Интервју со проф. д-р Стојко Стојков, копретседател на ОМО „Илинден“ – Пирин
- Интервјуто со проф. д-р Стојков е можност да се проникне во неговата визија за улогата на историјата во современите општествени процеси. Toj е повеќе од историчар – тој е глас на македонското малцинство во Бугарија што ги спојува академската строгост и граѓанската борба. Неговата работа е дел од пошироката историја на одбрана на македонскиот идентитет и култура, особено во контекст на долгогодишните спорови меѓу Македонија и Бугарија
Стојко Стојков е македонски национален деец и историчар, чија биографија ја спојува академската строгост со граѓанската борба. Роден во Свети Врач (денешен Сандански, Бугарија) во 1974 година, уште од својата младост се вклучува во организирани активности за заштита на малцинските и културните права на Македонците во Бугарија. На само 16 години станува дел од движењето за човековите и малцинските права на пиринските Македонци, а денес е препознаен како нивен најгласен застапник. По студиите по историја на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Стојков ја гради својата академска кариера како професор и истражувач на средновековната македонска историја. Тој е редовен професор доктор на историски науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, член на Претседателството на Комитетот за византологија и медиевистика и од 2025 година е член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) надвор од работниот состав. Интервјуто со д-р Стојков е можност да се проникне во неговата визија за улогата на историјата во современите општествени процеси. Toj е повеќе од историчар – тој е глас на македонското малцинство во Бугарија што ги спојува академската строгост и граѓанската борба. Неговата работа е дел од пошироката историја на одбрана на македонскиот идентитет и култура, особено во контекст на долгогодишните спорови меѓу Македонија и Бугарија.
– Што Ве мотивираше да ја изберете историјата како животна професија?
Негирањето со кое се соочив во бугарските училишта. Мојата прва љубов беа природата и биологијата. Историјата ја сакав, но таа не беше на прво место. Се пренасочив кон неа затоа што бев провоциран од негацијата на тоа кои сме и барав одговори. Имаше непомирлива фундаментална противречност меѓу тоа што го дознавав дома и она што ме учеа во училиште. И тргнав рано на патување во потрага по вистината, кое ми го смени животот. Сега историјата е моја љубов.
– Кои научници или научни дела најмногу влијаеле врз Вашиот научен развој?
Од научниците медиевисти прво и најмногу Георги Острогорски и неговите трудови. Од таму за првпат учев како се анализира проблем, како се пишува и размислува историски. Од моите професори по среден век – Коста Аџиевски и Христо Меловски. Важна улога имаше мојата покојна пријателка и професорка Наде Проева. Од други учени и мислители големо значење имаа трудови на Крсте Мисирков, Ерик Хобсбаум, Бенедикт Андерсон, Пол Џонсон, Патрик Геари, Валтер Пол, но и многу други.
– Како го гледате односот меѓу личната страст и академската строгост во истражувањето?
Страста е горивото без кое не можеме, но таа не може да нѐ води и управува. Академската строгост и стриктната научна методологија се она што нѐ прави историчари. Тоа е дилема од зората на историјата – историјата од антиката била сметана за гранично поле меѓу науката и уметноста. Не случајно си има муза – Клио. Историчарот, за разлика од уметникот, користи контролирана фантазија, контролирана преку научната методологија и така може да го замисли минатото. Тоа го разликува и од квазиисторичарите каде што имаме неконтролирана фантазија, непочитување на методологијата, каде што страста решава сѐ. Може да се обидете да ги обедините двете кога ја претворите потрагата по вистината во своја страст. Најголемата опасност за историчарот е самиот тој. Историчарот треба да се познава себеси за да знае како да ги избегне своите пристрасности. Ако историчарот не ги контролира своите чувства, тој може лесно да се излаже себеси. Наместо да ја реставрира фреската на минатото, да нацрта врз неа своја карикатура.
– Кои периоди од македонската историја сметате дека се најмалку истражени, а заслужуваат повеќе внимание?
Многу. Премногу се. Македонците во Бугарија се исклучително слабо истражена, а важна тема. Македонската емиграција во Латинска Америка. Но реално речиси сите периоди од нашата историја се недоволно истражени – антика, среден век, османлиски период, националниот развој. Толку многу развојни правци и аспекти се одвај допрени. Има доживотна работа за стотици историчари.
– Како ја оценувате улогата на средновековните извори во разбирањето на македонскиот идентитет?
