Фото: Архива

Констатирање на оставката на претседателот Димитар Ковачевски и на целото раководство, утврдување на времената рамка за одржување на отчетен конгрес, правилниците и критериумите за изборот на новиот претседател на СДСМ, се точките за кои вечерва расправа Централниот одбор на партијата.

– Ова е прва седница на Централниот одбор на партијата по изборниот пораз, веројатно ќе се отворат многу прашања за кои ќе се дискутира. По завршувањето на ЦО, јавноста ќе биде информирана – изјави Лукаревска.

Претседателот на СДСМ во оставка Димитар Ковачевски пред седницата во изјава за ТВ 24 рече дека на ЦО ќе се носат одлуките во врска со отпочнувањето на процесот за избор на нов претседател и ново раководство, ќе се донесат роковниците и ќе се закаже конгресот.

Портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски потврди дека на ЦО ќе се утврдуваат критериумите и постапката за внатрепартиските избори.

– Како што најавивме, на 30 јуни ќе се случат внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, така што сите детали ќе ги дискутираме на ЦО. По завршување на седницата на ЦО ќе бидат објавени сите акти и се она што ќе биде донесено – рече Каевски.

По оставката на лидерот на партијата Димитар Ковачевски и на целото раководство на партијата, во понеделникот Извршниот одбор на партијата донесе одлука за распишување на вонредни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ кои се закажани за 30 јуни.

Извршниот одбор на СДСМ на седницата одржана на 27 мај донесе одлука за распишување вонредни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ по повлекувањето од функцијата на претседателот Димитар Ковачевски.

– Согласно роковите во Статутот на партијата ќе има доволен период за подготовка на кандидатурите и програмите, претставување на кандидатите пред членството и активна регистрација – соопштија од СДСМ.

Пред одржувањето на ЦО на СДСМ, кандидатура за иден лидер на СДСМ најави актуелната пратеничка и досегашна министерка за одбрана Славјанка Петровска.

– Ќе се кандидидирам за претседател на СДСМ, изјавила Петровска за ТВ 24.

Како можни кандидати за лидер на СДСМ се споменуваат и актуелните директори на Технолошко-индустриските развојни зони и на Царината, Јован Деспотовски и Стефан Богоев, како и поранешниот министер за здравство Венко Филипче.