Спасе Мазенковски беше основач и претседател на организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија, „Друштво Преспа“, основач и главен уредник на весникот „Преспа“, основач на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, и учесник во сите активности на Македонците во Албанија од 1990 година до неговата смрт
На 30 мај се одбележија шест година од смртта на Спасе Мазенковски, истакнат македонски патриот, писател, новинар и публицист од селото Леска, Мала Преспа, и еден од најголемите борци за правата на припадниците на македонскиот народ во Република Албанија. Овој македонски деец целиот свој живот го посвети во афирмацијата на македонскиот етнички, јазичен, културен и верски идентитет, како и за унапредување на положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во Република Албанија. Целиот свој живот живееше и твореше во селото Леска, општина Пустец, областа Мала Преспа.
Беше основач и претседател на организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија, „Друштво Преспа“, основач и главен уредник на весникот „Преспа“, основач на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција и учесник во сите активности на Македонците во Албанија од 1990 година до неговата смрт. Спасе Мазенковски има објавено на македонски јазик неколку поетски збирки, книги, раскази и репортажи, „Преспа моја“, „Разбојна китка“, „Торбулето на татко ми“, „Преспанска убавица“, „Лабид и Преспана“, „’Рѓосани бисери“, „Историја на македонскиот народ во Албанија“.
На албански јазик ја има објавено книгата „Историја на македонскиот народ“. Беше член на Друштвото на писателите на Македонија и на друштвото на писателите „Новиот свет“ во Албанија. Македонците во Албанија не го забораваат неговиот огромен придонес во борбата за остварување на правата на Македонците во Албанија и за зачувување на македонскиот национален идентитет. Почина на 30 мај 2018 година, погребан е на селските гробишта во Леска. Д.Ст.