Илустрација: „Нова Македонија“

Пораките на претседателот на САД, Доналд Трамп, што тектонски го
потресоа Брисел

  • Доналд Трамп испрати две пораки до Европа. Едната ја адресира до Брисел, а другата до актуелните и идните лидери на европските држави. Содржината на пораките беше многу едноставна: САД повеќе не се согласуваат со тоа што се случува денес во Европа!
    Ова е многу важна порака, затоа што објаснува што се подготвени да направат САД за да ја променат ситуацијата
  • Според САД, големите проблеми на Европа се:
    – активности на ЕУ и на други наднационални тела што ги поткопуваат политичката слобода и суверенитетот;
    – миграциски политики (на ЕУ) што го трансформираат континентот и создаваат поделби;
    – цензура на слободниот говор и угнетување на политичката опозиција (исто така на ЕУ);
    – драстичен пад на наталитетот (во ЕУ);
    – губење на националниот идентитет и самодовербата (во ЕУ).
    Според документот, ЕУ е директно одговорна за сите овие проблеми – недвосмислено

Американскиот претседател Доналд Трамп испрати две пораки до Европа. Едната беше за Брисел, а другата за актуелните и идните лидери на европските држави. Пораката беше многу едноставна: САД повеќе не се согласуваат со тоа што се случува денес во Европа.
Ова е многу важна порака, затоа што објаснува што се подготвени да направат САД за да ја променат ситуацијата.
Пораките на Доналд Трамп во основа го потресоа европскиот политички врв. Луѓето од врвот на ЕУ се збркаа, обидувајќи се да го избегнат директното прашање: Што ќе направат самите во врска со тоа?

Американско-европски политички судир

„Политико“ пишува: „Европа се соочува со цивилизациско исчезнување“ – шокантна оценка од Националната безбедносна стратегија на САД. Во документот се наведува дека Европа има економски проблеми, но дека тие се „засенети од реалната и многу пострашна можност за цивилизациско исчезнување во следните 20 години“.
Според САД, големите проблеми на Европа се:
– активности на ЕУ и на други наднационални тела што ги поткопуваат политичката слобода и суверенитетот;
– миграциски политики (на ЕУ) што го трансформираат континентот и создаваат поделби;
– цензура на слободниот говор и угнетување на политичката опозиција (исто така на ЕУ);
– драстичен пад на наталитетот (во ЕУ);
– губење на националниот идентитет и самодовербата (во ЕУ).
Според документот, ЕУ е директно одговорна за сите овие проблеми – недвосмислено и без извинување.
Може да се претпостави зошто Трамп ги упати пораките во врска со ова:
– можеби затоа што е незадоволен од европските лидери што се мешаат во неговиот мировен план за Украина;
– можеби затоа што сака Европа да биде уште попослушна;
– можеби затоа што смета дека е во право;
– или можеби поради сите причини заедно.
Но едно е сигурно: кога ќе ставите вакви работи во официјален национален безбедносен документ, тоа станува – политика! И ова отвора нова политичка динамика каква што не сме виделе во последниве шеесет години. Ова е точка од која нема враќање во односите меѓу Трамп и лидерите на ЕУ.
„Политико“ се обидува да го прикаже документот како „наратив“ што ќе им одговара на европските десничарски партии. Но дали е „наратив“ ако се темели на факти? „Политико“ дури тврди дека падот на Европа е „перципиран“ – како да е само во главите на луѓето.
Но вистинската состојба е едноставна: Перцепцијата е реалност. Ако луѓето се несреќни, ако не се чувствуваат исполнето, ако го губат чувството на припадност – ниеден статистички податок не може да го промени тоа. Бројките не ја мерат среќата. Ниту идентитетот. Ниту духот.

Стратегијата на САД се усогласува со европските патриотски партии

Во документот пишува дека Америка ги охрабрува своите политички сојузници во Европа да го поддржат „преродбенскиот дух“ и растечкото влијание на патриотските партии. Ова е целосно спротивно на она што го поддржува Брисел – затоа таму се појавува непријателство кон Трамп.
Лидерите во ЕУ немаат капацитет да го нападнат директно, па се однесуваат пасивно-агресивно. Тоа се гледа и во протечените разговори што ги објави „Шпигел“.

Ексклузивата на „Ројтерс“: „САД поставија рок до 2027 г.“

Според „Ројтерс“, САД им поставиле рок на европските држави: до 2027 година Европа да преземе најголем дел од одбранбените капацитети на НАТО.
Ова ќе ја промени безбедносната архитектура на континентот. НАТО ја обезбедуваше Европа со децении – всушност ја обезбедуваше и самата ЕУ. Ако Америка се повлече, каде ќе се создаде новиот европски безбедносен штит? Со чија технологија? Со чии пари? И како за само две години?
Европските лидери тврдат дека рокот е „нереален“. И тоа е точно – Европа нема капацитет, ниту финансиски ниту технички.
„Ројтерс“ се обидува да го поврзе ова со „руската закана“, но интересно: во стратегискиот документ на Трамп, Русија воопшто не е наведена како главна закана.
Наместо тоа, заканите се: падот на наталитетот, загубата на идентитетот, цензурата, притисокот врз политичката опозиција.
Европските лидери мора да се држат до руската закана – затоа што со аргументите на Трамп не можат да се борат.
Европа е фатена меѓу геополитички промени, драматични предупредувања од САД, економска нестабилност и промена на безбедносната рамка. Комесарот Јоргесен изјави дека дури и по мирот, ЕУ нема да се врати на руски гас. Но тогаш произлегува прашањето – од каде ќе купува? Од САД – но по многу повисоки цени. Така, зависноста од Русија се заменува со зависност од Америка.
Јоргесен вели дека „не ги разбира“ Унгарија и Словачка. Но тоа е затоа што тие имаат надворешна политика базирана на национален интерес, нешто што во Брисел одамна не е правило.
И додека Брисел се држи до старите наративи, Вашингтон веќе игра нова игра. А како што се вели: ако не сте на масата – вие сте на менито.

Автор: Себастијан Сас, „Размислувај за геополитиката и деконструирај ги медиумските наративи“ (Тhink Geopolitics & Deconstruct Media Narratives)