Раст на бруто-домашниот производ (БДП) во вториот квартал годинава, а зголемен и бројот на работниците во индустријата
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека бруто-домашниот производ (БДП) во вториот квартал од годинава забележал раст од 2,3 отсто. За споредба, БДП во првиот квартал изнесувал 1,2 отсто. За потсетување, со ребалансот буџетот е проектиран на 2,1 отсто. Според статистичките пресметки на ДЗС, „финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции што им служат на домаќинствата, во второто тримесечје од годинава номинално расте за 4,7 отсто, а нејзиното учество во структурата на БДП изнесува 74,5 отсто“.
Натаму, Државниот завод за статистика исто така објави и дека бројот на работниците во индустријата во јули годинава во однос на јули лани е зголемен за 1,2 отсто. Имено, бројот на работниците во секторот рударство и вадење камен во јули 2024 година, во однос на јули 2023 година, бележи пораст од 5,3 отсто. Исто така, регистриран е пораст во секторот преработувачка индустрија од еден отсто, како и пораст во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација од 1,2 отсто. Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во јули 2024 година, во однос на јули 2023 година, бележи пораст кај енергијата за 4,7 отсто, капиталните производи за 15 отсто и трајните производи за широка потрошувачка за 18,9 отсто. Од друга страна, забележан е пад кај интермедијарните производи, освен енергија, за 6,4 отсто, како и кај нетрајните производи за широка потрошувачка за 5,9 отсто. Во секој случај, според информацијата на ДЗС, „индексот на бројот на работниците во индустријата во периодот јануари-јули 2024 година, во однос на периодот јануари-јули 2023, е поголем за 1,7 отсто“.
Што очекуваат од Владата?
Премиерот Христијан Мицкоски очекува БДП да расте до крајот на годината, а меѓу причините спомена и креирање и создавање стабилна бизнис-атмосфера во земјата. Премиерот во јавноста го изнесе податокот дека индустриското производство бележи раст од 3,8 отсто. Според премиерот Христијан Мицкоски, токму овој факт е мотивирачки и бизнис-заедницата полека ја враќа довербата во институциите.
– Очекувам да се заокружи тој процес до крајот на месецот. Тоа се пари со развојна компонента – 250 милиони евра ќе бидат заем за бизнис-заедницата, под услови што ги земаме, а тоа се 3,25 проценти каматна стапка, три години грејс-период и 12 години рок на отплата, нешто што го нема во моментов на пазарот за ваков тип кредити. Преостанатите 250 милиони евра се повторно со развојна компонента, односно за финансирање капитални инвестиции во општините – изјави премиерот за медиумите.
Премиерот Мицкоски оптимистички истакна дека самиот очекува да продолжи овој тренд и во третиот и во четвртиот квартал, имајќи предвид дека на седницата на Владата во вторникот беше донесена одлука за 500 милиони евра заем од Унгарија, која наскоро треба да се најде пред пратениците. Тој очекува овие средства да бидат и своевиден двигател за БДП и да имаат позитивно влијание и во четвртиот квартал, но и во првиот квартал од 2025 година.
Економскиот раст како приоритет и решителноста на македонската влада за развој беа истакнати и на најголемата конференција за Централна и Источна Европа – Економскиот форум во Полска
На годинашното, 33. издание на Економскиот форум, кој се одржа од 3 до 5 септември во Карпач, Полска, присуствуваше и нашата земја, со активно учество на заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков.
И годинава форумот собра значителен број релевантни фигури од светската и европската политичка сцена и го задржа приматот на најголема конференција во Централна и Источна Европа. Форумот има тридецениска традиција и привлекува политички, економски и социјални лидери од целиот свет.
Во својот јавен настап, од името на македонската влада, заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков ги истакна приоритетите на новата македонска влада: економски раст и развој, а секако и интегрирањето во ЕУ, во согласност со стандардите и правилата на Унијата.
– Процесот на пристапување кон ЕУ е меѓу клучните приоритети на новата влада во мојата земја, заедно со економскиот развој. Ние сме целосно посветени да ги спроведеме сите неопходни реформи на ЕУ и да го трансформираме нашето општество во согласност со правилата и стандардите на ЕУ. Во тој контекст, за унапредување на процесот, ние сме подготвени на блиска соработка со новата комисија, како и со Унгарија, како актуелен претседавач со ЕУ, и со Полска, која треба да го преземе претседавањето со ЕУ следната година – изјави заменик-министерката за европски прашања.
Осврнувајќи се на регионалната, а особено на соработката со соседите, заменик-министерката истакна дека во пакетот на соработка е неопходен ист заемен пристап, со реципроцитет и разбирање.
– Ќе направиме сѐ да бидеме добри соседи, но очекуваме на тој пат и нашите соседи да ни возвратат со ист пристап – реципроцитет и разбирање. Регионалната соработка е суштински дел од процесот за стабилизација и асоцијација (започнат во 2000 г.), а останува клучна и за понатамошно унапредување на пристапниот процес. Второто име на процесот на интеграција е соработка, која претставува една од страна на иста паричка – регионалната соработка и проширувањето – истакна во својот настап заменик-министерката за европски прашања. Е.Р.