Ниту една земја нема да стане дел од Унијата само врз основа на исполнети критериуми ако за возврат нема ништо да им понуди на помоќните земји, било да станува збор за отстапување на доходовните бизниси и компании, за енергетските потенцијали, за минералните богатства, за купувањето оружје или, пак, за изведбата на големи проекти по цени што ги надминуваат другите неатрактивни конкуренти
Евроинтеграциите во заложништво на апетитите на големите европски играчи
Патот на секоја земја кон полноправно членство во Европската Унија е поврзан исклучиво со интересите на поголемите и посилни земјите членки, кои диктираат дали и кога некоја земја ќе стане дел од елитниот европски клуб, на сметка на исполнувањето на копенхашките критериуми, кои очигледно се последниот услов.
Со други зборови, ниту една земја нема да стане дел од Унијата само врз основа на исполнети критериуми ако за возврат нема ништо да им понуди на помоќните земји, било да станува збор за отстапување на доходовните бизниси и компании, за енергетските потенцијали, за минералните богатства, за купувањето оружје или, пак, за изведбата на големи проекти по цени што ги надминуваат другите неатрактивни конкуренти.
Во заднината на сето тоа се повторува истата приказна за европската иднина на секоја земја кандидат, дека членството е поврзано со исполнување на европските критериуми, а зад сиот тој европски параван се склучуваат зделки што носат бенефиции во најголем дел за земјите што ја предводат Унијата.
Евроинтеграциите како алатка за остварување на интересите на големите
Деновиве во нова посета на Србија е францускиот претседател Емануел Макрон, втора во релативно краток период. Имено, пред пет години Макрон беше во слична посета на Белград, при што говорејќи на српски јазик ја повтори истата мантра, дека местото на Србија е во ЕУ. И тогаш се склучија повеќе зделки, како онаа за изведба на метрото во Белград од страна на француски компании и за набавка на француско оружје. По само пет години Макрон е во нова посета на Србија, ги повторува истите флоскули за тоа дека местото на Србија е во ЕУ, а во меѓувреме договори продажба на 12 француски воени авиони од типот „рафал“, во вредност од 2,7 милијарди евра.
Понатаму, Макрон договара и Франција да ги предводи нуклеарните програми во Србија, пред сѐ да учествува во изградба на нуклеарна централа, што подразбира и процент од произведената електрична енергија, а некои од српските медиуми наведуваат дека во рамките на таа програма станува збор и за складирање нуклеарен отпад од француските централи, што власта го негира. Дополнително, француски компании учествуваат во изградбата на белградското метро, а според договорот, француска компанија ќе управува и со системот на метрото. Французите управуваат и со белградскиот аеродром, што јасно говори за француската инфраструктурна доминација во Србија. Макрон уште и се интересира за српските достигнувања во сферата на вештачката интелигенција, со акцент на центарот за податоци во Крагуевац за складирање и управување со податоци. Француската компанија „Шнајдер“, која го отвори својот нов ИТ-центар „Ингрид“ во јуни 2023 година, се смета за лидер во дигиталната трансформација на управувањето со енергијата и автоматизацијата.
Ова се некои од причините поради кои Макрон е толку чест гостин во Србија, а изјавите за скоро членство во ЕУ се само обична приказна за граѓаните, во кои никој веќе не верува.
Исто тежиште имаше и неодамнешната посета на германскиот канцелар Олаф Шолц, кој во Белград потпиша договор за експлоатација на литиум, исклучително важен метал за изградба на батериите на електричните автомобили. Шолц тогаш порача дека ЕК и Србија потпишале важен документ со кој ќе се јакне соработката во снабдувањето со суровини и дека се отвора можност европски компании да дојдат и да работат во Србија. Според германскиот канцелар, ваквиот пристап дополнително ја доближува Србија до ЕУ.
Сето ова јасно говори дека исполнувањето на критериумите за членство е само споредно во однос на она што земјата кандидат има вистински да го понуди, а од тоа полза да има оној од кого зависи дали некој ќе влезе во ЕУ или не.
