Пораките од Москва до Брисел, во комбинација со заканите од Вашингтон (за повлекување од Стариот Континент), ги ставија сегашните европски лидери во процеп од кој бараат да излезат што побрзо. Со актуелна војна на своја територија (во Европа), со пораки од Трамп и од Путин што содржински воопшто не одговараат на Брисел, европските лидери се во очајнички обиди да најдат решенија, особено финансиски, за да можат ЕУ и земјите членки „сами да се бранат“
Париски „Либерасион“, пишувајќи на тема „европско вооружување“, оди со една претпоставка: „Да замислиме дека на 22 јуни 2034 година, 90 години по операцијата ’Баграција’ против нацистичка Германија, Русите истовремено ги преминуваат границите на трите балтички држави и Полска. Нападнатите земји бараат помош од НАТО и нивните партнери од Европската Унија со кои се поврзани со клаузула за заемна одбрана. Но Соединетите Американски Држави сметаат дека ова е европско прашање и дека нема да испратат војници, особено затоа што нивните војници го напуштија Стариот Континент откако Доналд Трамп оцени дека локалните одбранбени напори се недоволни. Ако се оствари ова измислено сценарио, не толку неверојатно, дали Европејците ќе можат да се одбранат?“
Европската Унија не е подготвена за американско повлекување
„Заканата што Русија ја претставува за нашата безбедност мора да се сфати сериозно“, потсети естонскиот амбасадор во Франција, Лембит Уибо, зборувајќи пред неколку дена пред Здружението на новинарите специјализирани за одбранбени прашања. Сепак, Европската Унија не е подготвена за американското повлекување. Додека Русија активно го продолжува продорот кон Киев, сѐ подлабоко на европска територија, 27-те шефа на држави и влади, на кои им се придружија британскиот премиер и генералниот секретар на НАТО, се состанаа зад затворени врати вчера, на 3 февруари, во Брисел. Антонио Коста, претседател на Европскиот совет, ја стави на дневен ред подготовката на „бела книга за иднината на европската одбрана, која ќе ги опфати заедничките одбранбени иницијативи и ресурсите потребни за нивно развивање“. За него, ова ќе вклучи „значителни дополнителни инвестиции […] за да ги дополниме резервите, да ја подобриме нашата одбранбена подготвеност против широк опсег на закани – фокусирајќи се на стратегиските приоритети и празнините во критичните способности – и последователно зајакнување на европската одбранбена индустриска и технолошка база“. Што значи тоа?
Може ли НАТО да функционира во случај на напад на Европа?
Организацијата на Северноатлантскиот договор е одбранбен воен сојуз, создаден во 1949 година за да одговори на заканата од Советскиот Сојуз. Нејзиниот член 5 предвидува дека нападот врз еден од неговите членови е напад врз сите нив. НАТО има штаб, лоциран во Брисел, командни структури и инфраструктура, вклучувајќи воздушни бази и радари, но нема ниту постојана армија ниту сопствен одбранбен буџет. Затоа, колективната одбрана се потпира на волјата и соодветните средства на секоја од нејзините 32 земји членки – со барање заштита од НАТО по руската инвазија на Украина, Шведска на тој начин обезбеди воен потенцијал во замена на значителен придонес за Алијансата, со флота од подморници и борбени авиони „ЈАС- 39 грипен“.
Според правилата на НАТО, секоја земја членка мора да посвети најмалку 2 отсто од својот бруто-домашен производ (БДП) на својата национална одбрана, така што сојузниците имаат доволно средства да се соочат со можна криза. Посветувајќи 3,4 отсто од својот огромен БДП на своите воени трошоци, Соединетите Американски Држави де факто преземаат две третини од колективниот воен буџет. Одлуките се носат едногласно, но во бирократијата на НАТО, во практика, доминира Вашингтон, кој е сојузник на малите земји, ги наметнува своите стандарди и ја игра улогата на арбитер во дебатите, нагласува „Либерасион“.
Триесет и двете национални армии имаат различни јазици, култури и опрема. Затоа, војските од НАТО редовно вежбаат да се борат заедно за да ја развијат својата „интероперабилност“. Се спроведуваат и операции, како што се поморски патроли на Балтикот и Медитеранот, а од анексијата на Крим во 2014 година, „небесната полиција“ го штити источниот воздушен простор од руски упади. Но секоја земја членка секогаш ја задржува целосната контрола над своите вооружени сили и слободно одлучува за нивната употреба. Во случај на повикување на членот 5, секој би бил слободен да го избере својот придонес и американскиот претседател, теоретски, би можел да биде задоволен да обезбеди логистичка, политичка или економска поддршка на Алијансата, без да ги ангажира нејзините воени ресурси. Оставајќи го Стариот Континент сам да се снаоѓа.
