраструктура туку и се позиционира како привлечна дестинација за љубителите на велосипедизмот и активниот туризам, поттикнувајќи здрави навики и зелени решенија.