Директноста на холандскиот амбасадор секако предизвика одбранбени реакции од сите што се препознаа како одговорни за состојбите што тој ги наведува како загрозувачки за македонските евроинтеграции. Но истовремено им дава нов легитимитет на прашањата: Дали уставните измени беа вистинскиот проблем зошто државата не оди напред или, пак, ноторна вистина е дека вистинскиот проблем се поединците од ДУИ што ги опустошија и судството и секоја институција во која влегоа? Доби ли Ахмети директна порака од ЕУ дека ДУИ е леглото на корупцијата?
Различни толкувања на јавното реагирање на Али Ахмети дека косовскиот премиер Албин Курти флагрантно се меша во внатрешните работи на Македонија
Деновиве холандскиот амбасадор во Македонија, Дирк Јан Коп, храбро, отворено и бескомпромисно тропна на вратата со адреса на ДУИ и директно, очи в очи, на нејзиниот лидер Али Ахмети му ги наведе суштинските проблеми за македонските евроинтеграции.
– Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за да ја пренесе пораката дека по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ целиот политички спектар. Исто така, неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија – се наведува на веб-страницата на холандската амбасада за средбата на Јан Коп со Ахмети.
Непосредниот контакт и директноста на холандскиот амбасадор секако предизвикаа одбранбени реакции од сите што се препознаа како одговорни за состојбите што тој ги наведува како загрозувачки за македонските евроинтеграции. Но истовремено им дава нов легитимитет на прашањата: Дали уставните измени беа вистинскиот проблем зошто државата не оди напред или, пак, ноторна вистина е дека вистинскиот проблем се поединците од ДУИ што ги опустошија и судството и секоја институција во која влегоа? Доби ли Ахмети директна порака од ЕУ дека ДУИ е леглото на корупцијата?
Една страна (ДУИ) на балкански начин опструира евроинтеграции, друга (европската страна) ги толерира опструкциите
Политичкиот аналитичар и поранешен министер за финансии Џевдет Хајредини за пораката на холандскиот амбасадор пронаоѓа и друга адреса.
– Холандскиот амбасадор му ја пренесе на Ахмети пораката дека по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ политичкиот спектар. Две години постојан пад на владеењето на правото, дали случајно се совпаѓа со мандатот на Ковачевски како премиер – пишува Хајредини во својата објава на социјалните мрежи.
Универзитетскиот професор по филозофија Љубомир Цуцуловски, пак, подлабоко ја анализира пораката, пронаоѓајќи одговорност за констатираната состојба од холандскиот амбасадор и кај самите нив, како експоненти на меѓународната заедница.
– Уставните измени, барани неколку години, но сѐ уште актуелни (како на пример внесување на Бугарите во македонскиот устав), се најмалиот проблем за македонските евроинтеграции. Тоа е само алиби на „меѓународната заедница“ за нејзиниот досегашен и натамошен однос спрема Македонија. Требаше да помине толку време, не само холандскиот амбасадор туку Холандија, а со неа и целиот Запад, т.е. слободниот свет, да сфатат со кого имале работа во Македонија. Односно, кого досега поддржувале, почнувајќи од 2001 година па наваму, сѐ досега. Така што прикаски од тој вид (демек – изненадени, зачудени, фрапирани) имаат евтина природа и се израз на лицемерство. Од друга страна, уште еднаш се потврдува на историски план дека она што еднаш сте го создале, може да ви избега од контрола. Сепак, не верувам дека работите се целосно избегани од контрола и структурите што ги предизвикуваат таквите коруптивни состојби можат да ги средат. Доволно е само да секнат средствата што ги одржуваат тие структури, односно да се сопрат каналите од кои се финансираат – вели професорот филозоф Љубомир Цуцуловски.
На холандскиот амбасадор во Македонија, Дирк Јан Коп, му е познато „кој е тој што ги влече конците“
Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров смета дека холандскиот амбасадор ја испратил пораката на вистинската адреса, „кај Ахмети, со што посочува каде е маката и кој ги влече конците“.
– Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп прати исклучително јасна порака дека има назадување во владеењето на правото во последниве две години, како и недозволиво политичко мешање во работата на Врховниот суд.
Кога човек тера во лош правец, вистинските пријатели не го тапкаат по рамо и не му велат „терај, сѐ е во ред“, туку искрено му велат „тука грешиш, поправи се“.
Во оваа смисла, пораката на амбасадорот е порака на вистински пријател.
Прво, ја испратил на права адреса, кај Ахмети, со што посочува каде е маката и кој влече конци.
Второ, прецизно го лоцира падот – во правната држава. и тоа во последниве две години, што коинцидира со мандатот на владата на Ковачевски.
Трето, укажува на последиците – загрозување на посветеноста за членство во ЕУ, и тоа од страна на влада што ЕУ од уста не ја вади, дури и тогаш кога го бербати европското знаменце. Конечно, го става во фокус недозволеното политичко влијание врз претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, и предупредува дека резултатот ќе биде остра реакција на Холандија.
Ако претпоставиме дека партиско-политичкиот притисок врз судот е во насока на оживување на помилувањата на Иванов, за Груевски да може да се врати како слободен граѓанин и да ја ослаби опозицијата, тогаш валканиците целосно се на виделина.
Ним, се чини, не им е грижа за европските интеграции.
Дури изгледаат апсолутно подготвено да ја платат и цената од нова блокада, овој пат од Холандија и овој пат сосема оправдана, само за да останат на власт и да не може да се формира идна влада без нив. Додека се нарекуваат „Европски фронт“.
Не е ниту човек да иронизира, пораките од амбасадорот денес се толку сериозни што бараат итен ресет и ангажман од сите општествени и политички чинители.
Оти, ако зборувавме за киднапирана држава и киднапирани институции во времето на режимот, сега ќе треба да се потрудиме да најдеме нов збор за да ја опишеме состојбата.
Имаме очигледно како општество голем пат пред нас. И тој ќе може да се изоди само со вистински промени. Ама прво треба да се признае и прифати реалноста, која почна да оди далеку од македонски и балкански, а камоли од европски стандарди – пишува Никола Димитров.