Дали воените буџети на европските земји се доволни за да се обезбеди нивната безбедност?
Членот 42.7 од Договорот за ЕУ забележува дека „во случај некоја земја членка да биде предмет на оружена агресија на нејзината територија, другите земји членки ѝ должат помош со сите средства во нивна моќ. Денес, 23 од 27 земји на Европската Унија се членки на НАТО (Австрија, Ирска, Малта и Кипар се неутрални, додека Албанија, Канада, Исланд, Македонија, Норвешка, Турција и Обединетото Кралство се во НАТО, но не и во ЕУ.). Мисијата „Аспид“ во Црвено Море покажа дека Европејците би можеле да спроведат воена операција за неколку недели со дуплирање на процедурите на НАТО, но дека многу недостига опремата за вистинско обезбедување на областа. Како што изјави полскиот премиер Доналд Туск пред Европскиот парламент на 22 јануари: „Ако Европа сака да преживее, мора да се вооружи“. Според Европската агенција за одбрана, воените трошоци на дваесет и седумте земји достигнаа 326 милијарди евра во 2024 година, или 1,9 отсто од нивниот кумулативен БДП. Износот е зголемен за 31 отсто во споредба со 2021 година, годината што ѝ претходеше на војната во Украина.
Но напорот е нерамномерно распределен. Полска веќе ги зголеми трошоците за одбрана над 4 отсто и планира да достигне околу 5 отсто до крајот на годината. Литванија штотуку објави дека цели на 5-6 отсто од својот БДП во 2026 година, наместо 3,6 отсто, а во тој напор би можеле да ја следат Естонија и Летонија. Шест земји само надминуваат 2 отсто, како што се Франција и Шведска. Преостанатите, вклучувајќи ја и Германија (1,5 отсто), се значително подолу. Добра третина од оваа потрошувачка, или 102 милијарди евра, е посветена на инвестиции, во споредба со 52 милијарди евра во 2021 година.
Оваа вкупна сума, априори импресивна, сепак претставува помалку од половина од американскиот буџет (886 милијарди долари во 2024 година). Понатаму, европската бројка е погрешна, бидејќи поделбата на национални армии доведува до дуплирање на ресурсите (на пример, дваесет модели на борбени авиони во споредба со шест во САД) и затоа до губење на ефикасноста: се проценува дека Унијата можеше да спроведе само 10 отсто од операциите на американската армија… Овој недостиг од усогласување ги чини Европејците меѓу 25 и сто милијарди евра годишно, инвестирани во неконцентрирани проекти, како што е германскиот проект на „небесниот штит“, или во директна конкуренција со оние на нивните соседи и во кој Франција не учествува. Затоа, земјите не само што мора да трошат повеќе туку мора и подобро, со здружување на нивните напори. Оттаму до достигнувањето 5 отсто од БДП како што бара Доналд Трамп има да се помине долг пат, со оглед на тековните буџетски ограничувања. А парите не се доволни без политичка волја. „Делегирањето на нашата безбедност на Соединетите Американски Држави, кои имаат своја стратегија и се оддалечени 8.000 километри, не функционира секојпат. Ако европските земји се вооружат, Русија нема да нѐ плаши. Но, за ова, Европа мора да научи да донесува одлуки и да зборува со еден глас“, подвлекува француски воен извор за „Либерасион“.
Дали Европа почна да ги предвидува своите потреби?
Од 2022 година сите станаа свесни за потребата од повторно вооружување. Во јуни 2024 година претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, процени дека „се потребни дополнителни инвестиции од околу 500 милијарди евра за следната деценија“, или 50 милијарди годишно. Тиери Бретон, поранешниот еврокомесар за одбрана, извесно време претходно спомена создавање „одбранбен фонд“ со сто милијарди евра во текот на пет години, тврдејќи пред печатот: „Тие сто милијарди се неопходни, според мене, за значително да ја зголемиме нашата одбранбена индустриска база, но и да развиеме заедничка безбедносна инфраструктура“.
