Фото: „Нова Македонија“

Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ откри дека е направен упад во видеонадзорот во министерството со кое тој раководи. Според Стоилковиќ, упадот во системот за снимање на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците бил направен откако тој бил назначен за министер

За тврдењата дека е направен упад во видеонадзорот на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците

Две големи афери со прислушување во изминативе дваесетина години се покажаа како пресвртен фактор во политичките текови во Македонија. Иако законитоста на прислушуваните материјали и нивната „употребна вредност“ беа предмет на длабоки анализи и противречности кај правните експерти и во јавноста, овие афери предизвикаа политички и општествени тектонски потреси и практично го превртеа целиот правен систем со формирање правни институции надвор од Уставот (на пример институцијата СЈО), а довербата во владеењето на правото во земјата и во правосудниот систем беше толку темелно ерозирана, што сѐ уште не може да се позиционира на вистинските и принципиелни патеки на чесноста, правото и правдата.

Од „Големото уво“, па натаму…

Аферите со прислушување, таканареченото „Големото уво“ од 2001 година и т.н. „Вистината за Македонија“ (2015 г.), некако многу симптоматично се совпаднаа со настани што од оваа временска дистанца се покажаа како спротивни и на штета на македонските национални интереси. Навистина индикативно и за подлабока анализа е што како некаков епилог во годината кога започна аферата „Големото уво“ беше потпишувањето на Охридскиот договор, а како „резултати“ на „Вистината за Македонија“ се случија Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор, кои наместо да бидат олеснувачки фактор во македонските евроинтеграции се покажуваат како дополнителни компликатори на целиот процес.
На прв поглед изгледа дека аферите со објавувањето на следењето на комуникациите на одредени личности се покажа дека беа добро искористена алатка за манипулација со јавноста мислење во Македонија, за спроведување нечии интереси, а сигурно не во функција на владеење на правото и зацврстување на правната држава, затоа што тоа едноставно – не се случи.

Прислушувањето се „надградува“ со недозволен видеонадзор?!

Пред некој ден, вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ откри дека е направен упад во видеонадзорот во министерството со кое тој раководи.
– Како заменик-претседател на Владата имам соодветни и безбедносни мерки околу мене и луѓето што се грижат за таа работа направија проверки за контратероризам и сакаа да утврдат кој е надлежен за видеонадзорот во Министерството и кој го контролира. Но немаше ниту еден одговор на тоа прашање, па затоа се обратив до фирмата што го сервисирала, односно монтирала видеонадзорот – ѝ откри на јавноста Стоилковиќ, наведувајќи дека во доставениот извештај од фирмата „Мак аларм“ било укажано оти во деновите пред контролата бил овозможен пристап за далечинско следење на уредите за снимање.
Според Стоилковиќ, упадот во системот за снимање на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците бил направен откако тој бил назначен за министер.
– Во рутинската безбедносна контрола при преземањето на должноста во министерството беше констатирано дека нема скриени уреди за следење и прислушување, но при проверката од страна на фирмата што во јули 2022 година добила тендер за инсталирање на системот за видеонадзор беше откриено дека од одредени надворешни ајпи-адреси, во точно наведено време бил извршен упад во системот за видеонадзор на министерството. Тој упад се случил во периодот кога јас сум веќе назначен за министер и почнав активно да ја извршувам должноста. Со доказите што ми беа доставени од фирмата што го инсталирала видеонадзорот доставив пријава до МВР, односно до Управата за компјутерски криминал. Доказите се доставени и понатаму постапката е во надлежност на МВР. Од резултатите на истрагата зависи дали Обвинителството ќе поведе постапка. Доколку се откријат сторителите на упадот во видеонадзорот преку доставените ајпи-адреси, големи се можностите за постапки по основа на неколку кривични дела, почнувајќи од нарушување на приватноста на вработените, до можности за мобинг и уцена на вработените… Но, секако, тоа зависи од резултатите на истрагата и постапките што понатаму ќе ги преземе Обвинителството. Моја обврска беше да пријавам и да доставам докази за сознанијата што ги добивме по безбедносната проверка на министерството, што може да ја загрозат работата, но и безбедноста на вработените – вели за „Нова Македонија“ министерот Иван Стоилковиќ.

