Професорот Јифу Лин вели дека трговските војни се штетни за светот

Постои значителна разлика во актуелната стратегија на американскиот претседател Доналд Трамп при воведувањето финансиски мерки кон Кина во однос на неговиот прв мандат на функцијата, бидејќи тој сега ги изрече сите финансиски мерки наеднаш. Кина, пак, го задржува истиот отворен став за преговори, но ако САД сакаат борба, ќе одиме наспроти нив докрај, вели кинескиот економски експерт и универзитетски професор Јифу Лин, проценувајќи дека американско-кинеската трговска војна може да трае долгорочно. Тој пред медиумите во Пекинг систематски ги анализираше промените во меѓународниот економски пејзаж, еволуцијата на кинеско-американските односи, како и изгледите за економски развој на Кина, истакнувајќи дека меѓусебната соработка е клучна за решавање на несогласувањата во тековниот трговски спор помеѓу двете најголеми светски економии

Експертска анализа за кинеската економија и за можните ефекти од трговската војна со САД

Напорите на САД за стекнување воена, технолошка и финансиска предност со цел ограничување на Кина, односно за спречување таа да има посилен глас на меѓународната политичка сцена, ја претставуваат суштината на меѓусебната конкуренција, со што економската конфронтација ќе опстојува долгорочно и покрај тоа што нетргувањето е заемно штетно, наведува Јифу Лин, почесен декан и професор на Националната школа за развој на Универзитетот во Пекинг, поранешен главен економист и виш потпретседател за развојна економија во Светската банка. Тој пред медиумите во Пекинг систематски ги анализираше промените во меѓународниот економски пејзаж, еволуцијата на кинеско-американските односи, како и изгледите за економски развој на Кина, истакнувајќи дека меѓусебната соработка е клучна за решавање на несогласувањата во тековната трговска војна помеѓу двете најголеми светски економии.

Преостанува огромен пазар за трговија и при евентуално самоизолирање на САД

Професорот го застапува ставот дека меѓународната трговија може да се води на огромен пазар, по принципите на Светската трговска организација (СТО), дури и при евентуална економска самоизолација на САД.
– Трговските војни се штетни за светот, а особено за помалите земји. Иако американската економија е голема, таа сочинува само 15 отсто од глобалната економија. Најдобар начин е другите 85 отсто од светските економии да се обединат наместо да преговараат одделно. Ако другите застанат заедно, дури и ако САД се изолираат, ние сепак имаме огромен пазар и можеме да ја водиме трговијата според принципите на СТО, на поотворен и покооперативен начин. Дали САД ќе изберат да се изолираат е нивна одлука, но се надеваме дека сите земји ќе работат за благосостојбата на својот народ и на глобалниот развој – вели професорот Јифу Лин.
Загубите на САД би ги надминале оние на Кина во случај на запирање на трговската размена, според реномираниот економски експерт.
– Ако трговската размена престане, загубите на САД би ги надминале оние на Кина, особено затоа што САД се земја со висок приход, со свои индустрии во високотехнолошки сектори. Овие високотехнолошки претпријатија се потпираат на кинескиот пазар, без кој не можат да одржат профитабилност за да го поддржат технолошкото лидерство. Затоа, економското раздвојување би имало поголемо негативно влијание врз САД. Во изминатите 40 години, Кина беше единствената голема економија што не доживеала системска економска или финансиска криза – тврди професорот.