Ние сме во уникатна ситуација на Балканот, зашто единствено ние не сме во позиција лесно да изградиме елементарен и праволиниски национален наратив низ средниот век. Да дадеме лесни и соодветно површни одговори. Една причина за тоа се средновековните извори и користената терминологија во нив. Тоа е на прв поглед хендикеп, но можеме да го свртиме во наша голема предност. Тоа нѐ тера да одиме подлабоко, да разбираме вистински, да ги истражиме сите аспекти и да го видиме идентитетот не како проста линија, туку како богата шарена плетка што доаѓа од минатото. Така, наместо површен елементарен национален наратив и идентитет, кој создава елементарен и плиток начин на размислување, ние мораме и можеме да градиме многу повистински, подлабок, помудар и посоодветен со историските реалности. Да можеме да учиме и да се спознаваме подобро, а не да се лажеме самите себе. Да бидеме побогати како личности и како нација.
– Како ја дефинирате разликата меѓу историјата како наука и историјата како национален наратив?
Во националниот наратив од историјата се одбираат моментите и деловите што се важни за нас што нѐ дефинираат како народ и ни даваат поука и се зглобуваат во завршена приказна. Тоа е приказната што ја раскажуваме за себе и на себе. Таа нѐ обединува и ни помага да се мислиме како заедница, му дава смисла на нашиот пат до овде и од овде. Има функција на нешто како базичен код, како духовна ДНК на нацијата. Без единствен наратив, нацијата се распаѓа и умира. Историјата како наука ја бара вистината во целост независно дали ни се допаѓа. Таа се јавува како коректив на наративот – не сакаме да забегаме создавајќи приказна што е далеку од реалноста, која ќе нѐ хендикепира наместо да ни помага.
– Дали постои опасност историјата да се претвори во политички инструмент и како научникот може да се брани од тоа?
Тоа е постојана опасност. Но сега тоа е и очигледна реалност. Кога соседна држава поставува политички барања поврзани со историјата и историјата станува пречка за политичкиот процес на евроинтеграцијата, историјата веќе е политички инструмент. Што може да направи историчарот? Најмалку – може да одбие да учествува. Може да реагира и да пишува против тоа. И најмногу да продолжи да се држи до научните методи. Историчарите не можат да ја менуваат политиката, но можат да се спротивстават на обидите политиката да ја менува историјата.
– Кои современи методи (дигитална историографија, интердисциплинарни пристапи) сметате дека најмногу ја менуваат историската наука денес?
И двата имаат многу голема улога. Толку многу се промени сѐ, толку големи олеснувања имаме во истражувањето и пишувањето историја денес, што е срамно да се жалиме. Денес е можно седејќи дома преку компјутер да видите оригинален документ што се чува во архив каде што во минатото или не би ви дале да го видите или тоа би било многу тешко и би чекале долго. Сега е на неколку клика од вас. Можете да проверувате оригинали на објавени документи. Да проверувате неистражени кај нас архивски збирки. Имате пристап до толку многу научна литература и објавени извори, што порано беше научна фантастика. Имате можност да соработувате и да разговарате со толку многу учени истовремено, брзо и директно. И не само од вашата, но и од сродни области, што дозволува да го видите секој проблем од многу и различни агли, да ја користите експертизата на други луѓе, да забележите важни детали, кои инаку би ги пропуштиле. А има и толку многу други револуционерни промени и во историјата, но и во сродни науки како археологијата, кои имаат силен ефект врз нашето знаење и нашите разбирања. На пример – вештачката интелигенција – таа ќе промени многу. Не како замена, туку како инструмент со големи можности. Како и колку – ќе видиме.
– Како ја гледате улогата на младите истражувачи во развојот на македонската историографија?
Тие се иднината на македонската историографија. Поотворени се кон новите инструменти и методи, а и живеат во време кога е полесно да се прави историја. Сѐ е многу подостапно. За жал, ние немаме доволно изграден систем што ќе им помогне брзо да се развијат. До голем степен тие се во своите сопствени раце и ќе треба сами да растат и да бараат пат за свое усовршување. Тука гледам голем проблем за нас. Ние немаме вистинска изградена школа што ќе има добри врски во светот, ќе испраќа надарени студенти и научници во други места за надградување, ќе создава врски, ќе организира големи проекти, во чии рамки младите би можеле да се развијат.
– Како може да се претстави македонската историја на светската академска сцена без да се изгуби нејзината автентичност?