„Скриени опсервации“ за политички импликации

Преземањето на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците (кое на некој начин кај албанските политички субјекти во Македонија се смета за „чувар“ на Охридскиот договор) од страна на министер што е припадник на друга малцинска заедница во земјава, односно не е етнички Албанец, предизвика своевидни протестни реакции од редовите на поранешната раководна структура во министерството, т.е. од партијата ДУИ. Претходно, ова министерство беше познато и како полигон за слободни спортски активности на министрите од оваа партија во претходниот владин состав, но и како своевидна партиска резиденција за „меѓународни средби“ на челниците на ДУИ. Целиот политички контекст остава простор за зголемена претпазливост во однос на наивноста на упадот во системот за видеонадзор во објектот на министерството преку надворешна ајпи-адреса. Истовремено, овој случај ги отвора и прашањата за ризикот во однос на информатичката безбедност и на другите државни институции.
– Се распрашав во меѓувреме и одредени експерти велат дека ако ајпи-адресите не се посебно компјутерски заштитени или немаат некоја друга криптозаштита, лесни се за наоѓање и многу лесно може да се констатира од каде бил вршен упадот во министерството. Што се однесува до ризикот за вакви информатичко-безбедносни ризици во други институции, не би сакал да навлегувам во нечија туѓа одговорност. Претпоставувам дека како што ние ја спроведовме безбедносната процедура, тоа ќе го сторат и другите институции. Но нашиот случај можеби е поспецифичен, затоа што очигледно е дека објектот на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците бил претходно користен и како штаб на политичка партија – вели министерот Иван Стоилковиќ.


Деновиве во јавноста повторно се појави информација дека македонските хакери биле активни со свои малициозни ИТ-активности преку Атлантикот. Македонија беше спомнувана на слична тема во глобалните медиуми и пред неколку години, кога велешани беа обвинети дека го помогнале изборот на Доналд Трамп за претседател на САД во 2016 година. Овој пат, македонските хакери се посочени за, наводно, влијание на неодамнешниот изборен процес во Венецуела

За тврдењата дека е направен упад во видеонадзорот на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците

Следењето на комуникациите и манипулацијата со податоци станаа негативна појава во ИТ-подземјето на Македонија

Јавниот обвинител на Венецуела, Тарек Вилијам Сааб, впери прст кон „хакерите од Македонија“, односно дека одредени поединци, ИТ-експерти од Македонија, имале влијание на неодамнешниот изборен процес во Венецуела, со противправни активности и противправен малициозен пробив во венецуелскиот систем.
Наедно, јавниот обвинител на Венецуела, Тарек Вилијам Сааб, посочи и постоење на основи на сомневање дека тамошната локална опозиција имала „соработка со македонските хакери при што се направиле обиди за манипулирање на изборните резултати за избор на претседател, кои завршиле неуспешно“.
Венецуелскиот јавен обвинител официјално објави дека е поведена истрага за хакирање на системот за пренос на податоци на Националниот изборен совет (ЦНЕ). Според Сааб, овој сајбер-напад, наводно „координиран од С. Македонија, имал цел да ги промени изборните резултати во корист на опозицијата“. Главните опозициски фигури што се вмешани ги вклучуваат Марија Корина Мачадо, Лестер Толедо и Леополдо Лопез.
Македонија беше спомнувана на слична тема во глобалните медиуми и пред неколку години, кога велешани беа обвинети дека го помогнале изборот на Доналд Трамп за претседател на САД во 2016 година.
Станува збор за сериозни обвинувања, но барем досега нема никакви конкретни докази што ќе го поддржат тврдењето за изборна манипулација. Единствен податок што го сподели Сааб е дека системот е хакиран да ги манипулира влезните податоци и со тоа да ја промени волјата на гласачите. Ова, секако, би влијаело и на исходот на изборите. Македонските хакери се обвинети и за доцнењето на првите вести за победата на актуелниот претседател Николас Мадуро.