Самитот на НАТО што ќе се одржи идната недела во Хаг е проценет како најскап досега, со трошоци што се искачуваат на 183,4 милиони евра. Врз основа на времето во кое светските лидери ќе се сретнат, според холандскиот весник AД, трошоците за самитот ќе изнесуваат нешто повеќе од милион евра по минута
Пред самитот на НАТО што ќе се одржи идната недела, на 24 (и 25) јуни, во Хаг, Холандија, се преземаат низа планирани безбедносно-оперативни зафати со кои сигурноста на настанот и на учесниците ќе се подигне на највисоко ниво. Големата оперативна безбедносна акција е наречена со кодно име „Портокалов штит“. Таа е толку голема што во забележителна мерка ги наруши редовните текови на приватниот и деловниот секојдневен живот на жителите на Ден Хаг.
Според телефонските изјави на нашинци што студираат и живеат во Хаг и во Амстердам, Холандија и нејзините надлежни институции се невообичаено и како никогаш досега мобилизирани и растревожени во пресрет на самитот на НАТО. Имено, покрај планираните интервенции во редовниот сообраќај (блокирани делови од градот, некои улици и патишта се забранети за сообраќај, а воздушниот простор е затворен), поставени се и физички пречки и огради во критичните делови, има многу блокирани паркинг-места, а некои од вработените се упатени своите работни обврски овие денови да ги вршат оддома. Нашите извори коментираат дека можеби сите овие вонредни мерки, кои секако излегуваат од досегашните стандардни безбедносни зафати, се и заради тоа што на 24 јуни се очекува во Хаг да пристигне и претседателот на САД, Доналд Трамп, при што тврдат дека се сведоци на „најголемата безбедносна операција досега спроведена во Холандија“.
Како известуваат светските медиуми за текот на подготовките на домаќинот во пресрет на самитот на НАТО?
– Барикадите и металните огради околу Светскиот форум, каде што ќе се одржи самитот, се дел од мерките што се шират надвор од Хаг. Околу 27.000 полицајци – половина од вкупниот број во Холандија – ќе бидат на должност за време на самитот, заедно со повеќе од 10.000 војници. Воената полиција ќе ги штити делегациите. Воените сили на НАТО веќе го следат подрачјето, фрегатите ќе патролираат во Северно Море, на чиј брег се наоѓа Хаг со неговата најголема плажа во населбата Шевенинген, борбени авиони Ф-35 и хеликоптери „апачи“ ќе го надлетуваат небото, противвоздушните системи ќе бидат во состојба на готовност, тимовите за деминирање ќе проверуваат за бомби, а се преземаат мерки и за сајбер-безбедноста. Конвои со лидери ќе поминат придружувани од воена полиција по затворените автопатишта од аеродромот до нивното сместување. Иако цивилните дронови се забранети во воздушниот простор околу клучните локации, полициските и воените дронови ќе кружат каде што се собираат лидерите. Редовната полиција и полицијата против демонстрациите ќе бидат присутни за неколку најавени протести, а демонстрантите исто така се обидуваат да го окупираат автопатот до градот. Според програмата на состанокот, лидерите на земјите членки на НАТО ќе вечераат со холандскиот крал Вилем Александар во неговата палата во блиската шума во вторник, а следниот ден се очекува на самитот да се разговара за зголемување на трошоците за одбрана. Додека лидерите вечераат со кралот, министрите за надворешни работи и одбрана на земјите членки на НАТО ќе подготвуваат договори за различни прашања, вклучувајќи ја и војната на Русија во Украина. Самитот ќе се одржи во конгресниот центар и театарот во близина на зградата каде што се наоѓаше Трибуналот на ОН за поранешна Југославија – известува за подготовките на настанот реномираниот медиум „Асошиејтед прес“ (АП).
Самитот ќе биде скратен на 2 часа поради можност од брзо заминување на Трамп?!
Според информации од западни медиуми, раководството на НАТО донесе одлука значително да го скрати претстојниот самит на лидерите на Алијансата. Имено, главниот дел од состанокот би бил ограничен на една работна сесија што ќе трае само 2,5 часа.
Во врска со ова, на пример, „Фајненшл тајмс“ пишува дека „овој необичен потег е мотивиран од стравот од евентуално прекинување на учеството на американскиот претседател Доналд Трамп, како што се случи неодамна на самитот на Г7“.
За потсетување, самитот на НАТО првично беше планирано да трае три дена, со голем број билатерални средби и пленарни сесии. Но, откако претседателот на САД демонстративно го напушти самитот на Г7 (меѓу другото и поради конфликт со францускиот претседател Макрон и избегнување средба со украинскиот лидер Зеленски), раководството на НАТО одлучи да ја приспособи агендата, скратувајќи го форматот.