Промена на стратегијата на Трамп кон Кина: Сите карти отворени наеднаш

Искусниот познавач на глобалните економски околности посочува значителна разлика во сегашната стратегија на американскиот претседател Доналд Трамп при воведувањето финансиски мерки кон Кина, во однос на неговиот прв мандат.
– За време на првиот мандат на Трамп, неговата трговска и технолошка војна против Кина ескалираше постепено, при што тој не ги откри сите карти наеднаш. Во такви околности, и бидејќи тој сè уште беше подготвен да преговара, не одбивме да разговараме, држејќи ја отворена вратата за преговори. Згора, тој не ги изрече сите мерки наеднаш. Овој пат ситуацијата е поинаква бидејќи сите мерки излегоа наеднаш. Ние го задржуваме истиот отворен став кон преговори, но ако сакаат борба, ќе одиме наспроти нив докрај – објаснува професорот Јифу Лин.
Тој е категоричен дека Кина нема да попушти во трговскиот спор со САД, како ниту Европската Унија, а ги поттикнува и помалите држави да не се предаваат при соочувањето со американските трговски мерки.
– Како бизнисмен, Трамп се гордее со своите преговарачки вештини. Тој верува дека со меѓународната трговија, економија и политика може да постапува како при деловни зделки, преку создавање поволни преговарачки позиции за склучување договори. Според него, ако одбиете да тргувате со мене, вашата загуба е поголема од мојата, што ми дава посилна преговарачка моќ и ќе мора да попуштите. Но мислам дека има голема грешка во неговата логика. Светот сè уште зависи од јавните добра и меѓународните правила. Без нив, тешко е да се одржи редот. Кина, но и ЕУ нема лесно да попуштат бидејќи имаат еднакво силни карти. Дури и малите земји не треба да се предадат. Треба да го вратиме меѓународниот поредок заснован на правила – смета професорот Јифу Лин.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги суспендира на 90 дена огромните царини што ги објави за десетици земји на 2 април, освен за оние кон Кина, издвојувајќи ја втората по големина економија во светот. Вашингтон преку низа мерки ги зголеми тарифите за кинескиот увоз на 145 отсто, по што Пекинг одговори со царини од 125 отсто за американските стоки, со што двете страни поставија меѓусебни трговски ембарга. Кина потоа сигнализираше дека нема дополнително да ги зголеми воведените тарифи, при што кинеските власти нагласија оти државата е одлучна и способна да ги зачува сопствените права и интереси.

Развојот преку меѓусебна соработка клучен за решавање на несогласувањата

Наспроти ескалацијата на американско-кинескиот спор, професорот Јифу Лин нагласува дека растот и развојот преку меѓусебна соработка се клучни за решавање на проблемите.
– Отсекогаш сме верувале дека трговијата е заемно корисна и овозможува вин-вин ситуација. Трговијата е од корист за Кина, за САД и за светот. Ако двете најголеми економии работат заедно, тоа ќе донесе заеднички развој на двете земји и исто така ќе обезбеди подобри можности за глобален раст. Ние веруваме дека растот и развојот се основата и клучот за решавање на проблемите – и за Кина и за другите земји – заклучува професор Јифу Лин.
Тој верува дека Кина може да ги оствари зададените цели за економски раст и покрај ескалацијата на трговската војна. Основните двигатели на континуираниот раст на Кина, според професорот, лежат во технолошките иновации, индустриската надградба и формирањето нови продуктивни капацитети во индустриите во развој.
– Лично верувам дека сè уште може да се постигне целта за економски раст од пет отсто предложена на годинашните „Две сесии“, сè додека добро управуваме со нашите работи и добро ги користиме нашите предности. Верувам дека одржувањето раст над пет отсто е целосно остварливо. До 2050 година, годишниот придонес на Кина во глобалниот економски раст ќе достигне 30 отсто – резимира економскиот експерт.


Министерот за финансии на Америка, Скот Бесент, прв навести деескалација на трговската војна на Вашингтон со Пекинг

Трамп: Сто четириесет и пет проценти е многу високо за Кина, тоа значително ќе се намали

САД се подготвени за деескалирање на трговската војна со Кина. Министерот за финансии на Америка, Скот Бесент, прв навести деескалација на трговската војна со Пекинг. Најавата за деескалација го оживеа и Волстрит, каде што запре силниот пад на акциите. Бесент ги нарече царините со Кина неодржливи, повторувајќи ги чувствата споделени со „Јаху фајнанс“ минатата недела дека е оптимист за „јасност на царините“.
Конкретна потврда за тоа беше и најновиот разговор на претседателот на САД во Белата куќа. Имено, тој подвлече дека „царините за Кина нема да останат на високите нивоа на долг рок“.
– Сто четириесет и пет проценти е многу високо. И тоа наскоро нема да биде толку високо. Тоа значително ќе се намали. Нема да биде нула. Порано беше нула – им рече Трамп на новинарите.
Изјавата на Трамп во Белата куќа следуваше откако министерот за финансии на САД, Бесент, на самитот зад затворени врати во вторникот им кажа на инвеститорите дека гледа деескалација во американско-кинеската царинска ситуација, што веднаш предизвика силна реакција на американските берзи. Имено, акциите закрепнаа, а зајакна и вербата на инвеститорите за потенцијална деескалација на трговските војни на претседателот Трамп.

Милко Живковиќ, наш известувач од Пекинг