Зошто членувањето на САД во 66 меѓународни организации станува минато?
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека Соединетите Американски Држави ќе се повлечат од десетици меѓународни организации и тела на Обединетите нации, тврдејќи дека тие „дејствуваат спротивно на американските национални интереси“.
Одлуката се однесува на 35 групи што не се членки на ОН и 31 тело на ОН, вклучувајќи ги клучниот договор за климата и телото на ОН што промовира еднаквост на половите и зајакнување на жените. Меѓу нив е и Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, која генерално се смета за „основен“ договор за климата и матичен договор за Парискиот климатски договор од 2015 година.
Повеќеслојна причина
за прекинување на
членството
Овој потег следува по минатогодишното отсуство на Соединетите Американски Држави од годишниот меѓународен климатски самит на ОН, што е првпат во три децении.
– Соединетите Американски Држави би биле првата земја што се откажала од УНФЦЦ. Секоја друга нација е членка, делумно и затоа што препознава дека дури и надвор од моралниот императив за решавање на климатските промени, учеството на масата во тие преговори претставува способност за обликување масовна економска политика и можност – нагласи Маниш Бапна, претседател и извршен директор на Советот за одбрана на природните ресурси.
САД ќе ја напуштат и „ОН жени“, организација што се занимава со родова еднаквост и зајакнување на жените, како и Популацискиот фонд на ОН (УНФПА), агенција на таа меѓународна организација насочена кон планирање на семејството, како и здравјето на мајките и децата во повеќе од 150 земји. САД минатата година го намалија финансирањето на УНФПА.
– За субјектите на Обединетите нации, повлекувањето значи прекин на учеството во тие субјекти или нивното финансирање во мера дозволена со законот – се наведува во дописот.
Трамп веќе во голема мера го намали доброволното финансирање на повеќето агенции на ОН.
Од каде извира
анимозитетот на Трамп кон мултилатералните
институции
Потегот на американскиот претседател Трамп ја одразува неговата долгогодишна претпазливост кон мултилатералните институции, особено Обединетите нации. Тој повеќепати ги доведуваше во прашање ефикасноста, трошоците и одговорноста на меѓународните тела, тврдејќи дека тие често не служат на интересите на САД.
Од почетокот на неговиот втор мандат пред една година, Трамп настојуваше да го намали американското финансирање на Обединетите нации, го запре ангажманот на САД со Советот на ОН за човекови права, ја продолжи суспензијата на финансирањето на палестинската хуманитарна агенција УНРВА и ја напушти културната агенција на ОН УНЕСКО. Исто така тој најави планови за напуштање на Светската здравствена организација и на Парискиот договор за климата.
Други субјекти на американската листа се Конференцијата на ОН за трговија и развој, Меѓународниот енергетски форум, Регистарот на конвенционално вооружување на ОН и Комисијата на ОН за изградба на мир.
Белата куќа изјави дека десетици субјекти што Вашингтон сака што побрзо да ги отстрани промовираат „радикални климатски политики, глобално управување и идеолошки програми што се во судир со американскиот суверенитет и економска моќ“.
Наведено е дека тој потег е дел од ревизија на сите меѓународни меѓувладини организации, конвенции и договори.
– Овие повлекувања ќе ги прекинат финансирањето и учеството на американските даночни обврзници во субјекти што промовираат глобалистички агенди над американските приоритети или кои неефикасно или неуспешно се занимаваат со важни прашања, така што парите на американските даночни обврзници најдобро ќе се распределат на други начини за поддршка на релевантни мисии – се наведува во соопштението на Белата куќа. Р.С.
Целосна листа на меѓународни организации и тела на Обединетите нации од кои Вашингтон најави дека ќе го повлече своето членство
1. Организации надвор од ОН
– Договор за енергија без јаглерод 24/7
– Комисија за соработка во областа на животната средина
– Европски центар за извонредност за спротивставување на хибридни закани
– Форум на европски национални лаборатории за истражување автопатишта
– Коалиција за слобода на интернет
– Глобален фонд за ангажман и отпорност на заедницата
– Глобален форум за борба против тероризмот
– Глобален форум за кибернетичка експертиза
– Глобален форум за миграции и развој
– Меѓуамерикански институт за истражување глобални промени
– Меѓувладин форум за рударство, минерали, метали и одржлив развој
– Меѓувладин панел за климатски промени
– Меѓувладина научно-политичка платформа за биодиверзитет и услуги на екосистеми
– Меѓународен центар за проучување на зачувување и реставрација на културни добра
– Меѓународен советодавен одбор за памук
– Меѓународна организација за развојно право
– Меѓународен енергетски форум
– Меѓународна федерација на уметнички совети и културни агенции
– Меѓународен институт за демократија и изборна помош
– Меѓународен институт за правосудство и владеење на правото
– Меѓународна студиска група за олово и цинк
– Меѓународна агенција за обновлива енергија
– Меѓународен соларен сојуз
– Меѓународна организација за тропско дрво
– Меѓународна унија за зачувување на природата
– Панамерикански институт за географија и историја
– Партнерство за атлантска соработка
– Договор за регионална соработка во борба против пиратството и оружениот грабеж на бродови во Азија
– Совет за регионална соработка
– Мрежа за политика на обновливи извори на енергија за 21 век
– Центар за наука и технологија во Украина
– Секретаријат на Пацифичката регионална програма за животна средина
– Венецијанска комисија на Советот на Европа
2. Организации на Обединетите нации
– Оддел за економски и социјални прашања
– Економски и социјален совет на ОН (ЕКОСОК)
– Економска комисија за Африка
– ЕКОСОК
– Економска комисија за Латинска Америка и Кариби
– ЕКОСОК – Економска и социјална комисија за Азија и Пацифик
– ЕКОСОК – Економска и социјална комисија за Западна Азија
– Комисија за меѓународно право
– Меѓународен резидуален механизам за кривични судови
– Меѓународен трговски центар
– Канцеларија на специјален советник за Африка
– Канцеларија на специјален претставник на генералниот секретар за деца во оружени конфликти
– Канцеларија на специјален претставник на генералниот секретар за сексуално насилство во конфликти
– Канцеларија на специјален претставник на генералниот секретар за насилство врз деца
– Комисија за изградба на мир
– Фонд за изградба на мир
– Постојан форум за лица од африканско потекло
– Сојуз на цивилизации на ОН
– Програмата за соработка на ОН за намалување на емисиите предизвикани од сеча и деградација на шумите во земјите во развој
– Конференција на ОН за трговија и развој
– Фонд на ОН за демократија
– Енергија на ОН
– Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените
– Рамковна конвенција на ОН за климатски промени
– Програма на ОН за човечки населби
– Институт на ОН за обука и истражување
– ОН океани
– Популациски фонд на ОН
– Регистар на конвенционално вооружување на ОН
– Координативен одбор на главните извршни директори на системот на ОН
– Висока школа за персонал на системот на ОН
– Политика на ОН за вода
– Универзитет на ОН Р.С.
































