Македонски Брод
Адреналинскиот фестивал „Самоков екстрим 2025“ по четврти пат ќе се одржи на 31 мај и 1 јуни, во организација на Општина Македонски Брод. Активностите, како што вели градоначалникот Жарко Ристески, веќе започнаа, а на 31 мај ќе биде подигнат кампот на градскиот стадион во Самоков, со што во попладневните часови учесниците ќе имаат можност за пробно возење по патеките.
– На први јуни започнува официјалниот дел од фестивалот, со што учесниците ќе можат да уживаат во прекрасните предели на Порече. Оваа манифестација комплетно се реализира со финансиски средства од општината, а е дел од програмата за развој на руралниот туризам – вели градоначалникот Жарко Ристески, потенцирајќи дека сите туристички капацитети во гардот се пополнети, додека во Самоков ќе има индивидуални објекти каде што ќе можат да се сместуваат учесниците.
Организаторите од Форум за авангардна креативност велат дека учесниците, кои сѐ уште се пријавуваат на официјалниот сајт на настанот, ќе се натпреваруваат во четири дисциплини – пешачка тура, возење АТВ-возила, џипови и мотори.
– Пешачката тура ќе биде во должина од 15 километри, класифицирана како средно тешка тура. Ќе има неколку паузи, кружна е, со старт и враќање во Самоков, со просечна висина од 30 до 400 метри надморска висина – изјави Елена Миладиноска, планинарска водичка.
Таа истакна дека е потребна соодветна планинарска опрема и учесниците да имаат добра физичка кондиција.
– Во возењето теренски возила досега се пријавени над 100 учесници со 50 возила. Рутата не е тешка и потребно е возилата да бидат технички исправни. Очекуваме учесници од странство – посочи Панчо Чупаркоски.
Дејан Пеливаноски вели дека за мотоциклите има тура од 30 километри на 31 мај. На 1 јуни е предвидена поголемата тура со возење од 60 километри.
Фестивалот „Самоков екстрим 2025“ нема натпреварувачки карактер, туку неговата основна цел е дружење и запознавање со поречкиот крај.
– По завршувањето на турите, учесниците ќе се вратат назад во кампот, каде што ќе продолжи дружењето и на крајот ќе има екоакција. Ова е убава можност за развој на руралниот, спелеолошкиот, адреналинскиот и адреналинскиот туризам – велат од општината. К.М.