Сосема јасни и загрижувачки се показателите за стареење на населението и за одлив на работната сила, што понатаму неминовно ќе се одрази и врз пазарот на трудот и врз пензискиот систем. За нашите политичари тоа е непријатна и тешка тема, која тие засега ја одбегнуваат, иако многу скоро ќе мораат да се соочат со неа, бидејќи нештата ќе станат неодржливи, предупредуваат експертите
ПОПИСНИТЕ РЕЗУЛТАТИ ГО ВКЛУЧИЈА АЛАРМОТ И ЗА СТОПАНСТВОТО
Возрасните групи од 40 до 44 и од 55 до 59 години се најмногубројните во Македонија, според неодамна објавените резултати од Пописот 2021, а тоа, како што велат упатените, ги потврди стравувањата дека бројот на работоспособното население за некоја година ќе почне драстично и незапирливо да се намалува, поради што економијата веќе сега би требало да почне интензивно да се приспособува кон промените. Податоците, инаку, покажуваат дека во најмногубројната возрасна група, од 40 до 44 години, влегуваат 128.186 жители на Македонија, а веднаш по неа, на второто место, со 127.752 жители е групата на возраст од 55 до 59 години. Луѓето од втората група по бројност за неколку години треба да одат во пензија. Кај сите петгодишни возрасни групи што следуваат потоа, освен кај, во моментот, најмногубројната, на возраст од 40 до 44 години, е забележлив тренд на намалување, така што возрасната група од 20 до 24 години, која според редот на нештата сега би требало да се вклучи на пазарот на трудот, опфаќа 106.553 жители.
– Да, тоа се сосема јасни и загрижувачки показатели за стареење на населението и за одлив на работната сила, што понатаму неминовно ќе се одрази и врз пазарот на трудот и врз пензискиот систем. Но за нашиве политичари тоа е непријатна и тешка тема, која тие засега ја одбегнуваат, иако многу скоро ќе мораат да се соочат со неа, бидејќи нештата ќе станат неодржливи. Ќе мора да увезуваме работна сила оттаму каде што е поевтина, економијата ќе мора што побрзо да се модернизира за да обезбеди попродуктивно работење со подигањето на квалитетот на работната сила, што значи обезбедување подобро квалификувани работници, но и нивна подобра здравствена заштита. Ќе треба да се најде начин и за продолжување на ангажманот на тие што веќе ги исполнија условите за пензија. И тоа за Македонија, веќе е прашање на опстанок – ги коментира наведените податоци универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
Надлежните, пак, барем засега не покажуваат дека се загрижени, иако постојано потенцираат колку објавените податоци се важни за имплементирање економски и развојни политики на државата.
– Затоа овој попис е од значење за да креираме економски политики што ќе се свртат кон човечкиот капитал, кон инвестициите и кон отворање поголеми можности, особено за младите да останат во земјата – изјави пред некој ден претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.
А неповолните трендови беа видливи уште пред неколку години, поради што, меѓу другите, и група македонски економисти во својата студија „Големата слика: македонската економија на среден и долг рок“ предупредија дека природното и миграциските движења неизбежно ќе доведат до намалување на апсолутниот број на населението, но и на работната сила и на активното население.
– Со оглед на намалувањето на големината на популацијата на работната возраст и растечкиот број на постари, но и многу стари луѓе во општеството, една од најгорливите загрижености за општеството и економијата, но и за креаторите на политиките во иднина ќе биде да се поттикнат старите луѓе да останат што е можно подолго во рамките на работната сила и активното население. Во тој процес Северна Македонија има предности бидејќи очекуваното траење на работниот век на населението е само 31,0 година во 2016 и 31,7 година во 2019 година и е релативно ниско во споредба со земјите од Европа каде што просекот е малку над 35 години. Многу е веројатно дека на многу долг рок Северна Македонија ќе треба да има потреба да привлекува работна сила од оние делови на светот каде што демографските движења сè уште ќе бидат позитивни, а тоа се делови од Азија и од Африка за да може да го урамнотежува пазарот на работна сила, кој би можел да се одликува со хронично ниска понуда. Процесот на стареење на населението и на негово апсолутно намалување може да предизвика и други дополнителни проблеми и предизвици во економијата – се вели во студијата.
Инаку, и податоците на сите релевантни меѓународни организации покажуваат дека постарата популација продолжува да се зголемува низ целиот свет, а Европа е еден од континентите со најстара популација. Д.М.М.