За разлика од македонските искуства, во современите демократии се клучни токму овие општествени контролни механизми над управувањето: функционерите да останат под објективна и законска предвидена опсервација, да преземаат одговорност за секоја своја постапка, да реферираат за секој чекор и на функцијата да опстојуваат врз основа на делата што ги прават за својот народ и за својата држава, а не за својата партија. Токму контролата врз работата на политичарите, функционерите, бизнисмените им овозможи на земји како САД и Канада, но и редица европски земји, да бараат одговорност секогаш кога ќе се појават и најмали индикатори на недоследност, што, од друга страна, не овозможува коруптивните форми и облици да наидат на плодна почва и да станат „вообичаени и системски“
Контролни механизми во општеството само на хартија (2)
Традиционалното сфаќање на секоја демократска држава почива врз идејата нејзините институции и процедури да обезбедат како „владеење на народот“ така и „владеење во име на народот“. Со други зборови, таа треба да овозможи ефикасни механизми за изразување на волјата на граѓаните и пред сè одговорност, односно контрола и надзор на оние што „во својство на носители на јавни функции, во име на државата“ носат одлуки.
За жал, сѐ потешко ова е препознатливо во Македонија, иако постојат сите можни контролни тела што треба да обезбедат „владеење на и за народот“. Практиката кај нас, според соговорниците, се идентификува со едно сосема поинакво мото, односно „владеење за себе и за партијата“.
Без оглед што традиционалното начело на поделба на власта бара меѓусебно контролирање од страна на трите власти во земјава – законодавната, извршната и судската, во практика контролните механизми, според познавачите на политичкиот систем кај нас, целосно затаија, што доведе до создавање средина во која „никој за ништо не презема никаква одговорност, а кога одговорноста ја нема, почнуваат да царуваат коруптивните поведенија“.
Според повеќето наши соговорници, добри познавачи на политичкиот систем и на контролните механизми во општеството, во Македонија „не само што изостанува контролата над трите власти и нивните носители туку никој не обрнува поголемо внимание ниту на редица дополнителни контролни механизми за регулирање на управата/управувањето од страна на независните контролни институции, не се почитуваат стандардите и правилата што се дел од самите управни процеси, а внатрешни надзорни механизми во рамките на институциите речиси и не постојат или, ако веќе постојат, тие се само обичен декор“! А каква е сликата во развиените земји, за пример?
Контролните механизми за управувањето се клучни функционерите да преземаат одговорност за секоја своја постапка
За разлика од македонските искуства, во современите демократии се клучни токму овие контролни механизми над управувањето, функционерите да останат цврсто на земја, да преземаат одговорност за секоја своја постапка, да реферираат за секој чекор и на функцијата да опстојуваат врз основа на делата што ги прават за својот народ и за својата држава, а не за својата партија. Токму контролата врз работата на политичарите, функционерите, бизнисмените им овозможи на земји како САД и Канада, но и редица европски земји, да бараат одговорност секогаш кога ќе видат дека работите излегуваат надвор од контрола, што, од друга страна, не овозможува коруптивните форми и облици да наидат на плодна почва и да станат вообичаени и системски. Да ги земеме најпрвин за пример моќните контролни механизми во САД. Имено, кога станува збор за демократските параметри, САД се државата на која сите сакаат да се огледаат и да ги применат истите или сличните искуства при градењето на демократијата.
Контролирањето на политичарите и функционерите, без оглед на нивниот ранг, е неприкосновено во оваа држава и тоа придонесе да не може да се концентрира моќта во рацете само на еден или неколку луѓе, туку дури и најмоќните се под будно око на некое контролно тело и пред очите на јавноста.
Најновиот ваков случај се однесува на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој и неколку години по завршувањето на неговиот мандат е под опсервација на разни контролни тела, кои истражуваат дали тој во некој дел ги надминал своите надлежности. Имено, Комитетот на Претставничкиот дом што го истражуваше нападот на американскиот Конгрес од 6 јануари 2021 побара од федералните обвинители да го обвинат Доналд Трамп за опструкција и побуна за неговата улога во поттикнувањето на смртоносниот упад. Барањето до Министерството за правда не е обврзувачко, но се случува во момент кога поранешниот претседател врз основа на наодите на други контролни тела се соочува со уште две федерални истраги, за обидот да го поништи неговиот изборен пораз во 2020-та и за отстранувањето доверливи документи од Белата куќа.
Контролата во работењето открила и дека поранешната американска државна секретарка Хилари Клинтон го користела личниот необезбеден имејл-сервер инсталиран во нејзиниот дом во Њујорк за државни работи, поради што мораше да оди на сослушување во ФБИ.
Контролните механизми во САД функционираа беспрекорно со години, почнувајќи од аферата „Вотергејт“, кога поранешниот американски претседател Ричард Никсон мораше да се повлече од функција кога најпрво ФБИ, а подоцна и Комитетот за Вотергејт на Сенатот утврдиле дека лица блиски на тогашниот американски претседател поставиле уреди за прислушување во изборниот штаб на соперничката Демократска партија во комплексот Вотергејт во Вашингтон.
Овие примери јасно покажуваат дека во САД контролата врз работата на сите функционери, особено оние на клучни позиции, не смее никогаш да затаи. Но не само политичарите, повеќе контролни алатки го следат работењето и на првите луѓе на големите компании што со својата дејност на некој начин можат да ѝ нанесат штета на државата.
Имено, пред нешто повеќе од четири години директорите на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер беа сослушувани од страна на американски сенатори што се обидуваат да ги искоренат руските оперативци и други агенти и да спречат обиди за влијание врз изборите во Конгресот.
Неодамна својата работа си ја заврши и уште едно контролно тело во САД, поточно Комисијата за хартии од вредност на САД, по чие барање беше уапсен Сем Бенкмен-Фрајд, кој е обвинет за една од најголемите финансиски измами во историјата. Против него се поднесени обвиненија за електронска измама, измама со хартии од вредност, измама со стоки и перење пари. Обвинет е за измама на заемодавците, инвеститорите и корисниците.
Сите овие примери говорат дека САД имаат развиен систем на поврзани контролни механизми во сите сфери и, што е уште поважно, препораките што доаѓаат од овие контролни тела не се само препораки дадени на хартија туку иницираат системска реакција и ги активираат и другите механизми што ги има државата, почнувајќи од Обвинителството, кое треба да ги утврди сите факти и докази и да донесе одлука дали ќе поднесе обвинение, по што на сцена стапува Судот, кој одлучува за казната. Овој систем на контрола гарантира правна разврска на секоја афера, а со тоа и преземање одговорност за стореното незаконско дејство. На овој начин останале трајно запечатени многу политички кариери, а добар дел учесници во тие афери завршиле далеку од политиката, а некои од нив и зад решетки.
Систем на контрола за спречување на неодговорното работење
Системот на контрола на работењето на политичарите и воопшто на сите функционери во САД гарантира одговорност за секоја постапка што не е во согласност со законските начела и воопшто со демократијата и како таков е прифатен од сите што во некој момент стапуваат на некаква функција, подготвени да преземат одговорност, но и казна ако ги прекршат принципите врз кои се изградени САД.
Американскиот Конгрес е дводомно легислативно тело на федералната влада на САД, кое се состои од Сенат и Претставнички дом. Сенаторите и претставниците се избираат на директни избори. Но она што е клучно, тоа е дека целокупната законодавна власт на САД е во рацете на Конгресот. Иако имаат некои специфични улоги предвидени со Уставот на САД, Претставничкиот дом и Сенатот се рамноправни партнери во законодавниот процес. Претставничкиот дом има некои ексклузивни права, како на пример да иницира закони за даноци, да поведува интерпелации и да го избира претседателот на САД во случај на нерешен резултат од директните претседателски избори. Сенатот се смета за покохезивно тело од Претставничкиот дом, бидејќи е многу помал и сенаторите служат подолг мандат – затоа се поколегијални, помалку партиски спротивставени и помалку изложени на јавните притисоци отколку претставниците. Сенатот има неколку ексклузивни одговорности, а најважно е дека е задолжен да ги ратификува меѓународните договори, да го потврдува назначувањето на јавни функции од страна на претседателот на САД, да суди во случај на интерпелации за претседателот итн. Покрај тоа, Сенатот и Претставничкиот дом работат заедно на донесувањето нови закони: и двата дома мора да ги изгласаат за тие да станат полноважни. Тоа значи дека во старт има меѓусебна контрола на двете тела во рамките на Конгресот, што овозможува секогаш да се носат квалитетни закони што ќе поминат низ двоен филтер и нема да се туркаат насила од страна на една или друга политичка опција.
Има големи разлики помеѓу политичкиот систем на САД и оној на другите развиени демократии. Ова вклучува поголема моќ на Горниот дом од законодавството, поголем спектар на моќта на Врховниот суд, поделба на моќта помеѓу законодавната и извршната власт и доминација на само две партии.
– Во САД сè излегува пред очите на јавноста. Најпрво излегува пред соодветната комисија на Сенатот или на Долниот дом на Конгресот. Дури и луѓе што самиот претседател ги именува и не мора да ги потврди, можат да го повикаат на сослушување. Претседателот не може да побегне од такво сослушување. Штом си викнат на сослушување во Конгресот, исто како суд да те викнал – објаснува Ивица Боцевски, аналитичар и поранешен вицепремиер.
Според него, во американскиот Конгрес има комисии слично како и кај нас, со тоа што таму овој механизам на контрола функционира.
– Тие комисии таму, бидејќи сè излегува во јавност, имаат надзорна улога и кога некој ќе биде повикан, мора да се појави и да даде одговори на поставените прашања. Таа комисија може да предложи понатамошна постапка ако утврди прекршување на законите и тоа тече до конечна разврска – објаснува Боцевски.
Тој понатаму ја истакнува важноста на тие контролни механизми во САД и кога се именуваат врховни судии.
– Сенаторите таму сакаат да знаат буквално сè за кандидатите за врховни судии. Прво го испрашуваат кандидатот да видат која му е правната филозофија, да видат колку вреди како личност, па му ја проверуваат биографијата, каде полагал и со какви оценки. Сето тоа е многу релевантна работа. Ова е тој контролен механизам што спречува анонимци и нестручни луѓе да се најдат на висока и одговорна позиција, особено кога станува збор за американското правосудство – посочува Боцевски.
Понатаму тој потсетува и на практиката на САД контролните тела да запрат именување на некој амбасадор ако утврдат дека таа личност не е соодветна за функцијата и не се покажала пред тие контролни тела.
– Ако добро се сеќавам, на поранешните американски претседатели Роналд Реган и Џорџ Буш им пропаднаа две номинации за врховен судија, бидејќи тие лица што беа номинирани не се покажаа дека можат да се носат со функцијата. Тие контролни тела во САД функционираат и затоа нема заталкани луѓе на функциите – заклучува Боцевски.
И во европските држави политичката контрола радикално се пресметува со неодговорното владеење
Контролните механизми на европско тло во земјите со развиен демократски капацитет функционираат врз истиот принцип – детектирање одредена состојба, препорака и постапување.
Тој принцип најдобро можеше да се забележи за време на неодамнешното апсење на една од потпретседателите на Европскиот парламент, Ева Каили. Нејзиното апсење следуваше по претходна истрага и активирање на сите контролни тела и на Белгија, како и на самата Европска Унија, почнувајќи од она за следење потенцијална корупција до телото задолжено за борба против измами, поточно Европската канцеларија за борба против измами.
Истрагата траела неколку месеци и биле вклучени повеќе тела, кои требало да утврдат каде се прекршени законите, дали имало тргување со влијанија, примање мито, влијаење врз одлуки на ЕУ. И тука функционирал систем на контролни механизми, што резултира со апсењето на Каили и уште неколку лица. Дополнително, европските тела за контрола на работата на европските функционери продолжуваат да ги истражуваат сите сомнителни процеси, така што не е исклучено во притвор да се најдат и други европски функционери. За слично тргување со влијанија и примање мито пред неколку години беа осудени и првите луѓе на Европската куќа на фудбалот, УЕФА, Сеп Блатер и Мишел Платини, откако контролните механизми детектирале незаконски активности.
На европско тло еден вид пандан на американското функционирање на контролните тела врз работата на политичарите е Франција, каде што будно се следи работата на секој функционер, како од страна на оние што треба да ја контролираат нивната работа, така и од страна на јавноста.
Пред година и половина поранешниот француски претседател Никола Саркози беше осуден на три години затвор поради поткуп и вршење недозволено влијание. Условна затворска казна поради корупција пред повеќе од десет години доби и поранешниот претседател Жак Ширак. Тој беше прогласен за виновен за проневера на јавни фондови додека бил градоначалник на Париз од 1977 до 1995 година.
Ова најдобро потврдува дека системот на контрола мора постојано да функционира и да нема недопирливи, оти во спротивно корупцијата лесно зема замав. Но контролните механизми не се потребни само да се откриваат незаконските дејства, тие се тука и да спречат неподобни луѓе да заземат некоја функција. Имено, европски тела претходно ги испитуваат сите кратки биографии и квалификации на кандидатите за одредена функција за да бидат способни да одговорат на предизвиците пред кои ќе бидат исправени. Во Европскиот парламент има неколкудневно испитување на сите кандидати предложени за еврокомесари и ако пратениците не се задоволни од некој кандидат, можат да побараат негова замена со друг кандидат. Тоа говори за контролен механизам од страна на ЕП на кандидатите за комесари на Европската комисија, што спречува несоодветни и нестручни кандидати да вршат функција во рамките на ЕК.
Реална, а не декларативна транспарентност во работењето, а општествената контрола треба да биде бескомпромисна
Практиката на контролни тела во САД, но и во Европа, покажа дека ако Македонија сака да ги споделува овие демократски вредности, треба да почне така и да се однесува. Тоа подразбира одговорно владеење на сите, транспарентност, увид на јавноста во работењето на секој функционер, но и подготвеност да се реферира пред секое надлежно надзорно тело, а не да се наоѓаат изговори како да се избегне тоа. Контролните тела и механизми одамна се воспоставени и кај нас, но функционерите продолжуваат и натаму дрско да ги игнорираат, затоа што на тој начин избегнуваат секаква одговорност за своите коруптивни активности од една страна, но и можност за брзо богатење на сметка на осиромашувањето на народот и државата. Како и да е, барањето одговорност почна да одекнува сè посилно, време е да се направи првиот чекор.
(продолжува)