Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека се уште нема конкретни разговори со Алијансата за Албанците за програма за соработка и за кадровски прашања.
– Кога зборуваме за Алијансата за Албанците, тогаш треба да кажеме дека таа соработка треба да се направи врз основа на две претпоставки. Првата е програмско-политички и втората е кадровска и за такви се уште нема конкретни разговори – изјави денеска Ковачевски, кој заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска Стојческа беше во посета на Преспа.
Ковачевски ги повтори ставот дека, според него, во државата има два концепти – едниот е „концепт за европска Македонија“, односно продолжување на патот на преговори и зачленување на државата во ЕУ, а вториот, како што рече, е концептот на Левица и нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ против ЕУ и НАТО. Овие партии, според Ковачевски, тоа го потврдиле, преку сите гласања до сега во изминативе 31 година.
– Нема една стратешка одлука која ВМРО-ДПМНЕ ја поддржало, за жал. За сите политички партии кои се за концептот за европска Македонија вратата е отворена – рече премиерот Ковачевски.