Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски на вчерашната средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски понуди консензуално усвојување на уставните измени, во замена на влез на опозициската партија во Владата со пет министри. За Мицкоски е прифатливо учество на ВМРО-ДПМНЕ во заедничка влада со СДСМ и останатите партии, но без ДУИ. Од ДУИ веднаш реагираа на ваквиот предлог на Мицкоски со став дека во интерес на усвојување на промените на Уставот, би прифатиле да поддражат формирање влада до изборите во која нема да учествуваат.
Премиерот Ковачевски по средбата со Мицкоски информира дека предложил СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ следниот чекор да го направат заедно и да ги изгласаат уставните измени, како вистинско решение што граѓаните го очекуваат од нив за продолжување на европскиот пат на земјата.
– Во текот на изминатиот период сфатив дека за нив е важно да бидат дел од власта и за да покажеме дека ние како Влада не сме ориентирани кон добивање политички поени само за себе, дека не сме водени од свој партиски интерес и дека не сме фокусирани само на резултатот на следните избори, предложив заеднички да го изгласаме отворањето на Уставот со две третини и веднаш утредента ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места за претставници на ВМРО-ДПМНЕ – рече Ковачевски.
На тој начин, според него, ќе обезбедат влада која ги обединува сите политички партии кои се за евроинтеграција.
– На тој начин таа влада во која ќе бидат сите партии кои се за евроинтеграции ќе го спроведе процесот на уставни измени, ќе го заврши скрининг процесот кој е во тек, ќе го затвори процесот на уставните измени и ќе ги отвори поглавјата како втора фаза од преговарачкиот процес и дури може и да затвори едно или две од поглавјата кои се дел од вториот кластер и истата таа влада, ќе може да ги организира и следните избори. На тоа додадов дополнително дека за да обезбедиме, иако тоа е веќе обезбедено во преговарачката рамка со сигурност, уставните измени кои ќе се донесат во своите завршни и преодни одредби да имаат одредба со која важат во моментот на одржување на втората меѓувладина конференција која е и закажана без никакво одлагање – посочи Ковачевски.
Се друго вон тоа, додаде Ковачевски, е разговор надвор од преговарачката рамка, бидејќи таа е донесена од страна на сите 27 земји-членки на ЕУ, нагласувајќи дека Владата е подготвена да се изнајде решение што ќе донесе обединување и победа за македонските граѓани и македонската држава.
– Јас кажав и пак ќе кажам, за мене ова не е борба за власт. За мене ова е борба за иднината на државата. Од тоа нема да отстапам и повторувам уште еднаш ме радува фактот што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претставник на ВМРО-ДПМНЕ практично денес кажаа дека за ВМРО-ДПМНЕ не е проблем правењето на уставните измени и вметнувањето на други делови од народи во рамки на нашиот Устав. Ние не смееме да ја блокираме нашата иднина и иднината на следните генерации, ние нашите млади, нашите деца повторувам уште еднаш заслужуваме и заслужуваат да живат во земја членка на ЕУ, тука дома во Северна Македонија а не во туѓина – рече Ковачевски.
Според премиерот, уставните измени се одлуки што треба да ги донесат сите политички партии и целото општество, бидејќи тоа не е процес на еден човек, една партија или на една Влада и во него треба да учествуваат сите за подобра и попросперитетна иднина.
– Пред нас имаме одлука која што е политички тешка со оглед на дискурсот која што ја пратеше во текот на изминатата една година, со оглед на многуте ставови што беа изнесени, кои до денес беа прилично дијаметрално спротивни и таа одлука сите ние политичари имаме обврска да ја донесеме, бидејќи со неа обезбедуваме продолжување на европската интеграција на државата, подобар живот и подобра иднина за сите граѓани, бидејќи нашите граѓани заслужуваат и сакаат да живеат во земја членка на ЕУ, меѓутоа земја членка на ЕУ Северна Македонија, нашата, нивната земја, а не да живеат во земја членка на ЕУ во туѓа држава – изјави Ковачевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, од своја страна, по средбата изјави дека од премиерот Ковачевски бил информиран оти иницијативата за промена на Уставот би можела да влезе во Парламентот во текот на следните 10 дена, а ќе биде ставена на гласање кога ќе се создадат услови.
