Ирански проектили на пaт кон своите мети / Фото: ЕПА

Безбедносна тревога и кај нашиот западен сосед Албанија

  • Амбасадата на САД во Тирана предупреди дека е можно групи поврзани со Иран да нападнат субјекти поврзани со САД во Албанија

Во објава на американската амбасада во Тирана се вели дека „иранските опозициски елементи со седиште на албанска територија би можеле да бидат цел“.
– Групите поврзани со Иран може да ги имаат на нишан субјектите поврзани со САД или елементите на иранската опозиција во Албанија. Тие исто така може да имаат на нишан вообичаени локации, како што се туристички места, трговски центри, хотели, клубови и ресторани. Ги охрабруваме граѓаните на САД да бидат дополнително внимателни – се наведува во предупредувањето на Амбасадата.
Предупредувањето доаѓа во време кога војната на САД и Израел со Иран влезе во својот втор месец.
Албанските власти, според некои медиуми во Албанија, ја отфрлија содржината на предупредувањето како „шпекулација“, наведувајќи извори со кои се консултирале, а особено безбедносно-разузнавачките агенции на Албанија, кои наводно им изнеле информации спротивни од тврдењата на американската амбасада, односно дека „немаат информации поврзани со вакви закани“.
Предупредувањето доаѓа неколку недели откако хакери поврзани со Иран извршија сајбер-напади врз албанските државни институции и откако парламентот на Албанија го прогласи Иран за државен спонзор на тероризмот.
Односите меѓу Албанија и Иран остануваат напнати, главно поради тоа што Албанија е домаќин на членови на иранската опозициска група МЕК. Имено, Албанија прифати илјадници членови на МЕК во 2013 и 2016 година, по барање на администрацијата на САД, со цел да се избегне хуманитарна катастрофа во нивните претходни бази во Ирак.
Од своја страна, Техеран ја смета МЕК за терористичка организација и директна закана за исламскиот поредок, обвинувајќи ја Албанија за „заштита на терористи“.
Експертите за безбедност предупредија дека зголемените тензии меѓу Иран и САД би можеле да го зголемат ризикот од потенцијални напади надвор од традиционалните конфликтни зони.
Предупредувањето од Амбасадата на САД во Тирана не е изолиран случај, туку латерална рефлексија на долготрајниот геополитички судир меѓу Западот и официјален Техеран, во кој Албанија стана клучна точка поради својата стратешка поставеност, но и поради одредени политички одлуки на Тирана.
Тензиите го достигнаа врвот во септември 2022 година, кога Албанија стана првата земја во светот што ги прекина дипломатските односи со Иран поради сајбер-напади спонзорирани од државата. Хакери поддржани од Иран ја нападнаа дигиталната инфраструктура на албанската влада, вклучувајќи го системот „e-Албанија“ и граничните контроли (ТИМС), предизвикувајќи хаос во јавните услуги. Како одговор, албанската влада им даде рок од 24 часа на сите ирански дипломати да ја напуштат земјата.
Предупредувањето на американската амбасада сугерира дека заканата сега може да премине од дигиталниот/виртуелниот во реалниот физички простор. Наведувањето на туристички центри, хотели и ресторани укажува на загриженост од т.н. напади на волк самотник („lone wolf“) или мали оперативни ќелии. Ако случајно се остварат ваквите најави, тоа значи и загрозување на регионалната безбедност имајќи го предвид фактот дека Албанија е членка на НАТО, така што секој физички напад врз нејзина територија би претставувал сериозен безбедносен предизвик за Алијансата на Балканот.
Иако официјална Тирана првично ги минимизираше предупредувањата како „шпекулативни“, полициските, контраразузнавачките и разузнавачките служби (СХИСХ) го подигнаа нивото на готовност. Веќе е забележано зголемено присуството на полицијата околу кампот на МЕК и дипломатските претставништва. Се врши и засилен мониторинг на лица што влегуваат во земјата од ризични региони.
Како и да е, безбедносната состојба во Албанија во моментов е тесно поврзана со глобалните геополитички поместувања. Предупредувањето на САД служи како превентивна мерка за граѓаните, но и како јасен политички сигнал до Техеран дека активностите на Балканот се под строг надзор. С.Т.


Иранска закана кон Бугарија и прашалници за безбедноста на нашиот источен сосед

Сенка на балистичка ракета над Софија

Во услови на зголемени геополитички тензии и чувствителен безбедносен баланс во регионот, нова дипломатска епизода го отвори прашањето за улогата на Бугарија во потенцијалните конфликти поврзани со Блискиот Исток.
Имено, според информации објавени во некои од бугарските медиуми, Министерството за надворешни работи на Иран, од седиштето во Техеран испратило официјална дипломатска нота до бугарската амбасада, исто така во Техеран, во која се изразува сериозна загриженост поради наводната поддршка што Бугарија им ја дава на Соединетите Американски Држави.
Во документот, како што се тврди, иранската страна повикува на „воздржаност од какви било активности“ што би можеле да се толкуваат како логистичка или воена поддршка на американските сили, вклучувајќи го и присуството на американски воени авиони стационирани на аеродромот „Васил Левски“. Дополнително, Техеран нагласува дека го задржува правото да ги преземе „сите неопходни мерки“ за заштита на својот суверенитет, формулација што во дипломатската практика често се толкува како индиректна закана.
Овие наводи предизвикаа бурни реакции на бугарската политичка сцена.

Балабанов: Што чекаме – да падне балистичка ракета? Таа стигнува за девет минути…

Станислав Балабанов од партијата Има таков народ јавно ја објави, како што тврди, содржината на нотата и остро ја критикуваше актуелната власт. Во својата изјава тој го обвини привремениот премиер Андреј Ѓуров за прикривање на информацијата и за недоволна транспарентност во услови на потенцијална безбедносна закана.
– Што чекаме – да падне балистичка ракета? Таа стигнува за девет минути – изјави Балабанов, алудирајќи на сериозноста на можната ескалација и потребата од итна реакција на институциите.
Тој побара итна смена на премиерот и формирање нова влада, која, според него, ќе биде поспособна да се справи со кризата.
Сепак, досега нема официјална потврда од бугарските власти за постоењето или содржината на ваква дипломатска нота. Недостигот од јасна институционална реакција дополнително ја поттикнува јавната дебата, отворајќи прашања за транспарентноста, безбедносната политика и надворешнополитичката ориентација на земјата.

Нота во чувствителен меѓународен контекст

Аналитичарите предупредуваат дека ваквите изјави и непотврдени информации може да придонесат за ширење паника и дезинформации, особено во чувствителен меѓународен контекст. Тие нагласуваат дека е неопходно внимателно и одговорно информирање, како и координирана комуникација меѓу институциите, со цел да се избегне непотребна ескалација на стравови во јавноста.
Во меѓувреме останува нејасно дали станува збор за реална дипломатска комуникација со сериозни безбедносни импликации или за политички инструментализирана информација во контекст на внатрешните политички пресметки во Бугарија. Сѐ додека не се обезбедат официјални потврди и дополнителни детали, случајот ќе биде предмет на шпекулации и внимателно следење од страна на јавноста и експертите. Р.С.