Новите и проширени репресивни мерки и санкции од страна на администрацијата на САД се однесуваат на лица што „директно или индиректно учествувале или се обиделе да учествуваат во кршење, попречување или закана за спроведувањето на регионалната безбедност, мировните договори или договорите за заемно признавање на Западен Балкан“
Нова одлучна акција на Вашингтон за справување со оние што сакаат да го дестабилизираат Западен Балкан
САД ги проширија санкциите насочени кон субјекти што ги оспоруваат суверенитетот и територијалниот интегритет на државите од Западен Балкан, ги поткопуваат повоените договори и институции и се ангажирани во значителна корупција што ги поткопува владеењето на правото и довербата во демократските институциите и избегнувањето на санкциите на американската влада.
Со таа извршна наредба, претседателската администрација на САД презеде дополнителни чекори, изменувајќи и дополнувајќи три наредби поврзани со Западен Балкан од 2021 година, кои се однесуваат на блокирање на имотот и суспендирање на влезот во САД на лица што придонесуваат за дестабилизација на Западен Балкан. Регулативата од 2021 година предвидува дека санкциите – блокирање на имотот и суспензија на влез во САД – се применуваат за лица што се директно или индиректно одговорни за дејствија и политики што ги загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на регион или држава на Западниот Балкан, ги поткопуваат демократските процеси или институциите, ги кршат човековите права или вршат корупција.
Исто така, беше наведено дека санкциите се однесуваат на лица што директно или индиректно учествувале или се обиделе да учествуваат во кршење, попречување или закана за спроведувањето на регионалната безбедност, мировните договори или договорите за заемно признавање на Западен Балкан.
Ова ги вклучува Преспанскиот договор (2018), Охридскиот рамковен договор (2001), Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, Дејтонскиот договор или заклучоците од Советот за имплементација на мирот одржан во Лондон (1995 година), вклучувајќи одлуки или заклучоци на високиот претставник, Советот за имплементација на мирот или неговиот Управен одбор, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија или Меѓународниот преостанат механизам за кривични трибунали.
Новата регулатива додава дека санкциите се применуваат на секого за кого Министерството за финансии на САД, во консултација со Стејт департментот, ќе утврди дека е лидер, службеник или член на ентитет, вклучувајќи и владин ентитет, кој се вклучил или се обидел да се вклучи во која било од активностите дефинирани во претходната регулатива или чии средства и интереси во средства се блокирани во согласност со тој пропис.
Мерките се однесуваат и на лица што материјално помагале, спонзорирале или давале финансиска, материјална или технолошка поддршка, или стоки или услуги за поддршка, на секое лице чиј имот и интереси во имот се блокирани во согласност со таа регулатива.
Тие, исто така, се однесуваат на оние за кои ќе се утврди дека поседуваат или контролираат, директно или индиректно, средства и интереси во имот што се блокирани во согласност со регулативата.
Во декретот на американскиот претседател се наведува дека се преземаат дополнителни чекори „во светло на настаните на Западен Балкан, вклучувајќи ги и континуираните обиди на поединци да ги оспорат суверенитетот и територијалниот интегритет на државите од Западен Балкан, да ги поткопаат повоените договори и институции и да се ангажираат во значителна корупција што го поткопува владеењето на правото“ и доверба во демократското владеење и избегнување санкции од американската влада. П.Р.
Американската црна листа станува сè подолга
Американската црна листа со лица од Македонија станува сè подолга. Поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби, е меѓу последните имиња од Македонија на таканаречената црна листа на САД. Од Стејт департментот на 9 декември годинава соопштија дека заедно со Груби на листата е ставен и судијата на Апелациониот суд, Енвер Беџети.