– Очигледно нема услови. Ќе ја мачиме ли македонската јавност дополнително. Да заклучам, ценам дека лидерската средба ги покажа јасно позициите дека во овој момент нема двотретинско мнозинство во Парламентот и дека час поскоро треба да има релаксирање во општеството, а единствен начин на релаксирање на општеството е практично час поскоро да одиме на предвремени парламентарни избори за да можат граѓаните да добијат влада онаква каква што заслужуваат, а не влада која што не ги застапува нивните интереси – изјави Мицкоски, додавајќи дека сепак е добро што лидерската средба се одржала бидејќи е воспоставен одреден вид на комуникација, која досега ја немало.
Мицкоски нагласи дека и покрај бројните шпекулации во јавноста за тоа дека се обезбедени 80 пратеници за промена на Уставот, 44-те пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата стојат заедно на ставот дека нема да поддржат уставни измени под бугарски диктат под бугарски диктат на ваков начин и под овие околности, но дека се подготвени да влезат во заедничка влада со СДСМ и со останатите политички партии, но без учество на ДУИ.
– ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да учествува во таква влада и евентуалните уставни измени да важат од денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамки на ЕУ од парламентите на 27 земји-членки – изјави Мицкоски.
Посочувајќи дека ваквиот негов предлог премиерот Ковачевски го протолкувал како кршење на преговарачката рамка, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тогаш предложил да се оди на предвремени избор кои би се одржале на есен и да се формира влада на широко национално единство во која нема да учествува ДУИ.
Осврнувајќи се на ваквата идеја, премиерот Ковачевски истакна дека негова заложба е формирање влада на национално единство со јасна цел – европска интеграција.
– Мицкоски сметаше дека некои партии не требале да бидат дел од Владата, но нас ни треба влада која ќе биде широко обединување на сите, која ќе има јасна цел. Тоа ќе биде влада на обединување, на европска интеграција. а нема да биде влада на изолација и дестабилизација, други сценарија можат да доведат до други резултати во општеството, нагласи премиерот.
На предлогот на Мицкоски за „Влада без ДУИ“ со објава на Фејсбук реагираше министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, во кој наведе дека неговата партија е подготвена до изборите да поддржи влада во која нема да учествува, доколку опозицијата ги поддржи уставните измени.
– ДУИ е подготвена да поддржи Влада без ДУИ до избори, доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат во сила пред формирањето на таа влада. Европската иднина на граѓаните е пред сѐ! – објави Османи на Фејсбук.
Вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, реагирајќи на изјавите на Мицкоски по средбата со премиерот Ковачевски во објава на Фејсбук посочи дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ може да се коцка со сопствената, но не и со македонската иднина.
– Ние тоа нема да му го дозволиме. Тој, очигледно ја препознал подадената социјалдемократска рака и фатен во небрано пред одлуките кои мора да се донесат за нашиот европски пат, и по кој знае кој пат повторно условува. Претходно, други од надвор ни поставуваа услови. Сега, Мицкоски во име на ВМРО-ДПМНЕ им поставува услови на Владата и на македонските граѓани за да го поддржи европскиот пат на земјата. Тоа ли е патриотизам? Не, тоа е обид да се добере до власт, а после тоа да измислува нови услови и нови блокади. Затоа, ние сме внимателни, нема да му дозволиме да ни прокоцка европската шанса која му се нуди на нашиот народ – напиша Битиќи.
Тој во објавата посочи дека Македонија има јасна, чиста европска шанса, а актуелните глобални текови создадоа услови проширувањето на ЕУ со земји од Западен Балкан да биде скорешна реалност.