Според коментарите во медиумите, токму „ваквата одлука дополнително ја открива тензијата во односите меѓу Вашингтон и европските членки на Алијансата. Иако формално сите инсистираат на единство, зад сцената НАТО е сè повеќе загрижен за потезите на Трамп, особено во контекст на конфликтот во Украина и растечкиот притисок врз Европа поради ескалацијата на Блискиот Исток“. Самитот во овој формат сведочи за фактот дека Алијансата повеќе не е толку сигурна во своите внатрешни механизми, ниту во лојалноста на Вашингтон, пишуваат медиумите.
Што се случи на самитот на Г7
Со брзото заминување од Канада од самитот на Г7, Трамп им покажа на клучните сојузници на Америка дека тие не одлучуваат за ништо глобално важно и дека нивната единствена цел е безрезервно да слушаат што бара Вашингтон од нив – не само во врска со Украина и Блискиот Исток. Трамп со тоа јасно стави до знаење дека тој самиот нема намера заеднички со европските либерали да обликува нов свет! Наместо тоа, Трамп порачува дека треба „да прифатат сè што предлага и презема Вашингтон во тој поглед“.
Самитот на клубот на Г7, кој се одржа во Кананаскис, Канада, на 16 и 17 јуни, составен од САД, Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија, како и претставници на Европската Унија и поканети земји партнери, вклучувајќи ја и Украина, мирисаше на проблеми уште од самиот почеток. Доналд Трамп таму беше опкружен со претставници на „либералната демократија“ што доминира во Г7 (со исклучок на Италија, чија премиерка е Џорџа Мелони). Токму тоа Трамп јавно го демонстрираше (дека нема што да се прави со колегите од сојузничките земји) со доаѓањето на самитот, фигуративно кажано – само на кафе – и заминувањето побрзо отколку што очекуваше секој. А без САД, тоа е повеќе од јасно, не се можни обврзувачки заклучоци на самиот самит. Но уште нешто што јавно го кажа претседателот на САД предизвика тектонски потрес во Г7, непосредно пред тој самит.
Трамп: Исклучувањето на Русија од Г7 е голема грешка
И краткото време што Трамп го помина на самитот беше доволно за да предизвика контроверзии. Наместо заедничката осуда на Москва, на која се надеваа Европејците, американскиот лидер во пресрет на самитот рече дека исклучувањето на Русија од Г7 е голема грешка. „Г7 порано беше Г8. Барак Обама и човек по име Трудо (до неодамна канадскиот премиер Џастин Трудо) не ја сакаа Русија… Мислам дека тоа беше голема грешка“, рече Трамп на средбата со новиот канадски премиер (кој го наследи претходно споменатиот) Мајк Карни. Трамп рече дека Г7 многу зборува за Москва, но не на преговарачката маса (каде што, според него, треба да биде). Темата за Русија беше првата што домаќинот од Белата куќа ја допре пред самитот на Г7. Р.С.
Претседателот на САД го исмеа францускиот претседател на самитот на Г7 во Канада
Трамп: Макрон греши во сѐ!
Уште еден срам за европските либерали се случи на канадскиот самит. Трамп остро го критикуваше својот француски колега Емануел Макрон, велејќи дека „греши во сè“ и дека „нема поим“ што зборува, вклучувајќи го и тоа и зошто американскиот лидер го напушти самитот на Г7 во Канада предвреме.
– Претседателот Емануел Макрон, барајќи публицитет, лажно тврдеше дека го напуштив самитот на Г7 во Канада за да се вратам во Вашингтон и да работам на „примирје“ меѓу Израел и Иран. Грешка! Немам поим зошто одам во Вашингтон, но тоа нема никаква врска со прекинот на огнот. Тоа е многу повеќе од тоа. Без разлика дали намерно или не, Емануел постојано греши. Останете со нас — напиша Трамп на Трут сошл.
Треба да се потсетиме дека Макрон претходно ја критикуваше најавата на Трамп дека „рускиот претседател би можел да посредува во решавањето на конфликтот меѓу Израел и Иран“. Покрај тоа, Макрон неодамна ѝ понуди на Данска воена помош за заштита на Гренланд од прекумерните амбиции на Трамп кон островот – со што „фрли сол на раната на Трамп“ кога станува збор за неговите желби за идниот статус на Гренланд. Тоа дефинитивно го уништи односот меѓу Трамп и францускиот лидер, кој очигледно повеќе не се грижи што прави, бидејќи во 2027 година ќе ја напушти Елисејската палата засекогаш, со оглед на тоа што повеќе нема законска можност да се кандидира за трет последователен претседателски мандат. Конечно, и накратко, со своето брзо заминување од Канада од самитот на Г7, Трамп индиректно испрати порака до клучните сојузници на Америка дека тие не одлучуваат за ништо од глобално значење и дека нивната единствена цел е безрезервно да слушаат што бара Вашингтон од нив – не само по прашањето на Украина и Блискиот Исток. Тој нема намера заеднички да обликува нов свет со европските либерали, кои ги презира, туку бара од нив да прифатат сè што прави Вашингтон во тој поглед! Р.С.