На американската црна листа од претходно фигурираат и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, поранешниот претседателски кандидат Стевчо Јакимовски, поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина, како и Ратка Куновска-Камчева, мајката на Јордан Орце Камчев. Претходно на оваа листа се најде и Орце Камчев. Пред Камчев, американските власти во јуни годинава на списокот го ставија и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, заедно со неговата сопруга Шпреса и нивните три деца Генц, Назмије и Дренуше. За потсетување, на црната листа од април 2022 година се и поранешниот премиер Никола Груевски и на неговиот прв братучед и поранешен шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков. Тие се најдоа под лупата на американските власти поради корупција и поткопување на владеењето на правото и демократските институции
Пред нив, на црната листа на САД беа ставени и поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски и лидерот на ДПА, Мендух Тачи. На црната листа се и Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени. Тие се обвинети за корупција, злоупотреба на службената положба и учество во екстремистички активности.
Првите санкции во Македонија датираат од 2001 година и се поврзани со екстремистички активности
Она што го покажуваат досегашните искуства, тоа е дека САД внимателно ги собираат сите докази пред да излезат со нечие име на црната листа, што говори дека со ваквиот внимателен пристап не се остава простор за никакви грешки и погрешни перцепции, што, од друга страна, целосно ја отежнува евентуалната жалбена постапка. Отстранувањето на некое лице од црната листа може да се случи ако САД проценат дека тоа може да биде во нивен интерес, односно во полза на нивните геостратегиски интереси во регионот. Така, од црната листа експресно беше отстрането раководството на ОНА.
Првите санкции беа воведени во 2001 година против лица одговорни за екстремистички активности и предизвикување насилство и загрозување на стабилноста во Македонија и на други места на територијата на Западен Балкан, нивни помагачи, како и против лица што го оневозможуваат спроведувањето на Дејтонскиот договор и на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност за Косово.
Во 2001 година на црната листа се најде најтесното раководство на ОНА, вклучувајќи го и Али Ахмети, но тие беа симнати од листата во 2003 година. На крајот од 2004 година, на листата беа додадени уште неколку имиња. Меѓу нив беше и тогашниот потпретседател на ДПА, Мендух Тачи, како и повеќе гореспоменати лица од иста групација што практикуваа поведенија со радикален, екстремистички и милитантен карактер.
Интересно е да се спомене дека листите на санкции ги администрира Канцеларијата за контрола на странски средства (Office of Foreign Assets Control – OFAC) во рамките на американското Министерство за финансии. Овие списоци се користат за спроведување на санкциите, врз основа на целите на надворешната политика и националната безбедност на САД.
Дел од клучните листи е и Листата со специјално назначени државјани (Specially Designated Nationals – SDN list), која е најпозната и каде што, всушност, се наоѓаат најголем дел од македонските државјани под американски санкции.
Инаку, во 2023 година на црната листа на САД се најде и македонската компанија за шпионски софтвери „Сајтрокс“, бидејќи учествувала во трговија со сајбер-податоци добиени од шпионски софтвер, при што се загрозувале приватноста и безбедноста на луѓе и на компании.
Законодавството Магнитски и т.н. црна листа на САД
- Законодавство Магнитски опфаќа пакет закони од најновата генерација. Тоа се фокусира на механизмот за наметнување прецизно насочени (фокусирани) лични и имотни санкции за прецизно дефинирани физички и правни лица одговорни за корупција и сериозни прекршувања на човековите права. Но сега САД ги проширија санкциите и ги насочија кон поединци што ги оспоруваат суверенитетот и територијалниот интегритет на државите од Западен Балкан. Токму тоа во Македонија се почувствува како безрезервна поддршка од страна на стратегискиот партнер САД
- Интересен момент е што САД ги проширија санкциите насочени кон субјекти што ги оспоруваат суверенитетот и територијалниот интегритет на државите (вклучувајќи и на земјите од Западен Балкан). Тоа исклучително се совпаѓа со политиките на Македонија, која води тешки битки за зачувување на својот повеќеслоен суверенитет, спротивставувајќи се на изразените тенденции на поединци, групи, па дури и влади од соседството, кои посегнуваат по него
