Игор Каравилоски, градоначалник на Кривогаштани
Игор Каравилоски повеќе од еден месец е градоначалник на руралната, земјоделска општина Кривогаштани, меѓу Прилеп и Крушево, во која се произведуваат пиперки, тутун и се одгледува жито. Тие се најглавните земјоделски култури од кои егзистираат жителите на Кривогаштани, кои бараат да им се подобрат инфраструктурата, стандардот и условите за живот. Токму затоа, градоначалникот Каравилоски вели дека како човек што израснал и живее тука и како досегашен припадник на МВР ќе се погрижи не само за безбедноста на граѓаните туку и за остварување на неговата визија Кривогаштани да стане модерна и просперитетна заедница со развиена инфраструктура, со повеќе можности за младите и грижа за највозрасните.
– Сакам децата да имаат квалитетно образование, семејствата да имаат здрава и безбедна околина, а земјоделците вистинска поддршка. Ќе вложуваме во училиштата, културата и спортот, ќе работиме за чиста животна средина, за уреден јавен простор, и за транспарентна и блиска општина. Со чесност, работа и посветеност, со вложување на целото свое знаење и професионалното искуство ќе се погрижам за развојот на нашата општина – вели Каравилоски.
Со поддршка на советниците, тој планира да реализира проекти со кои ќе се потруди општината да се развива.
– Мојата визија е општината Кривогаштани да стане модерна, уредена и просперитетна средина – место каде што младите ќе сакаат да останат, земјоделците да имаат стабилна поддршка, а секое семејство ќе живее во чиста и безбедна околина. Инфраструктурата е основа, но сама по себе не е доволна. Она што мораме да го направиме е да ја зајакнеме локалната економија преку поддршка на земјоделството, да инвестираме во младите и образованието и да создадеме чиста и здрава животна средина. Само така ќе имаме вистинска промена. Младите се срцето и двигателот на секоја заедница. Ако тие си заминат, заминува и иднината. Затоа мораме да им обезбедиме квалитетно образование, можности за работа и активен културен и спортски живот. Наедно ќе воведеме современо урбанистичко планирање, што нема да биде хаотично, туку ќе обезбеди ред и развој во општината. Мојот пристап се базира на обезбедување функционален и безбеден јавен простор, чиста и здрава животна средина, комунална хигиена на високо ниво, целосно расчистување на дивите депонии, казнени мерки за прекршителите и едукативни кампањи за издигање на еколошката свест кај граѓаните. Планирам пошумување на критичните подрачја, создавање нови паркови и дрвореди, како и активна заштита и одржување на природните ресурси. Наедно моите планови се општината да стане отворена и достапна за граѓаните, да се слуша нивниот глас – вели Каравилоски.
Според него, еден од капиталните проекти е поврзување на водоводната мрежа во општината Кривогаштани со регионалниот систем за водоснабдување „Студенчица“, потоа изградба и доградба на канализациска мрежа во населените места, реконструкција на пречистителната станица и зголемување на капацитетот за нови приклучоци. Тука се проектите и за поставување фотоволтаични системи на објектите од јавните институции, реконструкција и проширување на регионалниот пат Кривогаштани-Обршани-Боѓани, проширување на индустриската зона „Славеј“, Денови на културата во Кривогаштани преку кои ќе се промовира локалниот идентитет. Не се заборавени ни пензионерите за кои ќе се реализира проект за бесплатни превентивни прегледи, воведување итна медицинска помош, развој на агротуризмот со промоција на локалните брендови, особено пиперката, изградба на компостара, асфалтирање улици во сите населени места.
































