Фото: ЕПА

Францускиот генерал Тјери Буркхард, во обид да наметне аргументи на страната на Макрон и другите т.н. сили на подготвените, даде опис на еден свет низ негова призма, дефиниран од четири политички фактори: употребата на сила за решавање конфликти; притисокот од земји како Кина, Русија, Северна Кореја и Иран да го предизвикаат Западот; моќта на информациската војна и влијанието на климатските промени. Така, тој сакаше да ја оправда потребата од стратешка милитаризација и обединет одговор на Европа

Поранешниот началник на Генералштабот на француските вооружени сили, Тјери Букхард, во очајнички обид да ги аргументира потребите за засилување на европските воени капацитети по замисла на милитантните либерални елити на Европа

Разединетите европски влади мора да се засилат за да ја потврдат својата комбинирана моќ како тврда сила (тврда моќ – војска и воени арсенали). Тоа го тврди поранешниот началник на Генералштабот на француските вооружени сили, Тјери Буркхард, во неодамнешно интервју објавено во францускиот весник „Либерасион“ и во европското издание на порталот „Политико“. Генералот нагласува дека „Европа мора да наметне тврда моќ или ќе стане плен“.

Војниците се повикани од политичарите да ја бранат тезата за потреба од војна за решавање политички предизвици

На почеток, да потсетиме дека генерал Буркхард ја напушти својата функција (началник на Генералштабот на француските вооружени сили) на крајот на август, а беше на чело на француската војска од 2021 година. Под негово водство, француските вооружени сили го зголемија своето присуство на источниот брег на Европа и станаа поактивни во НАТО, додека се подготвуваа за војна со висок интензитет. Во изминатите месеци, францускиот генерал, исто така, беше копретседател на таканаречената Коалиција на подготвените – група земји што работат на безбедносни гаранции за Украина во случај на прекин на огнот со Русија. Буркхард е заменет од досегашниот генерал на воздухопловните сили на Франција, Фабиен Мандон.
Генерал Буркхард опиша свет дефиниран од четири политички фактори: употребата на сила за решавање конфликти; притисокот од земји како Кина, Русија, Северна Кореја и Иран да го предизвикаат Западот; моќта на информациската војна и влијанието на климатските промени.
– Ослабената Европа може утре да се најде како прогонувано животно, откако два века Западот го поставуваше тонот. Не станува збор само за вооружените сили туку и за фактот дека сега преовладува динамиката на тврда сила – рече генерал Буркхард во невообичаено отворени забелешки за медиумите пред неговото напуштање на функцијата.

Со европско милитантно поврзување против мултилатералноста

Тој предупреди дека фрагментираните европски земји ќе мора да се поврзат поцврсто како стратешка сила за да се спротивстават на „сферите на влијание“ што ги градат Кина, Русија и САД.
– Од една страна, европските земји никогаш не биле толку силни. Од друга страна, постои форма на негирање од страна на владите и населението наспроти нивото на насилство во светот денес – додаде тој.
Ставовите на францускиот генерал се одраз на растечкиот број предупредувања за слабоста на Европа.
Поранешниот шеф на Европската централна банка, Марио Драги, неодамна исто така нагласи дека ЕУ мора да престане да се преправа дека може да врши глобално влијание само како економска сила и потрошувачки пазар. Тој инсистираше дека европскиот блок добил „многу брутален повик за будење“ од американскиот претседател Доналд Трамп и оти треба да размислува многу постратешки за трошоците за безбедност и одбрана.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони, пак, ја предупреди Европската Унија дека се лизга во ирелевантност на светската сцена.
– Мора да бидеме подготвени да ја платиме цената на нашата слобода и нашата независност – рече таа.

Стопати повторената теза станува вистина?!

Повеќе од руските тенкови, воспоставувањето антизападен алтернативен поредок им се заканува на Европејците. Ако Русија може да ја разбие Европа без оружен напад, тоа е патот што ќе го избере, рече Букхард, зборувајќи во својата канцеларија во седиштето на Министерството за вооружени сили во Париз, познато како Балард.
Тој ја нагласи потребата од стратешка солидарност на европските држави.
– Во утрешниот свет, стратешката солидарност што ги обединува европските земји мора да биде многу, многу силна. Ниту една земја во Европа не може да биде главен играч сама. Не станува збор за градење нешто против САД или дури и против Русија, туку за постигнување на критичната маса потребна за да се има влијание и да се избегне да се биде продаден на парче – додаде Буркхард.
Предизвикот за Европејците отсекогаш бил да зборуваат со еден глас, особено кога станува збор за одбранбената политика. Настојувањето на Мадрид да биде ослободен од новата цел на НАТО за трошоци за одбрана од пет проценти од БДП, по коментарите на премиерот Педро Санчез дека Русија не претставува непосредна закана за Шпанија, покажува колку различно европските земји ги перципираат заканите.
– Тешкотијата со европската одбрана е да ги опфати стратешките интереси на европските земји како целина. Естонците немаат иста стратешка визија како Португалците; никој не може да го негира тоа. Мора да се најде среден терен – напоменува Буркхард. Р.С.


Дали Полска стана прва земја на НАТО што официјално е дел од војната во Украина?