Само сериозна држава ( функционална држава) го буди интересот кај сите
Најдобра потврда дека интересите се пред сѐ и над сѐ е приемот на Бугарија и Романија во ЕУ без исполнети критериуми, кои не се богати со некакви посебни ресурси, но се наоѓаат на важна географска положба, блиску до руската црноморска флота на Крим. Оваа своја геостратегиска позиција исклучително добро ја наплатија двете земји, кои во секој друг случај би биле во истиот кош со преостанатите земји од Западен Балкан и ден-денес не би биле дел од европското семејство.
Франција своето спонзорство за зачленувањето на Романија во ЕУ го искористи исто така со продажба на оружје на оваа држава, со изградба на француски фабрики и преземање дел од романските фабрики. Слично е и со Бугарија, која дејствува како доверлив француски сојузник во рамките на ЕУ и одработува за француските интереси, токму онака како што официјален Париз одработи за бугарската државна политика по прашањето за Македонија и наметнатата преговарачка рамка за земјава.
Сето ова јасно говори дека големите земји се водат исклучиво од сопствените интереси, а Европската Унија ја користат само како алатка полесно да го реализираат она што го наумиле.
Некои од аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека Македонија најпрво мора да го врати имиџот на сериозна држава за да влезе во радарот на нечии интересни сфери, а со тоа да стане интересна и за Европската Унија, со оглед на фактот дека нема некои богатства со кои може да ги заинтересира големите европски играчи.
– Ако ние зајакнеме како држава, институционално и во секој друг поглед, особено на економски план, тогаш и интересите ќе се променат, а со тоа и односот на Бугарија и на Грција кон нас. Македонија најпрво мора да се справи со внатрешните предизвици, како корупцијата и владеењето на правото, па потоа да тргне напред – вели Синиша Пекевски.
Според него, интересите имаат големо влијание и удел во процесот на евроинтеграциите, иако и традиционалните пријателства понекогаш може да одиграат некаква улога.
– Франција и Србија секогаш имале суперодноси и не треба да чуди нивната голема соработка, а тој однос се рефлектира низ добри економски односи и соработка. Србија е лидер во регионот и важен играч за ЕУ – смета Пекевски, објаснувајќи го францускиот интерес околу Србија.
И другите соговорници се согласуваат дека интересите се важни дали некоја држава ќе напредува на патот кон ЕУ или ќе стагнира.
– Интересите се одлучувачки. За релативно краток рок во Србија беа претседателот на Кина, германскиот канцелар и францускиот претседател. Сето тоа говори дека постои сериозен интерес за оваа земја, а европските лидери го користат евроинтегративниот пат на Србија да ги задоволат интересите на своите земји. Тоа е вистината, нема вечни пријателства, туку вечни интереси. Па, пред извесно време Германија беше иницијаторот за гласање резолуција за Сребреница во ОН, со која Србија се најде на тапет, а сега германскиот канцелар доаѓа во Србија и раскажува приказни за тоа дека местото на оваа земја е во ЕУ, додека потпишува меморандум за експлоатација на литиум важен за германската автомобилска индустрија, која го губи чекорот со сѐ поголемиот продор на кинеските електрични возила на европските пазари. Од друга страна, Франција сака да се наметне како главен европски играч и, покрај продажбата на оружје, да се позиционира и во енергетскиот сектор во регионот. Ние продадовме сѐ што вредеше во државата, а за возврат не добивме ништо. Дури и името го дадовме за ништо. Тоа беа чекори со кои во очите на странците излеговме несериозна држава и затоа ѝ дозволуваат на Бугарија да си поигрува со нас. Најпаметно за нас е да си ја средиме државата, да зајакнеме економски и на тој начин да генерираме интересни сфери за инвестиции што би ги привлекле големите играчи, но во исто време тоа да значи и бенефиции за нашите граѓани, а не само еднострано користење на нашите ресурси и профит на некој друг. Ако ја стабилизираме државата и ја поставиме на здрави темели, тогаш и ЕУ за сите други критериуми ќе биде многу пофлексибилна, но и многу понетолерантна кон неоснованите блокади што доаѓаат од некои земји членки – заклучуваат соговорниците.