Денеска имавме мирен, достоинствен и успешен изборен ден, изборите беа фер и демократски, како што доликува на земја членка на НАТО со почнати преговори за Европската Унија. Констатирани се одредени неправилности, но сметаме дека се тие со незначителни во овој изборен процес – рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Правото на глас и слободното одлучување се најзначајни придобивки во демократијата, додаде Кузеска. Таа упати благодарност до граѓаните кои денеска гласаа, а изборите ги оцени како слободни, мирни, демократски и достоинствени. Кузеска кажа дека граѓанската волја ќе одлучи по кој колосек ќе се движи Македонија понатаму.
Прашана како го коментира наводниот скриен бојкот во општините каде што има доминантно албанско население, портпаролката на СДСМ кажа дека како настапила секоја партија на овие избори треба да одговори пред граѓаните и пред себе.
– СДСМ од самиот почеток повикуваа на масовност, граѓаните да го искористат својот глас. СДСМ никогаш не бил кочничар на било кои процеси кои ја носат државата напред – рече Кузеска.