Да се претстави на светската академска сцена не е лесно за никого. Ние сме млада и мала историографија, без изградени долгогодишни врски и партнерства во светот. Притоа ние сме државно неглижирана историографија – долго време во неа не биле вложувани неопходните средства, било за да не се дразнат соседите, било од чиста политичка слепотија, лакомија или глупост. Со години немало или имало симболични пари за проекти, објавување книги, истражувања, патувања, учества на конференции. Сега сме нешто подобри, но главно затоа што интернетот, дигитализацијата и другите промени направија да биде можно да се занимаваме посериозно со наука, дури и без пари. Во минатото бевме во стапица – без научна литература, без можност да се патува на истражувања, без практична можност да напишеш статија што ќе ги исполни највисоките светски стандарди. Историчарите во Македонија долго војувале и сѐ уште војуваат на своја сметка. Притоа недостига плански развој – не сите области и периоди се рамномерно покриени. Ние немаме ниту еден доктор на науки што е специјализиран за Пиринска Македонија во рамките на Бугарија на пример. Потребни се многу повеќе инвестирање и планско градење нови кадри, создавање големи меѓународни проекти, партнерства и врски и така натаму.
Од друга страна – ние не смееме да правиме компромиси со науката само и само за да нѐ објават некаде. Затоа што и во светската историографија не е сѐ мед и млеко, не е сѐ објективно и строго научно – постојат различни тенденции, моди, пристрастија, влијание, идеолошки наклонетости… Потоа ние го истражуваме нашето минато, кое за светската историографија е мала област. Ако ја исклучиме историјата на Античка Македонија, другите делови од историјата на Македонија најчесто не се историја од светско значење. Нема светски специјалисти што би го посветиле својот научен пат на мала регионална тема – недоволно е за кариера во светот. На пример, во Франција имаат еден специјалист за Балканот – Бернар Лори – кој го покрива целиот Балкан од 15 до 19 век. За среден век имате византолози, слависти, балканисти. Немате специјалисти по одделни балкански земји. Само балканските историографии специјализираат длабоко и детално во своето минато. Тоа е она уникатното што ние имаме да го претставиме во светот и од позиција што никој друг не ја истражува и која е важна за нас. Но да не очекуваме невозможни работи – тешко може да конкурираме со теми што покриваат големи региони во светот или со процеси што опфаќаат неколку континенти.
– Кои се најголемите предизвици во дијалогот меѓу македонската и соседните историографии?
Предизвиците се од политичка и идеолошка природа, не од научна. Додека тоа не се промени, дијалогот со некои историографии ќе оди многу тешко.
– Дали постои начин историјата да се користи како мост меѓу народите наместо како извор на конфликти?
Би требало. Најважното прашање во историјата е „зошто“. Ако го разберете другиот, ќе знаете дека тоа е човек, не демон. И ќе најдете начин да живеете еден до друг и еден со друг. Некаде се прави тоа. Но кога историјата се користи за негирање, асимилирање – се остава многу мал простор за тоа.
– Што значи за Вас терминот историска вистина во време на идеолошки и политички притисоци?
Историската вистина е идеал кон кој се стремиме без да се лажеме дека можеме целосно да ја имаме. Таа е стремеж, цел и мотивација. Во практичен аспект таа секогаш е предизвик. Тешко достижна, ненаградувана или слабо наградувана, често казнувана. Во време на идеолошки притисоци станува опасно да се бара. Но слободата, истата таа да се бара, треба да се брани особено во тешки времиња. Само вистината нѐ прави слободни и само правилно информираниот човек би можел да донесе мудри одлуки. Не треба да правиме компромиси со лагата од каде и да доаѓа.
– Како ја гледате улогата на историјата во градењето на иднината на македонското општество?
Без да се познаваме себеси и да знаеме од каде доаѓаме и преку какви премрежиња сме поминале – нема да знаеме ниту што и зошто сакаме во нашата сегашност, ниту од што да се чуваме, ниту каде сакаме и каде не сакаме да одиме. Според тоа, нема да имаме којзнае каква иднина. А кога сме во зона со постојани предизвици како нашата – без тоа немаме иднина воопшто. Она што се обидуваат одредени соседи да го направат, преку контрола на нашето минато и одредување што да мислиме за себе, е да ја стават под контрола нашата иднина. Ако оставиме луѓе што не сакаат да постоиме да ја одредуваат нашата иднина – тогаш нема да имаме ниту иднина ниту биднина.
– Ако имавте можност да оставите една порака за идните генерации историчари, која би била таа?
Не чувствувам дека сум во позиција да оставам пораки за иднината. Се надевам идната генерација историчари ќе нѐ надминат во знаење, достигнувања и во доблест. Во сѐ.
Стојко Стојков
