– Сето ова, и многу повеќе, Мицкоски може да го донесе до ризик со неговото одбивање влада на обединување, влада на интеграција. Мицкоски условува. Дали и ВМРО-ДПМНЕ условува? Има ли сила ВМРО-ДПМНЕ да се дигне над себе и да застане конечно контра условувањата односно ЗА македонската интеграција и за македонското членство во ЕУ? ВМРО-ДПМНЕ да си одлучи, оти нашата одлука е јасна. Нема откажување ниту алтернатива за средби и за дијалог и во институциите, во Собранието особено, кога во прашање е шансата за победа за македонските граѓани, за нашата држава – посочи вицепремиерот Битиќи.
Евентуалниот влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата доколку ги поддржи уставните измени, го поддржи и владиниот коалициски партнер Либерално-демократската партија (ЛДП).
– Европската иднина на граѓаните е најважна и секако напредокот на Македонија во преговорите со Европската унија и отворање на кластерите. И токму затоа го поздравуваме расположението на ВМРО-ДПМНЕ во нивниот избор да дадат поддршка во евроинтеграциските процеси и да гласаат за промена на Уставот. Добро е што ВМРО-ДПМНЕ не е против уставните измени, но истите да стапат во сила пред формирањето на влада во која би се приклучиле како опозициска партија. Сите заедно имаме одговорност по кој пат ќе ја движиме државата и каков стандард ќе им обезбедиме на граѓаните – изјави претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, потенцирајќи дека европската иднина на граѓаните е најважна.
На идејата за евентуален влез на ВМРО-ДПМНЕ во владината коалиција реагираше и Левица, која оцени дека земјата се движи кон криза на демократијата.
– Несомнено е дека ги живееме најтемните дни за македонската демократија и во бездната во која не води антидемократската и антиевропската СДСМ, а на тој караван одлучи да им се приклучи и ВМРО-ДПМНЕ – изјави портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ.
Тој посочи и дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски имал многу променливи изјави за уствните измени.
– Пратеници потпишуваа изјави на нотар, потоа нудеше предвремени избори и да се стават уставните измени во предизборните програми и на крајот неговиот Извршен комитет сабајлево излезе со изјава дека не ги прифаќаат уставните измени под бугарски диктат. Но, тоа е само изјава за членството, кое сепак е свесно за одлуките на раководството. Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ има улога во исполнувањето на софиската платформа – рече Мециновиќ.
Коментирајќи го барањето на Мицкоски за Владата без ДУИ, Мециновиќ посочи дека на ВМРО-ДПМНЕ сега и е проблем да учествува во Влада со Демократската унија за интеграција со која совршено функционираат како партнери во Советот на Општина Велес.
Амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, пак, оцени дека вратата на земјава кон Европската Унија е отворена доколку се извршат уставните промени, но доколку не се направи ќе се пропушти шансата, која ќе ја искористат други.
– Мислам дека сега има голема шанса. Во овој миг вратата е отворена доколку се воведат уставните промени. Така државата ќе премине на следниот чекор – изјави Гир во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.
Тој додаде дека се работи за суверенитетско прашање, но дека земјата има голема шанса која не треба да се пропушти.
– Постои залет. Залетот во политиката и дипломатијата е нешто што не се занемарува. Тоа е посебен миг. Ако напредувате, ќе го искористите залетот и ќе ги искористите шансите кои ви се укажуваат за да напреднете на патот кон ЕУ. Сега мора државата да се фокусира на големите реформи кои мора да ги воведе. Што ако државата не го направи тој чекор и одлучи да не ги воведе уставните промени? Тогаш процесот ќе биде во застој, скринингот ќе прекине и преговорите нема да напредуваат. Тоа ќе значи дека сте ја пропуштиле шансата, но некои други ќе ја искористат и ќе ѝ се приклучат на ЕУ – рече амбасадорот Гир, додавајќи дека Собранието треба да се фокусира на аргументите, да ја види пошироката слика и да донесе одлука.