Законите за рестриктивни мерки и целно насочени санкции поради корупција и кршење на човековите права познати како законодавството Магнитски се пакет закони од најновата генерација. По претходната генерација закони во контекст на заштита на човековите права (заштитник на правата на граѓаните, забрана на дискриминација, слободен пристап до информации од јавно значење, заштита на лични податоци и сл.), т.н. законодавство Магнитски се фокусира на механизмот за наметнување прецизно насочени (фокусирани) лични и имотни санкции за прецизно дефинирани физички и правни лица одговорни за корупција и сериозни прекршувања на човековите права. Целните лични и имотни санкции првенствено вклучуваат визни ограничувања и замрзнување парични и други материјални средства против лица со основано сомнение (и докази) дека се вклучени во транснационална корупција, како и лица што вршат притисок и неосновани правни постапки против граѓаните што се залагаат за слободно остварување на нивните уставни човекови права (слобода на говор, јавна одговорност на државните функционери, слободата на јавен собир и сл.), како и против лица што институционално или преку медиумите се закануваат и прогонуваат лица што откриваат корупциски афери (т.н. свиркачи). Интересен момент е што САД ги проширија санкциите насочени кон поединци што ги оспоруваат суверенитетот и територијалниот интегритет на државите (вклучувајќи и на земјите од Западен Балкан), што исклучително се совпаѓа со политиките на Македонија, која води тешки битки за зачувување на својот повеќеслоен суверенитет, спротивставувајќи се на изразените тенденции на поединци, групи, па дури и влади од соседството, кои посегнуваат по него.
Спротивно на општите национални санкции против една држава, кои го засегаат целото население (во голема мера и невините граѓани), суштината на законодавството Магнитски почива на индивидуални, педантно и прецизно насочени (ad personam) репресивни мерки, кои, врз основа на соодветниот „Регистар на лица“, се изготвени и поединечно против конкретно физичко или правно лице поради корупција и повреда на човековите права.
Во последните десет години, сè поголем број земји, вклучувајќи ја и Европската Унија, одлучија да воведат некаква форма на законодавство Магнитски во нивниот правен систем, било како посебни сеопфатни закони во форма слична на Законот Магнитски (САД, Канада, ЕУ) или во форма на измени на постојните даночни или кривични закони (Велика Британија, Естонија, Литванија, Летонија итн.).
Законодавството Магнитски е именувано по рускиот државјанин, по потекло Украинец, Сергеј Магнитски (1972–2009), кој бил ревизор во странска консултантска фирма во Москва. Магнитски открил дека имало огромни проневери и присвојувања државен имот извршени од државни функционери на Руската Федерација.
Веста за апсењето, начинот на кој се постапувало со Магнитски и неговата смрт во затвор предизвикаа силна осуда од меѓународната заедница и глобална реакција, меѓу другото, со усвојувањето осудувачки резолуции на Советот на Европа и Европскиот парламент. Но САД беа првата земја што воведе насочени санкции против поединци осомничени дека се одговорни за смртта на Магнитски врз основа на законот усвоен од американскиот Конгрес во 2012 година (Sergei Magnitsky Rule of Law Accountability Act, U.S.C. §5811). Врз основа на овој закон, на руските државни функционери за кои основано се сомневаше дека се вмешани во апсењето и смртта на Магнитски, посебно им беа забранети влез во САД и користење на американскиот банкарски систем (54 физички и едно правно лице). Во 2016 година, Конгресот го прошири ефектот на овој закон (Global Magnitsky Human Rights Accountability Act, U.S.C. §2534), така што, освен за службениците на Руската Федерација, тој може „глобално“ да се применува за сите лица што учествуваат во транснационална корупција и кои вршат тешки форми на кршење на човековите права, без оглед на државјанството или националноста.
По САД, сè поголем број земји го усвојуваат законодавството Магнитски, меѓу другите Естонија (2016), Велика Британија (2017), Канада (2017), Литванија (2017), Летонија (2018), Гибралтар (2018). Поради сериозни прекршувања на човековите права, законодавството Магнитски неодамна стана составен дел од правниот поредок на Европската Унија. На крајот на 2020 година, Советот на Европската Унија усвојува два „глобални“ документи Магнитски: Регулатива (ЕУ 2020/1998) и Одлука (ЦФСО 2020/1999) за „Рестриктивни мерки за сериозни и други повреди на човековите права“. П.Р.