Петнаесеттиот петгодишен план во фокусот на најважниот политички настан во Кина – „Две сесии“
- Пратениците ќе разговараат за нацрт-планот во наредните денови. Откако ќе биде одобрен, тој ќе ја води Кина до крајот на деценијата, унапредувајќи ја долгорочната цел за изградба на голема модерна социјалистичка земја во сите аспекти до средината на векот
Широкоочекуваниот 15-ти петгодишен план е во фокусот на годинашната агенда на најважниот политички настан во Кина, „Две сесии“, кој почна завчера во присуство на повеќе од две илјади политички советници, на отворањето на четвртата сесија на 14-от Национален комитет на Кинеската народна политичка консултативна конференција (ЦППЦЦ), која е највисоко политичко советодавно тело во земјата.
Претседателот на Националниот комитет на ЦППЦЦ, Ванг Хунинг, притоа даде извештај за работата на Постојаниот комитет во рамките на ЦППЦЦ, во присуство на кинескиот претседател Си Џинпинг и други партиски и државни лидери во Големата народна сала во Пекинг. Врвниот политички советник ги поздрави чекорите што ги направи земјата во модернизацијата, истакнувајќи дека Кина ги исполни главните цели за економски и социјален развој поставени за 2025 година и го доведе 14-от петгодишен план (2021-2025) до успешно завршување. Тој ги повика колегите политички советници да соберат јавна поддршка за да изградат поголем консензус и годинава да ги здружат мудроста и силата за да помогнат во обезбедувањето добар почеток на 15-от Петгодишен план (за периодот од 2026 до 2030 година).
Пратениците ќе разговараат за нацрт-планот во наредните денови. Откако ќе биде одобрен, тој ќе ја води Кина до крајот на деценијата, унапредувајќи ја долгорочната цел за изградба на голема модерна социјалистичка земја во сите аспекти до средината на векот. Се очекува висококвалитетниот развој да ја дефинира Кина во наредните години, според препораките што Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина (КПК) ги издаде во октомври за формулирање на новиот петгодишен план. Препораките ги истакнуваат новите двигатели на раст во наредните години, вклучувајќи ги водородната и нуклеарната фузија, отелотворената вештачка интелигенција и 6Г-мобилните комуникации.
Постојано проширување на институционалното отворање со високи стандарди и продлабочувањето на инвестициската соработка и на висококвалитетната соработка во рамките на иницијативата „Појас и пат“, со зајакнување на прописите за создавање меѓународно усогласена деловна средина, беа истакнати како цели на кои Кина продолжува да работи, од страна на портпаролот на Националниот народен конгрес, Лу Чинџијан, на прес-конференција во рамките на „Двете сесии“.
Уникатната структура на кинескиот политички систем, ангажманот на политичкото водство на Народна Република Кина и начинот на носење одлуки при управувањето со државата со над 1,4 милијарда жители веројатно најдобро можат да се согледаат преку импресивната организација на „Двете сесии“, кои годинава се одржуваат од 4 до 11 март.
Во рамките на „Двете сесии“ се одржуваат традиционални собири на кинескиот Национален народен конгрес (законодавно тело) и на кинеската Народна политичка консултативна конференција (политичко тело). Конгресот со речиси три илјади члена има улога да ги разгледува и одобрува извештаите и одлуките на владата, додека Конференцијата со над две илјади делегати е политички и советодавен орган што соединува широк спектар на политички претставници и влијателни личности од разни сфери на општествениот живот на Кина. На состаноците, кои вообичаено се одржуваат на почетокот на март, се дискутира за најактуелните прашања и се дава приказ за остварувањата, како и за идните цели на кинеската политика што го одредуваат текот и на голем број глобални процеси.
„Двете сесии“ се заемно корисна платформа за кинеските носители на власта, како и за присутните медиуми. За првите се можност за претставување и објаснување на сработеното, како и на идните цели и планови до јавноста, додека за вторите претставуваат можност за директно поставување прашања до оние што ги носат главните одлуки во државата. „Двете сесии“ затоа предизвикуваат голем интерес меѓу домашните и странските медиуми со акредитирани новинари, фоторепортери и сниматели од целиот свет што го следат глобално важниот политички собир. Н.М.
