За финансирање се споменати две идеи: отстранување на трошоците за воени инвестиции од Пактот за буџетска стабилност или давање голем заем, врз основа на моделот на фондот за закрепнување по ковид. Но здружувањето на ресурсите за набавка на воена опрема и финансирање истражување и развој удира во срцето на националниот суверенитет, при што секој има намера да остане господар на својата земја (оттука и неможноста за европска армија). Оттука, првично, одбранбената Европа вклучува консолидирање на своите индустриски алатки, со цел да се координираат напорите и да се обезбедат европските армии со средствата што им се потребни. Тоа е пристапот што го предложи Емануел Макрон во 2017 година, а го постави Тиери Бретон. Па така, производителите успеаја да го зголемат своето производство на гранати од 155 мм (и 152 модела од Варшавскиот пакт) за да ѝ испорачаат еден милион на Украина. Отсега Унијата произведува повеќе од Соединетите Американски Држави и го продолжува својот подем на моќ.
Како се финансира повторното вооружување на земјите од ЕУ?
Во 2023 година програмата „Едирпа“ беше формирана за да овозможи заеднички набавки со помош од европскиот буџет (300 милиони евра за две години). Како што е наведено од Никола Грос-Верхејд во книгата „Европската одбрана во времето на војната во Украина“, низа држави веќе се договориле за купување оружје за противвоздушна одбрана, муниција на далечина, планирање на следната генерација на површински бродови, европски борбен брод, развој на технологии наменети за спротивставување на роеви беспилотни летала и хиперсонични закани, развивање системи за електронско попречување на комуникациите итн.
Во март 2024 година Тиери Бретон предложи создавање вистински внатрешен пазар на оружје наречен „Едип“ (програма за европска одбранбена индустрија). Неговата цел е да ги премести одбранбените индустрии во операција на воена економија со цел повеќе да не зависат од странски доставувачи и испораки што би можеле да се покажат како несигурни (78 отсто од купувањата се направени во странство, вклучувајќи и 63 отсто во Соединетите Американски Држави), а исто така и да започне заеднички програми за вооружување за да се избегне дисперзија на напорите. Проблем: овој проект е заглавен на степенот на „преферирање на заедницата“ што мора да се воведе во заедничките набавки. Франција, сила опремена со нуклеарно одвраќање, чија „европска димензија“ редовно се споменува, а истовремено одржува стратегиска нејаснотија, инсистира на фактот дека парите на европските даночни обврзници мора да се користат за развој на индустријата на Унијата, а не на трети земји. Другите членови ја истакнуваат нивната потреба брзо да се опремат со купување американска или јужнокорејска опрема, без да се чека подемот на европските производители.
Францускиот министер делегиран за Европа, Бенџамин Хадад, ја подвлекува важноста на претстојниот договор меѓу Франција и Полска
„Ние треба да бидеме способни да ги браниме нашите интереси“
– Европа оди напред наспроти настаните во Украина и плус последиците на изборот на Трамп. Сето ова бара да бидеме помалку наивни и да можат да бидат бранети нашите интереси. Ние го правиме тоа национално ниво се удвојување на воениот буџет за време на двата мандата на Емануел Макрон. Ние исто така го носиме на европско ниво со нови канали за финансирање и поддршка на нашата европска одбранбена индустрија: Ако сакаме повторно да ги намалиме нашите зависности, европските фондови мора да се инвестираат во евроиндустриите, а не во американските или корејските – вели Хадад.
Полска е во прва линија пред заканата од Русија, и таа безбедноста ја стави во приоритетите на нејзиното претседателствување со ЕУ.
– И кога Доналд Туск (претседателот на Министерски совет) вели дека Европа мора да ја земе својата судбина во свои раце, ние гледаме историска шанса за да одиме напред заедно. Јас ја посетив Варшава веднаш штом бев именуван за министер. Американците се наши сојузници, но суштински одговорот е кај нас во Европа – смета францускиот министер за Европа.
Во наредните месеци во Нанси се очекува потпишување договор за стратегиско партнерство меѓу Франција и Полска
Дискусиите меѓу Франција и Полска продолжуваат и се интензивираат. Целта е зајакнување на нашите врски – Полска е земја што го дели нашиот приоритет за конкурентност или одбрана на Европа. А потоа, помеѓу нашите две земји постои историја, која долго време беше непозната.
Во Варшава има статуи на Де Гол и на Наполеон. Тоа исто така важи и за цела Централна Европа: по еден вид пропуштен состанок за време на повторното обединување на европското семејство, ние денес имаме нова динамика.
За време на својот прв мандат Емануел Макрон отиде во сите европски земји, за да има повторно поврзување со долго запоставените партнери.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур