Фото: Фејсбук-страница на американската амбасада во земјава

САД го поддржуваат Преспанскиот договор со Грција и беа разочарани што претседателката Гордана Силјановска-Давкова не го користеше уставното име Северна Македонија при инаугурацијата на функцијата, рече во разговор за „Сакам да кажам.мк“ Елизабет Ален, потсекретарка за јавна дипломатија и односи со јавноста на Стејт департментот, а пренесе МИА.

Ален денеска со посетата на Македонија ја заврши турнејата низ земјите на Западен Балкан, при што ги посети Босна и Херцеговина, Србија и Косово.

На прашањето што би се случило ако новата македонска влада реши да не го почитува Преспанскиот договор со Грција, дали и што САД ќе променат во поддршката за Македонија, Ален изјави дека не сака да прејудицира ништо, но се надева дека Преспанскиот договор ќе се почитува.

Амбасадата на САД во Скопје на својата фејсбук-страница објави дека Ален денеска за време на посетата на земјава, имала средба со експерти за интегритет на информации на која се разговарало за заштита на слободните и отворени општества од малигни влијанија. Таа го посетила и археолошкиот локалитет во Стоби.

Посетата на Ален на Македонија е дел од нејзината регионалната турнеја со цел да се продлабочат партнерствата со земјите од Западен Балкан и да се унапредат заедничките цели за регионална соработка и европска интеграција.