Официјална Варшава, вчера, во раните утрински часови, соопшти дека „повеќе руски дронови влегле и биле соборени над нејзина територија со помош на сојузниците од НАТО“. Варшава го опиша инцидентот како „чин на агресија“.
Веднаш потоа од Брисел, од врвот на НАТО, се лиферуваше соопштение дека „воздушната одбрана на НАТО ја поддржува Полска“. Во истиот контекст, портпаролот на НАТО, Алисон Харт, рече дека 32-та национални претставници на воената организација ќе разговараат за ова прашање на итен состанок. Натаму, холандскиот премиер Дик Схоф ​​потврди во порака на Икс дека холандските борбени авиони „Ф-35“ стационирани во Полска под НАТО обезбедиле поддршка за полските воздухопловни сили преку ноќ. Германските одбранбени системи „патриот“ во Полска исто така беа ставени „во состојба на готовност“, а беа лансирани и италијански авион за рано предупредување и воздушен полнач на гориво од мултинационалната флота на НАТО за повеќенаменски транспортни авиони со танкери. Полковник Мартин О’Донел, врховниот командант на сојузничките сили на НАТО во Европа, изјави: „Ова е првпат авионите на НАТО да се вклучат во потенцијални закани во сојузничкиот воздушен простор“. НАТО, рече тој, „е посветен на одбраната на секој километар од територијата на НАТО, вклучително и нашиот воздушен простор“. Р.С.


Генерал Буркхард: Европските воени операции би можеле да вклучуваат војници во Украина, воздушни патроли над земјата итн.

Франција не би се борела против Русија сама, туку заедно со сојузниците на НАТО, потенцира поранешниот началник на Генералштабот на француските вооружени сили, Тјери Букхард

Според генералот Тјери Буркхард, стратешките интереси на Европа вклучуваат „зачувување на украинската независност“ (!?), а постои растечки притисок врз европските земји тие определби да се засилат. И покрај многуте неодговорени прашања, дискусиите околу безбедносните гаранции за Киев се засилија во изминатите недели, по состанокот на американскиот претседател Доналд Трамп со рускиот претседател Владимир Путин, одржан во Алјаска, САД, на 15 август.
– Многу силната желба на американскиот претседател да постигне мировен договор носи нов момент – смета Буркхард, зборувајќи еден ден по враќањето од разговори во Вашингтон.
За повеќето европски престолнини, воената поддршка на САД е предуслов за вклучување во каков било напор за следење потенцијален мировен договор во Украина.

– Американците главно веруваат дека Европејците мора да ја покажат својата посветеност на преземање одговорност. Тоа е дилемата „кокошката или јајцето“: некои земји се подготвени да се обврзат само ако има американски гаранции. Но тоа не е всушност воена дебата, туку политичка – нагласи Буркхард.
Додека „најдобрите безбедносни гаранции би биле да се демонстрира американска решителност во случај на прекршување на мировниот договор“, европските воени операции би можеле да вклучуваат војници во Украина, воздушни патроли над земјата, обезбедување дека бродскиот сообраќај ќе продолжи во Црно Море и помош во изградбата на украинската армија, објасни францускиот генерал.
– За да ја вратиме довербата на Украинците, треба да испратиме сигнал дека европските земји, евентуално поддржани на некој начин од САД, се подготвени да обезбедат гаранции – нагласи францускиот генерал, додавајќи дека обезбедувањето гаранции честопати значи преземање ризици.
Вклучувањето странски контингент во војната носи ризик, особено затоа што Кремљ постојано повторуваше дека не сака европски трупи во Украина. Затоа правилата за ангажман (на пример, што би направиле европските трупи во Украина во случај на руски напад) остануваат клучно прашање.
– Ако се почитува мировен договор, правилата за ангажман се самоодбрана. Тоа е сосема логично – заклучува Буркхард.
За да се соочат со новата реалност, според Буркхард, западните вооружени сили мора да ги диверзифицираат своите арсенали.
– Прашањето, какво оружје и по која цена, е централно. Ако развиваме само високотехнолошко оружје што убива, но всушност е многу, многу скапо, веројатно нема да успееме – објаснува Буркхард, додавајќи дека на вооружените сили им е потребно и евтино оружје за исцрпување.
Францускиот генерал се спротивстави на аргументот дека француските вооружени сили можат да издржат само неколку дена во конфликт со висок интензитет бидејќи резервите на муниција се премногу мали. Франција не би се борела против Русија сама, туку заедно со сојузниците на НАТО, потенцира Буркхард.
– Нашите резерви на муниција не се толку високи колку што треба да бидат бидејќи повеќе се фокусиравме на избрани војни. Дали тоа значи дека француските вооружени сили не се способни да учествуваат во операции? Не. Тие можат да го сторат тоа вечерва доколку е потребно – тврди Буркхард. Р.С.


Букхард: Досега избиравме војни, а сега ни е наметната

Конфликтот со висок интензитет во Украина предизвикува длабоко преиспитување на начинот на кој функционираат западните вооружени сили, според генералот Тјери Буркхард.
– Се префрливме од избрани војни, во Ирак, Авганистан или Мали, на наметнати војни – вели Буркхард.
Во она што тој го нарекува „избрани војни“, политичките и воените лидери ја задржуваат контролата врз тоа колку муниција се испукува, колку долго остануваат војниците и колку персонал е распореден. Наметнатите војни се егзистенцијални конфликти без такви избори.
– Ако Украинците не се борат стопроцентно против Русија, тие ќе исчезнат. Тоа е она што значат наметнатите војни – предупредува Буркхард. Р.С.