Во отворено писмо, Институтот за европски политики и други невладини организации од регионот реагираат и предупредуваат на опасноста Европскиот парламент да изгласа резолуција во која би се вметнале и уцените од Бугарија кон Македонија. Тоа, практично, би значело легализирање на геноцидните бугарски критериуми за бришење на македонскиот идентитет, јазик и историја, што е преседан од невидени размери. Поради тоа, граѓанските организации, експертите и невладиниот сектор бурно реагираат. Но она што недостига се чини е соодветна реакција и од државата и надлежните институции
ЌЕ СТАНАТ ЛИ БУГАРСКИТЕ УЦЕНИ ДЕЛ ОД ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА
Европскиот парламент наскоро ќе гласа за резолуцијата за Извештајот на Eвропската комисија за Македонија за 2021 година, во која се внесени и бугарските условувања, односно ако биде усвоена оваа резолуција, тогаш и официјално стратегијата на Софија за бришење на македонскиот идентитет, јазик и историја станува дел од преговарачката рамка, што е преседан од невидени размери кога станува збор за европските принципи и практики.
Европа, која е основана врз принципи на демократија, слободно владеење, почитување на мултикултурализмот и различностите, со евентуално гласање и прифаќање ваква резолуција легализира геноцидни критериуми на кои Македонија треба да се согласи ако сака да стане дел од европското семејство.
Токму поради можноста Брисел да го легализира ваквиот преседан со изгласување резолуција во Европскиот парламент, со отворено писмо реагираа Институтот за европски политики и други невладини организации од регионот, кои предупредуваат на сите прекршувања на европските принципи.
Во писмото ги повикуваат европратениците да размислат за делови од резолуцијата и, како што велат, условите поставени од Бугарија што ќе имаат негативни импликации за македонскиот идентитет и ќе го поддржат ултиматумот што Бугарија ѝ го наметнува на Македонија, користејќи го членството во ЕУ како алатка.
– Ставот 75 ги воведува билатералните прашања како услов во процесот на пристапување. Поточно, текстот во овој став, меѓу другото, повикува „…да почнат пристапните преговори, притоа истовремено да се решаваат нерешените билатерални прашања содржани во мерките 4+1, кои треба да бидат доволно имплементирани и решени во текот на процесот на интеграција во ЕУ“, што е всушност одобрување на бугарското вето за почеток на преговорите. Од друга страна, „мерките 4+1“ не претставуваат официјален документ, туку неформален список на бугарски барања, кои постојано се дополнуваат – велат во отвореното писмо од Институтот за европска политика, посочувајќи и на други спорни делови во текстот на резолуцијата.
И додека невладиниот сектор отворено се спротивставува на ваквите намери на Европскиот парламент, институциите во земјава молчат.
На содржината на резолуцијата можат и треба да реагира и македонското собрание, но и Владата, вклучувајќи ги и Министерството за надворешни работи и Секретаријатот за европски прашања, од каде што засега нема реакции за можноста бугарските барања да станат дел од македонската преговарачка рамка.
Тоа дополнително ја наметнува и дилемата дали институционалниот молк, всушност, значи и премолчена согласност со планот на Брисел само за да се започнат пристапните преговори, без оглед што тоа во пристапниот процес ќе води кон нови и нови бугарски условувања.
Затоа се поставува прашањето зошто и институциите, како што тоа го направи невладиниот сектор, не излезат со јасен став и порака до европските европарламентарци дека нема да прифатат ниту резолуција, а уште помалку преговори со Унијата што се спротивни на критериумите по кои преговарале сите други земји-членки, вклучувајќи ја и Бугарија.
Од друга страна, ако оваа резолуција помине во Европскиот парламент, тогаш беспредметно е Македонија воопшто да започнува преговарачки процес со ЕУ, кога се знае дека на крајот во неа ќе влезе целосно обезличена, односно како територија без народ.
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека е добро координирано да дејствуваат и граѓанскиот сектор и државата, но дека сепак институционалната реакција има многу поголема тежина.
– Двете целини треба да се огласат. Граѓанските организации имаат еден поголем простор слободно да се изјаснат, да ги детектираат проблемите и јасно да го соопштат тоа. Од друга страна, тука се и државните институции и мора да постои институционална реакција. Мора да се огласат државата и нејзините механизми, најмногу во рамките на владините структури, но тоа треба да го сторат и парламентот и шефот на државата. Релевантно е она што ќе го кажат државните институции – вели Андревски.
Според него, предупредувањата на граѓанскиот сектор за можноста бугарските барања да се вклучат во преговарачката рамка за да почнат преговорите, мора да се сфатат сериозно и да не се молчи, оти во спротивно преговорите нема да течат лесно и постојано ќе бидат отежнувани со нови и нови барања од страна на Бугарија.
– Таа институционална реакција мора да дојде, но колку ќе биде јавна, а колку ќе биде во рамките на тие механизми на говори, тоа е друго прашање. Ако молчат во смисла на обнародување на тоа гледиште овде, многу е поважно тоа гледање да го формулираат, да го концентрираат и да го имаат во рамките на европските институции и паралелно со тоа да ја известат јавноста или барем низ механизмите на политичкиот живот тука, парламентот или други тела – појаснува Андревски.
Тој додава дека во меѓународните односи има простор на потивко изразување на гласовите, но ние сме исправени пред клучно историско прашање и подобро е тоа да биде соопштено и транспарентно, за да се регистрираат реакциите и ставовите, отколку да се добива впечаток дека не се прави ништо.
– Подобро е веднаш да се реагира, отколку подоцна таа резолуција да предизвикува многу тешкотии – заклучува Андревски.
Амбасадорот Љупчо Арсовски се согласува дека мора да има институционална реакција на најавите за можно вклучување на бугарските барања во преговарачката рамка преку усвојување на нацрт-резолуцијата во ЕП.
– Реагираше и македонскиот совет на амбасадори на ваквите најави. Од друга страна, нашиот парламент се расправа кој кого опцул, не гледа други работи што ни се случуваат на меѓународен план. Институциите треба веднаш да реагираат, а не да чекаат постфестум. Доцна ќе бидат реакциите кога ЕП веќе ќе ја усвои таа резолуција. Треба соодветните тела на нашето собрание да заседаваат и да ја пресретнат одлуката на ЕУ да ги вклучи бугарските услови во преговарачката рамка – вели Арсовски.
Директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, смета дека државата треба да реагира пред потенцијалната можност амандманите што се неповолни за Македонија да поминат во ЕП, но обврска за реагирање треба да имаат и сите други чинители во земјава.
– Државата има обврска да реагира и да влијае, но истовремено сите ние имаме обврска и треба да влијаеме. ЕП не е носител на одлуката, но дава одредена насока. Оваа европска институција досега многу повеќе беше на страната на земјите-кандидати и затоа нè загрижува овој развој на настаните, на ова посуптилно прифаќање на условите на Бугарија. Тоа не значи дека бугарските услови утре директно ќе влезат во рамката, но мора навреме да реагираме – вели Кацарска, притоа додавајќи дека е убедена оти и државата реагира, но тоа го прави на посуптилен дипломатски начин, иако понекогаш не е отповеќе и погласна реакција.
Според неа, треба да се вклучат сите политички чинители во земјава и преку сестринските партии да се влијае и врз одлуките што ги носат европарламентарците.