Пленат прекрасниот поглед на морето и незаборавниот залез на сонцето на островот со градови на врвовите од карпите, низ кои се простираат впечатливи бели куќарки
Репортажа на нашата дописничка од патувањето во Грција
Санторини е еден од најнеобичните и најубави грчки острови, омилена дестинација на туристите, кои го посетуваат најмногу од мај до октомври. Подолго време сакав да го посетам овој вулкански остров, но некако сѐ ми бегаа можностите, за овој октомври конечно да тргнам на моето патување за Санторини. Најпрво со автобус до Пиреја, па потоа со траект до островот. Ако не сте со организиран превоз, како што бевме ние една поголема група патувачи, тогаш одберете локален автобус. А ако сте со организиран превоз, многу е лесно да стигнете до местото каде што ќе бидете сместени и од каде што ќе шетате низ островот, кој не е толку за одмор, колку за прошетка. Нашиот избор беше сместување во хотел во Камари, мало место со убава црна плажа, многу помали хотели, ресторани, продавници… Првиот впечаток беше одличен. Мал, речиси семеен хотел, со базен и плажа што изгледаше интересно поради црните вулкански камчиња. Откако се сместивме, одморивме малку, се упативме кон малото место Пиргос, највисокото населено место на островот. Прошетавме низ тесните улички, се искачивме до старата тврдина и ја разгледавме црквата „Света Марија“. Се вративме назад во Камари, следуваше мала прошетка, па одмор, за да собереме сили за следниот ден, за комплетна прошетка низ островот.
Незаборавно доживување
Утрото осамна сончево и убаво. Тргнавме на закажаното место за да се сретнеме со водичот Милан, Србин, кој повеќе години живее и работи на Санторини. Првично нѐ однесе во близината на Акритори, каде што го имавме најубавиот поглед на островот и на околните помали вулкански островчиња, каде што ни ја раскажа историјата на Санторини, како настанал, што се случувало низ милениумските години, што се случува денес. Имавме фантастичен поглед на морето, вулканот, островот…, неизбежно фотографирање и овековечување на посетата. За потоа да продолжиме кон Црвената плажа. Навистина е црвена, и карпите околу неа и камчињата во морето. Изгледа фантастично, иако на неа нема некои содржини, освен што еден локален музичар свирејќи ви го прави амбиентот уште поубав. Водичот ни препорача, поради безбедност, да не слегуваме долу на плажата по карпите поради одрони, но така инспиративно ни раскажа како настанала. Во нејзина непосредна близина е и археолошкиот локалитет Акритори. Откако завршивме со разгледот на Црвената плажа, наша следна дестинација беше едно мало селце со традиционална архитектура, со зачувана венецијанска тврдина во која живеат староседелците. Нѐ пречекаа многубројни тунелчиња, низ кои од каде и да излезеш сепак пак се враќаш на почетокот. Мирна и тивка беше атмосферата додека шетавме. А потоа патот нѐ однесе до највисокиот дел од Санторини, до манастирот „Нектариос“, од каде што има поглед на двете страни на островот. Полека се упатуваме кон другиот дел, кон главниот град Фира. Во овој дел четири гратчиња се поврзани едно со друго, преку патека долга десет и пол километри, од која се пружа преубав поглед на калдерата, морето, вулканот и залезот на сонцето. Преку Импровигли, Фиростефани, преку патеката, стигнавме до главниот островски град Фира. Попатно постојано фотографирав, сакајќи да го овековечам престојот, да ги прикажам населбите, морето, вулканот. Преубаво место, кое плени со белите куќарки, сините покриви, продавниците, рестораните, кафулињата, кои ви овозможуваат феноменален поглед кон морето. Едноставно шетајте низ тесните улички со многубројни продавници и кафулиња низ Фира и уживајте. Почувствувајте ја одличната атмосфера и купете сувенири за спомен.
Крстосување до островчињата
Следниот ден со брод се упативме на полудневен излет до неколку островчиња, вулканот и до топлите извори. Тргнувањето со бродот е од пристаништето на Фира. А дотаму се стигнува со жичница, пешки или со магариња. Се одлучивме пешки да стигнеме долу. Слегувањето по скалите треба да биде внимателно за да не се слизнете, а додека слегувате надолу, се чувствува миризбата од изметот на магарињата, па затоа препорачувам сепак да ја изберете жичницата. Многу побрзо ќе стигнете и ќе го избегнете слегувањето по стрмните скали. Доживувањето е одлично. Патувајќи по морската ширина имате можност да ги гледате од бродот Фира, Иа, Фиростефани и да уживате во морското синило. Интересен дел е посетата на вулканот, кој е активен, но мирен. За да се искачите до кратерот ви треба половина час и уште половина за враќање. Додека ги чекате патниците што сакаат авантура, забавувајте се на бродот. Потоа пловењето продолжува до базенот со топла вода. Всушност тоа е дел од морето каде што извира топла вода. Најхрабрите скокнаа и плива во топлите извори, потенцирајќи дека е извонредно доживување. На крајот од крстосувањето отидовме до островчето Тира. Имавме доволно време за капење, да вкусиме гиро, сладолед, грчко кафе и потоа враќање назад. Бродот пловеше покрај крајбрежјето и имавме впечатлив видик кон Иа, кон Фира, белите куќарки, кои изгледаат дека се небаре всадени во вулканските островски карпи, кои некаде се црни, некаде црвени, а некаде сиви. Се вративме на новото пристаниште и оттаму се упативме со автобусот кон Иа, градот каде што се доживува најубаво залезот на сонцето. Стигнавме навреме. А таму илјадници туристи што „фатиле место“ за поубаво да го следат заоѓањето на сонцето. И навистина глетката е убава. Чиниш сонцето влегува низ морето и заоѓа таму некаде зад облаците. Иа навистина е убав град, со бели куќарки, со сини детали. Шетајќи низ патеката, околу, ќе забележите одлични места за фотографирање. Но, се разбира, има и многу продавници, ресторани, кафулиња, а најлуксузните хотели се сместени на највисокиот дел од градот. Но доколку сакате да одите во шопинг, да вкусите гиро или некој друг специјалитет, или да се освежите со сладолед, тогаш одделете повеќе пари, бидејќи Иа навистина е многу поскапа од другите гратчиња, па дури и од Фира.
Последниот ден од престојот на Санторини беше планиран за посета на винарница, кој сака нормално, бидејќи островот е познат по производството на вино, кое е поразлично поради климата и вулканското тло. Виното има специфичен вкус, а дополнето со мезе е вистинско гурманско задоволство. Некои, пак, од патниците останаа во Камари и уживаа во црната плажа.
И така заврши престојот на Санторини, па се упативме назад кон пристаништето. Се качивме на траектот до Пиреја, па потоа низ Грција и стигнавме во Македонија во утринските часови наредниот ден. Санторини ќе ми остане во длабоко сеќавање. И секогаш кога ќе забележам бели куќарки ќе ме потсетува на убавините на овој романтичен остров, кој вреди барем еднаш во животот да го посетите.