На јавноста ѝ се потребни јасни и прецизни позиции за преговорите на МПЦ-ОА со Вселенската патријаршија, во насока да се одгатне загатката во врска со процесот на добивање самостојност на нашата Македонска православна црква. Има ли вистина во неодамна изнесените информации во јавноста дека МПЦ-ОА навистина е условена со круцијални уцени за добивање на нејзината автокефалност? Имено, владиката Петар, митрополитот преспанско-пелагониски, администратор австралиски и новозеландски и член на Светиот архијерејски синод на МПЦ, во јавноста потврди дека нашата црква е условена со нејзино преименување за надворешна, но и за внатрешна употреба, како еден од условите, а постојат три!?
Македонската православна екумена и јавноста бараат одговори од МПЦ и од Вселенската патријаршија: Има ли и какви се условите за издавањето на томосот за автокефалност на нашата црква?
Што е вистина, а што не, во јавните настапи на владиката Петар? Ако нешто не е вистина, тогаш тоа е лага, па дури и да е најмала, лагата е како капка отров што го ќе отруе цело море. Овој пат морето се македонската православна екумена и целата македонска јавност, доколку била замајувана цело време досега. Од каде излегоа сега новите моменти во историскиот процес за добивање на томосот на нашата црква? Од каде сега внатрешни разидувања, навреди или, пак, можеби клевети од владика кон владика? Што се случува со монолитноста на нашиот црковен клир и во Светиот архијерејски синод на МПЦ во врска со прашањето и процедурата за добивање на т.н. томос за автокефалност на Македонската православна црква-Охридска архиепископија? Условена ли е таа навистина со бришење на нашето свето име Македонија, македонски, со обезвреднување на нашиот идентитет како православни Македонци, нешто што со векови нѐ одржало заедно на овој простор, со ист јазик, култура, одлики, симболи… за добро и лошо да се молиме во нашите манастири и цркви?
Владиците несомнено секогаш ја зборуваат вистината, но кој од нив премолчува дел од вистината?
Владиката Петар, митрополитот преспанско-пелагониски, администратор австралиски и новозеландски и член на Светиот архијерејски синод на МПЦ, тврди дека „Вселенската патријаршија поставува услови за Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) да добие томос за автокефалност“!
Оваа дилема повторно се наметнува во јавноста по последното интервју на владиката Петар, во кое тој тврди дека „томос на МПЦ-ОА од Вселенската патријаршија ѝ е потребен, но дека тој е условен со три точки“, кои биле неприфатливи за МПЦ.
За разлика од него, досега во јавноста на таа тема зборуваа и владиците Тимотеј и Пимен, од чии изјави се гледа дека условите на Вселенската патријаршија се однесуваат на прашањето за ставот на МПЦ-ОА за украинската автокефалност.
На јавноста сега навистина ѝ се потребни јасни и прецизни позиции за преговорите на МПЦ-ОА со Вселенската патријаршија, во насока да се одгатне загатката во врска со процесот на добивање самостојност на нашата Македонска православна црква. Има ли вистина во неодамна изнесените информации во јавноста дека МПЦ-ОА навистина е условена со круцијални услови за добивање на нејзината автокефалност? Имено, владиката Петар, митрополитот преспанско-пелагониски, администратор австралиски и новозеландски и член на Светиот архијерејски синод на МПЦ, во јавноста потврди дека нашата црква е условена со нејзино преименување за надворешна, но и за внатрешна употреба, како еден од условите, а постојат три!?
Не смее да се користи име изведено од именката Македонија?!
Владиката Петар во гостувањето на ТВ 24, пред три дена, изјави дека условите на Цариград не се прифатливи за МПЦ-ОА. Тој наброја три услови. Првиот вели дека нашата црква треба да се именува исклучиво како Охридска црква. Вториот вели дека не смее да се користи име изведено од именката Македонија, ниту во комуникација со другите помесни цркви, кои нè признаваат како Македонска православна црква. И третиот вели дека Цариград условува дејствувањето на нашата црква да се ограничи само на територијата на Република Северна Македонија, што значи откажување од дијаспората.
– Доколку Цариградската патријаршија сака да ни даде томос, а јас сакам што побрзо да ни даде томос, тоа да биде без условувања, инаку за нас не би бил прифатлив таквиот томос. Треба да посочиме дека тоа не може да се прифати од свештенството, епископите и верниците од нашата црква, за тоа сме се изјасниле сите, во полниот состав на Синодот, вклучувајќи ги епископите од поранешната ПОА. Унисон, едномислен и едногласен е ставот, расправано на три седници, дека не се откажуваме од името Македонска православна црква, единствено што дозволуваме е двојна формула – изјави владиката Петар.
Наедно, владиката Петар го вперува прстот на јавна сцена кон епископот Партениј од Бигорскиот манастир. Имено, владиката Петар изјавува дека „главниот човек одговорен што Цариградската патријаршија ни ги прави тие условувања е епископот Партениј, кој ја советува Цариградската патријаршија дека името Македонска православна црква (МПЦ) е национализам“. (?!)
Како да се толкуваат ваквите истапи од црковниот врв? Вистина или клевета? Православната екумена и јавноста се тотално во конфузија, збунети и шокирани!
Различни ставови за начинот за добивање томос од Вселенската патријаршија
Според г. Петар, проблемот со Украинската православна црква е компликуван и за нејзиното признавање од наша страна е потребно да се реши спорот помеѓу Руската православна црква-Московска патријаршија, под чија јурисдикција е формирана, и Цариградската патријаршија, која ѝ додели томос за автокефалија.
Инаку, владиката Тимотеј пред еден месец откри дека Украинската православна црква е главната пречка за застој на преговорите меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија (ВП) за добивање официјален томос за автокефалност на нашата црква, одговарајќи на прашање каде заглавил процесот за добивање на најавениот томос за автокефалност од Вселенската патријаршија, со оглед дека поминале две години откако Српската православна црква ни издала томос, а Вселенската патријаршија канонски ја прифатила нашата црква.
– Договорите, преговорите и разговорите не се прекратени со Вселенската патријаршија. Има некои прашања што од канонски аспект во овој момент не можеме да ги прифатиме, а тие инсистираат на нешто што според нас и според каноните е неприфатливо. И затоа во овој момент тие преговори и посети се можеби во една стагнација. Но, во непосредна близина ќе имаме гости од Вселенската патријаршија и од Грчката црква – рече г. Тимотеј.
Владиката Пимен, одговорен за европската епархија, на почетокот на годината изјави дека нашата црква ѝ благодари на СПЦ за пружената рака, за прекинот на изолацијата преку сè почестите сослужувања, за надминатите децениски недоразбирања и за писмената препорака до целиот православен свет да го прифати нашето афтокефално постоење, односно документот што, како што вели митрополитот, тие го нарекле томос.
– Но не треба да се застане тука. И покрај разногласието во Синодот на МПЦ- ОА, јас верувам дека до добивањето на конечниот томос од Вселенската патријаршија никогаш нема да престане дијалогот со Цариград, бидејќи не би требало да бидеме задоволни со половични решенија. Но ќе треба многу време за да се соберат сите расфрлени пердуви во јавноста за „непристојните предлози“ од страна на Цариград за крадење на дијаспората, за откажување од вековното име… Споменав во еден од претходните одговори дека никогаш не е прекинат дијалогот со Вселенската патријаршија и нема да се прекине. Засега усно се спомнуваат два-три услова за доаѓање до конечно решение, кои ни оддалеку не се толку страшни како што некој ги пласира во јавноста и ги пумпа во обидите да се создаде раскол и да се дискредитираат некои личности од МПЦ. Колку помалку теории на заговор за наше исчезнување, толку понестрашни клаузули и толку побрзо до конечен томос – изјави владиката Пимен.
Владиците да не манипулираат со јавноста за „условите“ од Вселенската патријаршија
Црковните аналитичари велат дека МПЦ-ОА треба да излезе со јасен и единствен став околу овие дилеми, за кои постои разногласие во јавноста, за да не се манипулира, ниту пак да се доведува јавноста во заблуда. Потребно е јасно да се објасни какви и кои услови ги поставува Вселенската патријаршија за потпишување на томосот за автокефалност.
Бранко Ѓорѓевски, новинар и црковен аналитичар смета дека ваквите изјави не помагаат да се разјасни ситуацијата околу тоа што е суштински проблем во застојот на процесот на добивањето на томосот за автокефалност од страна на Вселенската патријаршија.
– Вакви изјави владиката Петар давал и порано, но потоа се слушале различни изјави на други владици околу тоа. Ќе потсетам само, владиката Пимен во божиќното интервју за „Вечер“ рече дека условите што ги поставува Вселенската патријаршија воопшто „не се тешки за исполнување“. Има некоја конфузија околу тоа што навистина бара Вселенската патријаршија.
Јас немам дилеми дека таа ќе постави некои услови, со оглед на нејзиниот стремеж да си ги зајакнува својата позиција и влијание, но наше е да се водиме по сопствените интереси. Ако е така како што вели владиката Петар, тогаш треба добро да се размисли околу тоа, треба да се разговара со Вселенската патријаршија – вели Ѓорѓевски.
Тој не е сигурен, како што вели, дека вселенскиот патријарх бара наше откажување од дијаспората, кога на Сеправославниот собор на Крит во 2016 година била донесена одлука тоа прашање да се решава во иднина, а се предвидува формирање меѓуепископски конференции по континенти за да се дејствува заедно.
– Зарем Вселенската патријаршија би одела против таа одлука – прашува Ѓорѓевски.
Кој манипулира со јавноста?
И новинарот и црковен аналитичар Марјан Николовски смета дека владиката Петар се обидува да манипулира со јавноста, токму поради тоа што МПЦ-ОА нема јасен став за ова и остава простор за манипулации.
– Владиката Петар прави замена на тези. Името под кое МПЦ-ОА треба да биде впишана во диптихот на Вселенската патријаршија е Охридска архиепископија, а не Црква на Охрид. МПЦ е по ранг архиепископија и името произлегува од рангот и од древното седиште на црквата. Значи, Охридска архиепископија. Од друга страна, томосот од СПЦ јасно потенцира дека за името МПЦ треба да разговара со гркојазичните и другите цркви, што, пак, значи дека нејзиното име, СПЦ го остава како отворено прашање во православниот свет, а не затворено, како што се обидува да претстави владиката. Тезата на владиката Петар дека МПЦ е условена во комуникацијата со сите цркви да го користи името Охридска архиепископија е манипулативна, бидејќи никој не може некого да услови како ќе комуницира со некого. Од друга страна, владиката Петар досега не дал јавен став на пример зошто српскиот патријарх го именува архиепископот како Стефан Охридски, избегнувајќи го зборот македонски? Третиот услов што тој го спомнува, дека МПЦ-ОА е ограничена во границите на Република С. Македонија и дека така се зема дијаспората, исто така е замена на тези. Секоја црква има јурисдикција во границите на државата, а дијаспората е затворено прашање со Соборот на Крит, каде што е јасно одредено дека црквите што имаат дијаспора ја задржуваат и дека во иднина треба да се формира совет на сите православни цркви во кој ќе членуваат сите владици на автокефалните цркви што се дел од дијаспората. Со томос од Вселенската патријаршија таму, во тој совет, ќе членуваат и нашите владици од дијаспората и ќе бидат рамноправни со другите. Со томос само од СПЦ во тој совет ние нема да членуваме, а нив и нашата црква ќе ги претставуваат владиците од дијаспората на СПЦ. Токму тука е клучното прашање, кој ја зема нашата дијаспора – објаснува Николовски.
МПЦ-ОА да го ревидира ставот за автокефалноста на Украинската црква
Според Николовски, Вселенската патријаршија во моментов има само еден услов за томосот, а тоа е МПЦ-ОА да го ревидира тврдиот став за автокефалноста во Украина.
– Не да ја признае сега веднаш, туку да има став што нема да значи забрана за сослужување – вели Николовски.
И Ѓорѓевски е согласен дека единствениот сигурен услов засега од Цариград се односите на МПЦ-ОА со Православната црква на Украина.
– Она што ние сами може да направиме е да не го комплицираме добивањето на томосот од Вселенската патријаршија. Така, целосно погрешно беше носењето на нашата одлука за несослужување со Православната црква на Украина (ПЦУ). Сега тука настана проблем и со Цариград. Немаше никаква потреба да се носи таква одлука, ниту, пак, јавно да се изјавува дека ПЦУ е „неканонска црква“, како што направи владиката Тимотеј. Што значи сега тоа што е формирана црковна комисија што ќе го анализира украинскиот црковен проблем? Целосно е погрешен пристапот прво да носите одлука, а потоа да правите анализа. Што ако анализата покаже дека ПЦУ е канонска црква? Кој ќе ја преземе одговорноста за синодската одлука што ни го блокира процесот и постави услов од ВП – вели Ѓорѓевски. Р.Н.M.